Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Библијата — која е нејзината порака?

 ДЕЛ 21

Исус е жив!

Исус е жив!

Исус им се појавува на своите следбеници за да ги поучи и да ги охрабри

НА ТРЕТИОТ ден по смртта на Исус некои жени кои верувале во него откриле дека каменот што се наоѓал на влезот од гробот бил тргнат а гробот бил празен.

Им се појавиле двајца ангели. Едниот од нив им рекол: „Вие го барате Исус Назареќанецот... [Тој] воскресна“ (Марко 16:6). Жените веднаш отрчале да им го јават тоа на апостолите. Но попат го сретнале Исус кој им рекол: „Не плашете се! Одете кажете им на моите браќа да појдат во Галилеја. Таму ќе ме видат“ (Матеј 28:10).

Подоцна тој ден на двајца ученици кои оделе од Ерусалим кон селото Емаус им пристапил еден непознат човек и ги прашал за што разговараат. Тоа всушност бил воскреснатиот Исус кој им се појавил во тело што отпрвин не го препознале. Тие нажалено му рекле дека зборуваат за Исус. Тогаш тој почнал да им објаснува делови од светите списи кои се однесувале на Месијата. Месијанските пророштва навистина се исполниле на него до најситен детаљ. * Кога учениците сфатиле дека овој непознат човек всушност е Исус кој бил воскреснат како духовно суштество тој исчезнал.

Двајцата ученици веднаш се вратиле во Ерусалим. Таму ги нашле апостолите кои биле собрани во една заклучена соба. Додека им раскажувале што им се случило се појавил Исус. Сите толку се запрепастиле што не можеле да си поверуваат на сопствените очи! „Зошто се јавуваат сомнежи во вашите срца?“ ги прашал тој. „Напишано е дека Христос ќе страда и на третиот ден ќе стане од мртвите“ (Лука 24:38, 46).

Цели 40 дена по воскресението Исус им се појавувал на своите ученици во различни прилики. Еднаш им се појавил на повеќе од 500 ученици! Веројатно тогаш им ја дал следнава важна заповед: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И еве јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Матеј 28:19, 20).

Кога последен пат се состанал со 11-те верни апостоли Исус им ветил: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас и ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Потоа бил подигнат пред нивни очи а еден облак им го скрил од погледот додека се вознесувал на небото.

Се темели на Матеј, поглавје 28, Марко, поглавје 16, Лука, поглавје 24, Јован, поглавја 20 и 21, и 1. Коринќаните 15:5, 6.

^ пас. 6 Некои пророштва за Месијата кои се исполниле на Исус се наведени во дел 14, 15 и 16 од оваа брошура, како и во додатокот со наслов „Исус Христос — ветениот Месија“ од книгата Што навистина учи Библијата?