Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Библијата — која е нејзината порака?

 ДЕЛ 22

Апостолите бестрашно проповедаат

Апостолите бестрашно проповедаат

И покрај прогонството, христијанското собрание брзо расте

ДЕСЕТ дена откако Исус се вознел на небото, околу 120 негови ученици биле собрани во една куќа во Ерусалим на еврејскиот празник Педесетница, во 33 год. од н.е. Одеднаш настанал шум од небото, како при налет на силен ветар, и ја исполнил целата куќа. Учениците со чудо почнале да зборуваат на јазици кои пред тоа не ги знаеле. Што било причината за овој необичен настан? Бог го излеал својот свет дух врз учениците.

Во градот имало многу народ бидејќи луѓе од разни земји дошле да го прослават празникот. Тие се зачудиле кога чуле како учениците на Исус течно зборуваат на нивните јазици. Објаснувајќи им што се случило, Петар го цитирал пророкот Јоил, кој рекол дека Бог ‚ќе го излее‘ својот дух, и дека оние врз кои ќе биде излеан ќе добијат чудотворни дарови (Јоил 2:28, 29). Ова излевање на светиот дух потврдило дека настапила една многу важна промена: Израелците повеќе не биле Божји избран народ. Наместо нив, Бог го прифатил новооснованото христијанско собрание. Оние што сакале да му служат на прифатлив начин требало да станат следбеници на Христос.

Во меѓувреме, противењето сѐ повеќе растело. Во една прилика, непријателите ги фрлиле апостолите в затвор, но во текот на ноќта дошол Јеховин ангел, им ги отворил вратите од затворот и им заповедал да продолжат да проповедаат. Штом се разденило, тие го направиле токму тоа. Влегле во храмот и почнале да ја проповедаат добрата вест за Исус. Нивните верски противници биле бесни и им наредиле да престанат. Апостолите бестрашно им одговориле: „Мораме да му се покоруваме на Бог, а не на луѓето“ (Дела 5:28, 29).

Прогонството станувало сѐ пожестоко. Некои Евреи го обвиниле ученикот Стефан дека хули на Бог и го каменувале до смрт. Сето ова со одобрување го гледал еден младич по име Савле, кој бил од Тарс. По овој настан, тој отишол во Дамаск за да ги фати сите следбеници на Христос. Додека бил на пат, го облеала светлина од небото, а еден глас му рекол: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?“ Заслепен од силната светлина, тој прашал: „Кој си ти, Господару?“ Гласот му одговорил: „Јас сум Исус“ (Дела 9:3-5).

Три дена подоцна, Исус го испратил ученикот Ананија да му го врати видот на Савле. Савле се крстил и почнал смело да проповеда за Исус. Станал познат како апостол Павле и бил ревносен член на христијанското собрание.

Во тоа време, учениците на Исус им ја објавувале добрата вест за Божјето Царство само на Евреите и на Самарјаните. Но, еден ангел му се појавил на богобојазливиот римски стотник Корнелиј и му рекол да испрати луѓе да му го доведат апостол Петар. Петар дошол кај него заедно со уште неколку христијани и им проповедал на Корнелиј и на неговото семејство. Додека Петар зборувал, светиот дух слегол врз тие не-Евреи кои поверувале во вистинскиот Бог, и апостолот им заповедал да се крстат во името на Исус. Оттогаш, на луѓето од сите народи им е дадена можност да добијат вечен живот. Христијанското собрание било спремно да ја проповеда добрата вест по целиот свет.

Се темели на Дела 1:1—11:21.