Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 79

Зошто народот го чекало уништување

Зошто народот го чекало уништување

ЛУКА 13:1-21

  • ИСУС ИЗНЕЛ ПОУКА ОД ДВЕ НЕСРЕЌИ

  • ИЗЛЕКУВАЛ ЗГРБАВЕНА ЖЕНА ВО САБОТА

Исус се обидел на повеќе начини да ги поттикне луѓето да се преиспитаат каква е нивната вера во Бог. Откако му зборувал на мноштвото што било собрано пред куќата на фарисејот, Исус повторно се навратил на таа тема.

Некои од луѓето спомнале еден трагичен настан. Му раскажале за ‚Галилејците, чија крв [римскиот управител Понтиј] Пилат ја измешал со крвта на жртвите што ги принесувале‘ (Лука 13:1). Зошто го спомнале тој настан?

Можеби станувало збор за Галилејците што биле убиени кога илјадници Евреи се побуниле затоа што Пилат со парите од храмската ризница изградил аквадукт за да донесе вода во Ерусалим. Можно е Пилат да дошол до тие пари со помош на храмските поглавари. Луѓето што го раскажале овој настан можеби сметале дека тие Галилејци настрадале затоа што правеле зли дела. Но, Исус не мислел така.

Тој прашал: „Мислите ли дека тие Галилејци беа поголеми грешници од сите други Галилејци затоа што така настрадаа?“ Исус одговорил дека не биле, но се послужил со тој пример за да ги предупреди Евреите: „Ако не се покаете, сите ќе изгинете така“ (Лука 13:2, 3). Потоа Исус спомнал уште една трагична несреќа што можеби се случила кратко време пред тоа и била поврзана со изградбата на аквадуктот. Прашал:

„Оние осумнаесетмина врз кои падна кулата во Силоам и ги уби, мислите ли дека тие беа поголеми грешници од сите други луѓе што живеат во Ерусалим?“ (Лука 13:4). Народот можеби мислел дека тие луѓе умреле затоа што направиле нешто лошо. Но, ни тоа не било точно. Исус бил свесен дека „времето и непредвидените настани“ можат да го снајдат секого, што најверојатно се случило и во таа прилика (Проповедник 9:11). Сепак, луѓето требало да извлечат поука од таа случка. Исус повторно рекол: „Ако не се покаете, сите ќе изгинете така“ (Лука 13:5). Но, зошто Исус го искористил токму тој момент за да ги предупреди на такво нешто?

Затоа што неговата служба полека се ближела кон својот крај. За да им помогне да сфатат дека е крајно време да преземат нешто, Исус ја кажал следнава споредба: „Еден човек имаше засадено смоква во своето лозје, и дојде да бара плод на неа, но не најде. И му рече на човекот што го обработуваше лозјето: ‚Еве, веќе три години доаѓам да барам плод на оваа смоква, но не наоѓам. Исечи ја! Зошто земјата да стои бескорисна поради неа?‘ Тогаш тој му рече: ‚Господару, остави ја уште оваа година, додека не ја опкопам и не ја наѓубрам. Можеби во иднина ќе дава плод. А ако не, ќе ја исечеш‘“ (Лука 13:6-9).

Повеќе од три години, Исус се трудел да им помогне на Евреите да стекнат вера. Но, неговиот труд вродил плод само кај релативно малкумина, кои станале негови ученици. Во текот на четвртата година од својата служба, Исус вложил дополнителен труд. Симболично кажано, тој како да го опкопувал и наѓубрувал еврејскиот народ со тоа што проповедал и поучувал во Јудеја и Переја. Кој бил резултатот? Само малку Евреи реагирале исправно. Народот како целина не сакал да се покае и затоа го чекало уништување.

Една сабота кратко потоа, станало уште поочигледно колку било тешко да му се помогне на тој народ. Додека поучувал во синагогата, Исус видел една жена обземена од демон поради кој осумнаесет години била згрбавена. Тој сочувствително ѝ се обратил со зборовите: „Жено, ослободена си од својата болест“ (Лука 13:12). Потоа ги положил рацете врз неа, и таа веднаш се исправила и почнала да го слави Бог.

Настојникот на синагогата се налутил поради тоа и му рекол на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи! Во тие денови доаѓајте и лекувајте се, а не на саботен ден“ (Лука 13:14). Настојникот не одрекол дека Исус имал моќ да лекува, меѓутоа ги осудил луѓето затоа што доаѓале да бидат излекувани во сабота. Тогаш Исус кажал нешто многу логично: „Лицемери, не го одврзува ли секој од вас својот бик или своето магаре од јаслите во сабота и не го води ли на поење? А зарем не требаше оваа Авраамова ќерка, која Сатана, еве, веќе осумнаесет години ја држел врзана, да биде ослободена од тие окови во саботен ден?“ (Лука 13:15, 16).

Кога го слушнале тоа, противниците на Исус се засрамиле. За разлика од нив, народот им се радувал на прекрасните работи што ги направил Исус. На крајот, Исус и во Јудеја кажал две споредби за Божјето Царство кои веќе ги кажал една година претходно, додека проповедал од еден чамец на Галилејското Море (Матеј 13:31-33; Лука 13:18-21).