Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Библијата — која е нејзината порака?

 ДЕЛ 12

Мудри совети од Бог за секојдневниот живот

Мудри совети од Бог за секојдневниот живот

Библиската книга Изреки претставува збирка корисни совети што Бог ни ги дал за секојдневниот живот. Повеќето од нив ги кажал Соломон

ДАЛИ Јехова е мудар Владетел? На ова прашање ќе добиеме јасен одговор ако разгледаме какви совети ни дава. Дали се практични? Дали со нивната примена животот ќе ни биде поубав и поисполнет? Мудриот цар Соломон напишал стотици изреки, кои го допираат речиси секое поле од животот. Да разгледаме некои од нив.

Доверба во Бог. За да бидеме блиски со Јехова, мора да имаме доверба во него. Соломон напишал: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6). Ако се потпираме на Бог со тоа што ќе бараме водство од него и ќе му бидеме послушни, нашиот живот ќе има вистинска смисла. Така ќе го радуваме Јехова, и тој ќе има што да одговори на спорните прашања кои ги покренал неговиот противник, Сатана (Изреки 27:11).

Мудрост во постапките со другите. Божјите совети за мажите, жените и децата денес се попотребни од кога и да е порано. Бог му вели на мажот да ‚се радува со жената на својата младост‘, што значи дека треба да ѝ биде верен (Изреки 5:18-20). Мажените жени можат да најдат во книгата Изреки убав опис на способна жена која е ценета и почитувана од својот маж и од своите деца (Изреки, 31. поглавје). А децата се поучени да ги слушаат своите родители (Изреки 6:20). Оваа книга покажува дека е важно да имаме пријатели и нѐ предупредува дека е опасно да се повлечеме од другите затоа што така може да станеме себични (Изреки 18:1). Пријателите можат да влијаат врз нас добро или лошо, па затоа треба мудро да ги избираме (Изреки 13:20; 17:17).

Мудро да се грижиме за себеси. Во книгата Изреки наоѓаме скапоцени совети, како, на пример, да не претеруваме со пиење, да развиваме позитивни чувства а да се бориме против негативните, и да бидеме вредни работници (Изреки 6:6; 14:30; 20:1). Оваа книга нѐ предупредува дека е многу опасно да се потпираме на човечкото просудување кое не се темели на Божјите совети (Изреки 14:12). Освен тоа, нѐ поттикнува да го чуваме своето симболично срце од лошите влијанија кои би можеле да нѐ расипат, потсетувајќи нѐ дека „од [срцето] извира животот“ (Изреки 4:23).

Милиони луѓе низ целиот свет се увериле дека, откако почнале да ги применуваат овие совети, животот навистина им станал поубав. Тие навистина имаат добри причини да го прифатат Јехова како свој Владетел!

Се темели на Изреки.