Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 51

Убиство на роденденска прослава

Убиство на роденденска прослава

МАТЕЈ 14:1-12; МАРКО 6:14-29; ЛУКА 9:7-9

  • ИРОД НАРЕДИЛ ДА МУ БИДЕ ОТСЕЧЕНА ГЛАВАТА НА ЈОВАН КРСТИТЕЛ

Апостолите на Исус проповедале низ Галилеја, но на Јован Крстител му била скратена слободата. Поминале скоро две години откако го најавил доаѓањето на Исус, а тој сѐ уште бил во затвор.

Јован јавно го осудил тоа што Ирод Антипа се развел од својата прва жена за да се ожени со Иродијада, жената на својот полубрат Филип. Ирод тврдел дека го почитува Мојсеевиот закон, но според тој закон направил прељуба, и затоа неговиот брак не бил законски. Веројатно наговорен од Иродијада, Ирод го ставил Јован во затвор поради тоа што го прекорил.

Ирод бил во недоумица како да постапи со Јован, бидејќи народот ‚го сметал за пророк‘ (Матеј 14:5). За разлика од него, Иродијада многу добро знаела што сака. Таа го мразела Јован и барала начин да го убие (Марко 6:19). Еден ден, конечно добила таква шанса.

Кратко пред Пасхата во 32 год. од н.е., Ирод приредил голема прослава за својот роденден. На прославата биле присутни сите негови највисоки службеници и воени заповедници, како и најугледните Галилејци. Таа вечер, пред гостите играла Салома, ќерката на Иродијада од нејзиниот претходен маж Филип. Со своето играње таа потполно ги освоила мажите.

Презадоволен, Ирод ѝ рекол на Салома: „Побарај од мене сѐ што сакаш, и ќе ти дадам“. Дури се заколнал: „Што и да побараш од мене, ќе ти дадам, па макар и да е половина од моето царство“. Пред да му одговори, Салома отишла ѝ ја прашала мајка си: „Што да побарам?“ (Марко 6:22-24).

Тоа бил моментот кој Иродијада толку многу го чекала! Без двоумење одговорила: „Главата на Јован Крстител“. Салома веднаш се вратила кај Ирод и му го кажала своето барање: „Сакам веднаш да ми ја дадеш на послужавник главата на Јован Крстител“ (Марко 6:24, 25).

Тоа многу го растажило Ирод. Сепак, неговата заклетва ја слушнале сите гости. Ако не го исполнел она што го ветил ќе бил посрамен, иако тоа значело дека ќе треба да убие невин човек. Затоа, во затворот испратил еден стражар за да го изврши страшното злосторство. Стражарот набрзо се вратил со главата на Јован ставена на послужавник. Тој ѝ ја дал на Салома, а таа ѝ ја однела на својата мајка.

Кога учениците на Јован слушнале за тоа, дошле и го зеле неговото тело за да го погребат. Потоа му јавиле на Исус што се случило.

Подоцна, кога Ирод слушнал дека Исус лекувал луѓе и истерувал демони, се исплашил. Се прашувал дали е можно човекот што ги правел тие работи да е Јован Крстител кој „воскреснал од мртвите“ (Лука 9:7). Оттогаш, Ирод Антипа многу сакал да го види Исус, но не за да ги слушне неговите поуки, туку за да види дали неговиот страв е оправдан или не.

Нешто повеќе

ШТО НАВИСТИНА УЧИ БИБЛИЈАТА?

Обожавај го Бог на исправен начин

На какви проблеми можеш да наидеш додека ги споделуваш своите верувања со другите? Како би можел да им сведочиш без да ги навредиш?