Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 75

Исус кажал што го прави човекот среќен

Исус кажал што го прави човекот среќен

ЛУКА 11:14-36

  • ИСТЕРУВАЛ ДЕМОНИ СО „БОЖЈИ ПРСТ“

  • ИЗВОРОТ НА ВИСТИНСКАТА СРЕЌА

Исус тукушто повторил неколку свои поуки за молитвата, но тоа не било единствената тема за која зборувал повеќепати во текот на својата служба. Додека правел чуда во Галилеја, некои лажно го обвиниле дека ги правел со помош на владетелот на демоните. Сега, во Јудеја, повторно се соочил со истото обвинение.

Кога од еден човек истерал демон поради кој не можел да зборува, мноштвото било зачудено. А како реагирале неговите противници? Тие го изнеле истото лажно обвинение: „Ги истерува демоните со помош на Велзевул, владетелот на демоните“ (Лука 11:15). Други, пак, сакале да видат повеќе докази дека тој навистина е Месијата, па затоа барале да им даде знак од небото.

Знаејќи дека сакаат да го искушаат, Исус им го дал истиот одговор што им го дал на неговите противници во Галилеја. Рекол дека секое царство што е внатрешно поделено, ќе пропадне. Потоа ги прашал: „Ако и Сатана е поделен во себе, како ќе опстане неговото царство?“ Тогаш отворено им рекол: „Ако јас ги истерувам демоните со Божји прст, навистина меѓу вас стигнало царството Божје“ (Лука 11:18-20).

Тоа што Исус спомнал „Божји прст“ требало да ги потсети луѓето на нешто што се случило во раната историја на израелскиот народ. Кога Мојсеј направил чудо во дворот на фараонот, присутните извикале: „Тоа е Божји прст!“ Исто така, „Божјиот прст“ ги напишал Десетте заповеди на двете камени плочи (2. Мојсеева 8:19; 31:18). На сличен начин, Исус со помош на „Божјиот прст“ — светиот дух, односно силата со која се служи Бог — ги истерувал демоните и ги лекувал болните. Според тоа, Божјето Царство веќе стигнало меѓу противниците на Исус затоа што тој, како иден Цар на тоа Царство, бил меѓу нив и правел чуда.

Способноста на Исус да истерува демони била доказ за неговата надмоќ над Сатана. Исус тоа го споредил со надмоќта што ја има еден силен човек кога ќе му се приближи на еден добро вооружен човек и ќе успее да го совлада. Потоа ја повторил споредбата за нечистиот дух кој излегол од еден човек. Ако човекот не ја пополнел настанатата празнина со добри работи, духот ќе се врател со седум други духови, и состојбата на човекот ќе станела полоша од претходно (Матеј 12:22, 25-29, 43-45). Токму така било и со израелскиот народ.

Една жена што го слушала Исус извикала: „Среќна е утробата што те носела и градите што те доеле!“ Секоја Еврејка сакала да биде мајка на некој пророк, а особено на Месијата. Очигледно оваа жена сметала дека Марија била посебно среќна затоа што имала чест да му биде мајка на еден таков учител. Но, Исус ја исправил жената и ѝ кажал кој бил вистинскиот извор на среќа. Тој рекол: „Не, туку среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:27, 28). Исус никогаш и со ништо не покажал дека треба да ѝ се укажува посебна чест на Марија. Тој истакнал дека на секој маж или жена вистинска среќа ќе им донесе тоа што верно ќе му служат на Бог, а не роднинските врски или некакви достигнувања во животот.

Исто како што направил и во Галилеја, Исус ги прекорил оние што од него барале знак од небото. Рекол дека нема да им биде даден никаков друг знак освен „знакот на Јона“. Јона служел како знак поради тоа што три дена поминал во стомакот на една риба и поради тоа што храбро проповедал, со што ги поттикнал луѓето од Ниневија да се покаат. Исус рекол: „А еве, овде е некој што е поголем од Јона“ (Лука 11:29-32). Освен тоа, Исус бил поголем и од Соломон, чија мудрост дошла да ја слушне царицата од Сава.

Потоа Исус рекол: „Никој не пали светилка за да ја стави во подрум или под кошница, туку на светилник“ (Лука 11:33). Со тоа можеби сакал да каже дека тоа што поучувал и правел чуда пред тие луѓе било исто како да става запалена светилка во подрум или под кошница. Тие луѓе немале бистро око, сосредоточено на она што е најважно, и затоа неговите дела не би ја постигнале целта.

Кратко пред тоа, Исус истерал демон од еден човек и му ја вратил способноста да зборува. Тоа би требало да ги поттикне луѓето да го слават Бог и да им кажуваат на другите што сѐ правел Јехова. Исус ги предупредил своите противници: „Затоа, внимавај, светлината што е во тебе да не биде темнина! Според тоа, ако целото твое тело е светло, без ниеден темен дел, ќе биде сосема светло како кога светилка те осветлува со својот сјај“ (Лука 11:35, 36).