Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Кој ја врши Јеховината волја денес?

 ПОГЛАВЈЕ 14

Какви школи има за пионерите?

Какви школи има за пионерите?

САД

Школата Гилеад (Патерсон, Њујорк)

Панама

Теократското образование веќе долги години е обележје на Јеховините сведоци. Оние што полновремено ја проповедаат веста за Царството добиваат посебна обука за да можат ‚потполно да ја извршат својата служба‘ (2. Тимотеј 4:5).

Школа за пионери. На крајот од првата година во полновремена служба, еден општ пионер ќе може да присуствува на оваа школа која трае шест дена и која обично се одржува во некоја Сала на Јеховините сведоци во близина. Целта на школата е да им помогне на пионерите да станат поблиски со Јехова, да се подобрат во сите гранки на службата и да продолжат верно да ја вршат својата служба.

Школа за полновремени објавители. Целта на оваа школа, која трае два месеца, е да се обучат искусни пионери кои се спремни да служат таму каде што има потреба. Тие го имаат ставот: „Еве ме мене, испрати ме мене!“, со што го следат примерот на Исус Христос, кој со најголема ревност ја објавувал добрата вест на Земјата (Исаија 6:8; Јован 7:29). Кога ќе се преселат, можеби ќе треба да живеат поскромно и да се навикнат на сосема поинаква култура, клима и храна. А можеби ќе треба да научат и нов јазик. Оваа школа може да ја посетуваат и брачни парови и браќа и сестри што не се во брак, на возраст од 23 до 65 години. Школата ќе им помогне да ги развијат духовните особини што ќе им бидат потребни за нивната задача. Ќе стекнат и вештини поради кои Јехова и неговата организација ќе можат да ги користат во уште поголема мера.

Школа Гилеад. На хебрејски јазик, значењето на зборот „Гилеад“ е поврзано со „сведоштво“. Од нејзиното основање во 1943 год. па наваму, повеќе од 8.000 Сведоци што ја завршиле оваа школа биле испратени како мисионери кои со невиден успех дале сведоштво „до крајот на земјата“ (Дела 13:47). Кога мисионерите за првпат пристигнале во Перу, таму немало ниту едно собрание, а сега има повеќе од 1.000. Кога нашите мисионери почнале со службата во Јапонија, таму имало помалку од десет Сведоци. Сега има над 200.000. Школата Гилеад трае пет месеци. За време на обуката темелно се проучува Божјата Реч. На оваа школа може да бидат повикани оние што служат како специјални пионери или како мисионери на подрачјето, оние што служат во подружниците или што се во покраинска служба. Тие добиваат интензивна обука што ќе помогне нашето меѓународно дело да напредува и подобро да се организира.

  • Која е целта на Школата за пионери?

  • За кого е наменета Школата за полновремени објавители?