Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 31

Учениците кинеле класје во сабота

Учениците кинеле класје во сабота

МАТЕЈ 12:1-8; МАРКО 2:23-28; ЛУКА 6:1-5

  • УЧЕНИЦИТЕ КИНЕЛЕ КЛАСЈЕ ВО САБОТА

  • ИСУС БИЛ „ГОСПОДАР НА САБОТАТА“

Исус и учениците тргнале на север кон Галилеја. Бидејќи било пролет, житото по полињата веќе било зрело. Учениците биле гладни, па затоа кинеле класови и ги јаделе зрната. Но бидејќи било сабота, тоа не поминало незабележано кај фарисеите.

Кратко пред тоа во Ерусалим, некои Евреи го обвиниле Исус дека го прекршил законот за саботата и сакале да го убијат. А сега фарисеите го обвиниле Исус за она што го направиле неговите ученици. Тие му рекле: „Гледај, твоите ученици го прават она што не е дозволено да се прави во сабота“ (Матеј 12:2).

Фарисеите тврделе дека тоа што учениците кинеле класови жито и потоа ги триеле меѓу рацете за да ги јадат зрната било исто како да жнеат и вршат (2. Мојсеева 34:21). Бидејќи поставувале крути правила во однос на тоа што е работа, саботата повеќе не била ден на радост и духовно изградување. Наместо тоа, станала товар за луѓето. Исус кажал два примера од минатото со кои истакнал дека Јехова Бог не сакал неговиот закон за саботата да се применува на таков начин.

Првиот пример бил поврзан со Давид и неговите луѓе. Во една прилика кога биле гладни, тие дошле кај шаторот и зеле од лебовите што се ставале пред Бог. Од тие лебови, кои веќе биле тргнати од пред Јехова и заменети со свежи, смееле да јадат само свештениците. Но, под тие посебни околности, Давид и неговите луѓе не биле осудени поради тоа што јаделе од нив (3. Мојсеева 24:5-9; 1. Самоилова 21:1-6).

Исус навел уште еден пример: „Зарем не сте читале во Законот дека во сабота свештениците во храмот ја сквернават саботата, а не се виновни?“ Тој сакал да каже дека, дури и во сабота, свештениците ги колеле животните за жртва и вршеле други потребни работи во храмот. „А ви велам дека овде е нешто поголемо од храмот“, рекол Исус (Матеј 12:5, 6; 4. Мојсеева 28:9). Како Божји првосвештеник, тој можел да ја извршува својата задача и во сабота без да биде виновен дека го прекршува Законот.

За да појасни што сакал да каже, Исус повторно се осврнал на светите списи и рекол: „Да разберевте што значи: ‚Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудите невините“. На крајот заклучил: „Синот човечки е Господар на саботата“. Со тие зборови Исус укажал на времето кога тој ќе владее како цар илјада години и ќе воспостави мир на Земјата (Матеј 12:7, 8; Осија 6:6).

Луѓето веќе долго време се под ропството на Сатана, чие владеење е исполнето со насилство и војни. Но, кога ќе дојде големата сабота, односно кога Христос ќе владее над Земјата илјада години, човештвото конечно ќе се одмори од сѐ што го измачувало дотогаш!