Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Библијата — која е нејзината порака?

 ДЕЛ 9

Израелците бараат цар

Израелците бараат цар

Првиот цар на Израел, Саул, не му е послушен на Бог. По него на престолот седнува Давид, со кого Бог склучува сојуз за вечно царство

ПО СМРТТА на Самсон, Самоил служел како пророк и судија во Израел. Израелците упорно барале тој да им постави човек за цар, како што имале и другите народи. Иако ова барање било навреда за Јехова, тој му рекол на Самоил да ги послуша. Бог им избрал за цар еден понизен човек кој се викал Саул. Но, со текот на времето, Саул станал горделив и непослушен. Затоа Јехова го отфрлил и му заповедал на Самоил да постави нов цар — еден младич кој се викал Давид. Сепак, поминале години пред Давид да седне на престолот.

Давид веројатно немал ни 20 години кога отишол да ги види своите браќа кои служеле во војската на Саул. Целата војска била исплашена од Голијат, еден непријателски војник со џиновски раст, кој ги исмевал Израелците и нивниот Бог. Тоа го налутило Давид, и тој прифатил да се бори со тој џин. Вооружен само со праќа и неколку камења, овој младич излегол пред својот противник, кој бил висок речиси три метри. Кога Голијат почнал да му се подбива, Давид му рекол дека е подобро вооружен од него затоа што се бори во името на Јехова Бог. Го соборил со само еден камен, му го одзел мечот и му ја отсекол главата. Филистејската војска се исплашила и се разбегала.

Во почетокот, царот бил воодушевен од храброста на овој млад човек и го поставил на чело на својата војска. Но подоцна, успесите на Давид предизвикале силна љубомора кај Саул. Давид морал да бега за да си го спаси животот и со години живеел како бегалец. И покрај тоа, му останал верен на царот кој се обидувал да го убие. Знаел дека Јехова Бог бил тој што го поставил Саул на престолот. На крајот, Саул загинал во битка. Недолго потоа, Давид станал цар, токму како што ветил Јехова.

„Јас ќе го утврдам за навек престолот на неговото царство“ (2. Самоилова 7:13)

Додека царувал, Давид имал силна желба да му изгради храм на Јехова. Но, Јехова му рекол дека тоа ќе го направи еден негов потомок — неговиот син Соломон. Сепак, Бог го наградил Давид така што со него склучил еден посебен сојуз — му ветил дека од него ќе потекне царска лоза која ќе се разликува од сите други. Од неа требало да дојде Избавителот, односно Потомството кое било ветено уште во еденската градина. Тој потомок требало да биде Месија, што значи „помазаник“, некој што е поставен од Бог. Јехова ветил дека Месијата ќе биде владетел на едно Царство кое ќе постои вечно.

Давид му бил неизмерно благодарен на Јехова. Поради тоа, собрал огромни количини градежен материјал и благородни метали за изградбата на храмот. Исто така, под водство на Божјиот дух, напишал и многу псалми. Пред крајот на својот живот, Давид рекол: „Јеховиниот дух зборуваше преку мене, Божјата реч беше на мојот јазик“ (2. Самоилова 23:2).

Се темели на 1. Самоилова, 2. Самоилова, 1. Летописи, Исаија 9:7, Матеј 21:9, Лука 1:32 и Јован 7:42.

Нешто повеќе

БИБЛИЈАТА — КОЈА Е НЕЈЗИНАТА ПОРАКА?

Добри и лоши цареви

Зошто Израел бил поделен на две царства?