Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 20

Второто чудо во Кана

Второто чудо во Кана

МАРКО 1:14, 15; ЛУКА 4:14, 15; ЈОВАН 4:43-54

  • ИСУС ПРОПОВЕДАЛ ДЕКА ‚СЕ ПРИБЛИЖИЛО БОЖЈЕТО ЦАРСТВО‘

  • ОДДАЛЕКУ ИЗЛЕКУВАЛ МОМЧЕ

Исус останал во Самарија два дена, а потоа се вратил во својот крај, Галилеја. Иако претходно подолго време проповедал во Јудеја, тој не дошол во местото каде што пораснал за да се одмори, туку за да проповеда уште повеќе. Можеби воопшто не очекувал дека ќе биде добредојден, затоа што самиот тој рекол дека „пророкот нема чест во својот роден крај“ (Јован 4:44). Неговите ученици не останале со него, туку се вратиле дома кај своите семејства и продолжиле со секојдневниот живот.

Која била пораката што Исус ја објавувал? Тој им велел на луѓето: „Се приближи Божјето царство. Покајте се и верувајте во добрата вест“ (Марко 1:15). А како реагирале тие? Многу Галилејци го прифатиле Исус и го почитувале, но не само поради пораката што им ја објавувал. Неколку месеци пред тоа, некои од нив биле на Пасхата во Ерусалим и ги виделе чудата што ги направил (Јован 2:23).

Во кој град Исус ја започнал својата обемна служба во подрачјето Галилеја? Најверојатно во Кана, каде што претходно на една свадба ја претворил водата во вино. Овојпат, во Кана му пристапил еден човек чиј син бил многу болен. Тој човек бил службеник на царот Ирод Антипа, кој подоцна наредил да му биде отсечена главата на Јован Крстител. Кога чул дека Исус отишол во Кана, службеникот дошол таму од својот дом во Капернаум и го нашол. Скршен од тага, го замолил: „Господару, дојди пред да ми умре детето“ (Јован 4:49).

Она што му го кажал Исус мора многу да го изненадило. Тој му рекол: „Оди си! Син ти е жив“ (Јован 4:50). Службеникот му поверувал на Исус и тргнал дома. Додека уште бил на пат, го пресретнале неговите робови. Тие носеле добра вест — неговиот син бил жив и здрав! За да види дали оздравувањето било поврзано со Исус, тој ги прашал кога точно детето почнало да се чувствува подобро.

„Треската го напушти вчера околу седмиот час“, одговориле тие (Јован 4:52).

На службеникот веднаш му станало јасно дека тоа било токму тогаш кога Исус му рекол: „Син ти е жив“. По таа случка, овој човек, кој бил доволно богат за да има робови, и сите од неговиот дом станале ученици на Христос.

Така Исус направил две чуда во Кана — првиот пат претворил вода во вино, а вториот пат излекувал едно момче иако бил на оддалеченост од околу дваесет и пет километри од него. Се разбира, тој правел и други чуда. Но, второто чудо во Кана го означило неговото враќање во Галилеја. Без сомнение, тој бил пророк испратен од Бог. Но, дали добил „чест во својот роден крај“?

Тоа станало јасно кога стигнал во Назарет. Што го очекувало таму?

Нешто повеќе

БИБЛИЈАТА — КОЈА Е НЕЈЗИНАТА ПОРАКА?

Исус прави чуда

Што откриваат чудата на Исус за неговата моќ и за времето кога тој ќе владее над целата Земја?