Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Библијата — која е нејзината порака?

 ДЕЛ 3

Некои луѓе го преживуваат Потопот

Некои луѓе го преживуваат Потопот

Бог уништува еден злобен свет, но ги спасува Ное и неговото семејство

СО ТЕКОТ НА времето, луѓето се намножиле, а гревот и злобата брзо се рашириле на Земјата. Енох, кој во тоа време веројатно бил единствениот пророк, предупредувал дека еден ден Бог ќе ги уништи безбожниците. Сепак, луѓето не слушале, и злото сѐ повеќе се ширело. Некои ангели се побуниле против Јехова, ги напуштиле своите места на небото и се симнале на Земјата. Се претвориле во луѓе, си земале жени, и така ги задоволувале своите себични желби. Од тие неприродни врски се раѓале необично силни деца — свирепи џинови наречени нефили. Тие предизвикувале уште поголемо насилство и крвопролевање. Бог чувствувал длабока болка кога гледал колку се расипале луѓето што ги создал.

По смртта на Енох, живеел еден човек кој се разликувал од злите луѓе во тоа време. Се викал Ное. Тој и неговото семејство се труделе да го прават она што е исправно во Божји очи. Кога решил да ги уништи злобните луѓе во тогашно време, Бог сакал да ги заштити Ное и животинскиот свет. Затоа му рекол на Ное да изгради арка — еден огромен пловен објект со правоаголен облик. Во арката требало да влезат Ное, неговото семејство и многуте животински видови за да го преживеат претстојниот Потоп. Ное го послушал Бог. Со децении ја градел арката, а истовремено бил и „проповедник на праведноста“ (2. Петрово 2:5). Ги предупредувал луѓето дека ќе има потоп, но тие не му обрнувале внимание. Конечно дошол денот кога Ное, неговото семејство и животните влегле во арката. Бог ја затворил вратата, и набрзо потоа почнало да врне дожд.

Дождот истурал 40 дена и 40 ноќи, сѐ додека целото копно на Земјата не се нашло под вода. Злите луѓе биле уништени. Неколку месеци подоцна, водата почнала да се повлекува, и арката застанала на една планина. По цела година помината во арката, Ное, неговото семејство и сите животни можеле да излезат од неа. Во знак на благодарност, Ное му принел жртва на Јехова. Тогаш Бог им ветил нему и на неговото семејство дека никогаш повеќе нема да го уништи животот на Земјата со потоп. Како видлив знак дека сигурно ќе го исполни ова утешно ветување, Јехова го ставил виножитото во облаците.

Откако завршил Потопот, Бог им дал на луѓето некои нови заповеди. Им дозволил да јадат месо од животни, но им забранил да јадат крв. Исто така, им заповедал на потомците на Ное да ја населат целата Земја. Но, некои од нив не ја послушале таа заповед. Под водство на еден човек што се викал Нимрод, луѓето се здружиле и почнале да градат голема кула во градот Вавел, кој подоцна го добил името Вавилон. Тие се спротивставиле на Божјата заповед и сакале да живеат на едно место. Но, Бог ги спречил овие бунтовници да ја остварат својата намера така што им го збркал јазикот на кој зборувале дотогаш. Почнале да зборуваат на различни јазици и, бидејќи не можеле да се разберат, престанале да ја градат кулата и се расеале по целата Земја.

Се темели на 1. Мојсеева, поглавја 6—11, и Јуда 14, 15.