Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Библијата — која е нејзината порака?

 ДЕЛ 14

Бог зборува преку своите пророци

Бог зборува преку своите пророци

Јехова испраќа пророци за да му ги пренесат на народот неговите пораки на осуда и да го поучат како да му служи на исправен начин, но и да го објавуваат доаѓањето на Месијата и месијанското Царство

ДОДЕКА во Израел и Јуда владееле цареви, се појавила една посебна група луѓе. Тоа биле пророците. Овие луѓе, кои ги пренесувале Божјите пораки, имале огромна вера и храброст. Да разгледаме четири важни теми за кои зборувале тие.

1. Уништувањето на Ерусалим. Божјите пророци, особено Исаија и Еремија, долго време однапред почнале да го разгласуваат предупредувањето дека Ерусалим ќе биде уништен и напуштен. Користејќи сликовити описи, тие откриле зошто тој град го навлекол на себе Божјиот гнев. Жителите на Ерусалим тврделе дека му служат на Јехова, но со своето идолопоклонство, расипаност и насилство јасно покажале дека тоа не е вистина (2. Царевите 21:10-15; Исаија 3:1-8, 16-26; Еремија 2:1 — 3:13).

2. Обнова на обожавањето на вистинскиот Бог. Пророците објавиле дека по 70 години изгнанство, Божјиот народ ќе биде ослободен од Вавилон, ќе се врати во својата опустошена земја и повторно ќе го изгради Јеховиниот храм во Ерусалим (Еремија 46:27; Амос 9:13-15). Околу 200 години однапред, Исаија прорекол дека освојувачот што ќе го порази Вавилон ќе се вика Кир и ќе му дозволи на Божјиот народ да го обнови обожавањето на вистинскиот Бог. Исаија дури навел и некои детали од необичната воена стратегија на Кир (Исаија 44:24 — 45:3).

3. Доаѓањето на Месијата и неговиот живот. Било проречено дека Месијата ќе се роди во Витлеем (Михеј 5:2). Пророците претскажале дека тој ќе биде понизен и дека ќе влезе во Ерусалим јавајќи на магаре (Захарија 9:9). Исто така, прорекле дека мнозина ќе го презрат и ќе го отфрлат и покрај тоа што ќе биде благ и добар (Исаија 42:1-3; 53:1, 3). Објавиле и дека ќе умре со маченичка смрт. Но, дали тоа навистина ќе значи крај за Месијата? Не, бидејќи со својата жртва тој требало да овозможи да им бидат простени гревовите на мнозина (Исаија 53:4, 5, 9-12). Тоа можело да се постигне само ако бил воскреснат.

4. Владеењето на Месијата над Земјата. Несовршените луѓе не се способни да владеат над други луѓе, а уште помалку да воспостават мир на Земјата. За разлика од нив, месијанскиот Цар ќе биде наречен „Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6, 7; Еремија 10:23). Под неговата власт, сите луѓе ќе живеат во мир едни со други, а ќе бидат во мир и со животните (Исаија 11:3-7). Повеќе нема да има болести (Исаија 33:24). Дури и смртта ќе биде уништена засекогаш (Исаија 25:8). Кога ќе царува Месијата, оние што умреле ќе бидат воскреснати на Земјата (Даниел 12:13).

Се темели на Исаија, Еремија, Даниел, Амос, Михеј и Захарија.