Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 73

Самарјанинот кој покажал дека е вистински ближен

Самарјанинот кој покажал дека е вистински ближен

ЛУКА 10:25-37

  • КАКО МОЖЕЛО ДА СЕ НАСЛЕДИ ВЕЧЕН ЖИВОТ

  • БЛИЖНИОТ САМАРЈАНИН

Исус сѐ уште бил близу Ерусалим кога му пристапила група Евреи. Некои од нив сакале да научат нешто, а други да го искушаат. Еден човек, кој бил добар познавач на Законот, го прашал: „Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?“ (Лука 10:25).

Исус знаел дека човекот не го прашува затоа што одговорот искрено го интересирал. Можеби сакал да го наведе Исус да каже нешто што на Евреите ќе им звучи навредливо. Исус видел дека тој човек веќе имал оформено свое гледиште. Затоа мудро му одговорил на начин со кој го поттикнал да си го каже своето мислење.

Исус го прашал: „Што е напишано во Законот? Што читаш таму?“ Бидејќи овој човек го изучувал Божјиот закон, одговорил како што пишувало во него. Тој ги цитирал Божјите заповеди запишани во 5. Мојсеева 6:5 и 3. Мојсеева 19:18: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сета своја сила, и со сиот свој ум‘ и ‚својот ближен како себеси‘“ (Лука 10:26, 27). Дали одговорот бил точен?

Исус му рекол: „Исправно одговори. ‚Прави го тоа и ќе добиеш живот‘“. Но, тоа не било крај на разговорот. Човекот сакал нешто повеќе од обичен одговор. Тој сакал „да се покаже праведен“, односно да добие признание од Исус дека неговите гледишта се исправни и дека праведно постапува со другите. Затоа прашал: „А кој е мојот ближен?“ (Лука 10:28, 29). Тоа навидум едноставно прашање имало длабоко значење. Зошто?

Евреите сметале дека изразот „ближен“ се однесувал само на оние што живееле според еврејските верувања и обичаи, и на прв поглед можело да изгледа дека 3. Мојсеева 19:18 оди во прилог на таквото гледиште. Всушност, еден Евреин можел да тврди дека ‚Законот му забранувал‘ да се дружи со некој од друг народ (Дела 10:28). Затоа тој човек, а можеби и некои од учениците на Исус, сметале дека се праведни ако покажуваат обѕирност само кон своите сонародници. Можеби дури и се однесувале нељубезно кон оние што не биле Евреи затоа што, по нивно мислење, тие не им биле ‚ближни‘.

Како можел Исус да им помогне на човекот и на другите Евреи да си го сменат ставот без да ги навреди? Тој им раскажал една приказна: „Еден човек слегуваше од Ерусалим кон Ерихон и налета на разбојници, кои го соблекоа и го претепаа, па си заминаа, оставајќи го полумртов“. Исус продолжил: „А по тој пат случајно слегуваше еден свештеник, но кога го виде, помина на спротивната страна. Исто така и еден Левит, кога го виде додека слегуваше по тој пат, помина на спротивната страна. А еден Самарјанин, кој поминуваше по тој пат, дојде до него и, кога го виде, се сожали“ (Лука 10:30-33).

Човекот кому Исус му ја раскажал приказната сигурно знаел дека многу свештеници и левити што помагале во храмот живееле во Ерихон. На враќање од храмот, тие морале да слезат по пат кој бил долг околу дваесет и три километри. Патот бил опасен бидејќи се случувало од заседа да нападнат разбојници. Ако некој свештеник или левит наиделе на Евреин во неволја, зарем не требало да му помогнат? Во приказната, Исус рекол дека ниту свештеникот ниту левитот не му помогнале на човекот. Тоа го направил еден Самарјанин, припадник на народ што Евреите го гледале со презир (Јован 8:48).

Како му помогнал Самарјанинот на повредениот Евреин? Исус продолжил да раскажува: „Му се приближи и му ги преврза раните, поливајќи ги со масло и со вино. Потоа го качи на своето добиче, па го однесе во еден конак и се погрижи за него. Утредента извади два денарија, му ги даде на сопственикот на конакот и рече: ‚Погрижи се за него, а што ќе потрошиш повеќе од ова, ќе ти платам кога ќе се вратам‘“ (Лука 10:34, 35).

На крајот од приказната, Врвниот Учител, Исус, му поставил на човекот едно логично прашање: „Што мислиш, кој од овие тројца му беше ближен на човекот кој налета на разбојниците?“ Веројатно на човекот му било неугодно да рече „Самарјанинот“, па одговорил: „Оној што му покажа милосрдие“. Тогаш Исус јасно кажал која била поуката од приказната: „Оди, па и ти прави така“ (Лука 10:36, 37).

Каков извонреден начин на поучување! Да му речел Исус директно на човекот дека негови ближни се и оние што не се Евреи, веројатно ниту тој ниту другите Евреи што слушале немало да го прифатат одговорот. Затоа Исус, со една обична приказна во која присутните можеле лесно да се пронајдат, дал јасен одговор на прашањето: „Кој е мојот ближен?“ Вистински ближен е оној што ги сака луѓето и е добар кон нив според мерилата изнесени во Божјата Реч.