Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 26

„Простени ти се гревовите“

„Простени ти се гревовите“

МАТЕЈ 9:1-8; МАРКО 2:1-12; ЛУКА 5:17-26

  • ИСУС МУ ГИ ПРОСТИЛ ГРЕВОВИТЕ НА ЕДЕН ПАРАЛИЗИРАН ЧОВЕК И ГО ИЗЛЕКУВАЛ

Гласот за Исус се раширил надалеку, па затоа многу луѓе го наоѓале дури и кога бил на некое зафрлено место. Сакале по секоја цена да ги слушнат неговите поуки и да ги видат чудата што ги правел. Но, по неколку дена тој се вратил во Капернаум, покрај Галилејското Море, каде што престојувал додека ја извршувал својата служба. Веста дека се вратил во градот брзо се раширила, па многу луѓе дошле во куќата во која се наоѓал. Некои од нив биле фарисеи и учители по Законот што дошле од цела Галилеја и Јудеја, вклучувајќи го и Ерусалим.

‚Се собрале толку многу луѓе што повеќе немало место дури ни на вратата, и тој почнал да им зборува за Божјата реч‘ (Марко 2:2). Било вистински момент Исус да направи нешто значајно. Тоа што потоа се случило нѐ уверува дека Исус има моќ да ја отстрани причината за човечкото страдање и да му го врати здравјето на кого и да сака.

Додека Исус поучувал во преполната соба, четворица мажи донеле пред куќата еден парализиран човек на носилка. Тие сакале Исус да го излекува нивниот пријател, но поради мноштвото ‚не можеле да го донесат до Исус‘ (Марко 2:4). Сигурно биле разочарани. Затоа се качиле на рамниот покрив на куќата и направиле отвор. Потоа го спуштиле човекот со носилката во куќата.

Дали Исус се налутил затоа што го прекинале? Ни најмалку! Воодушевен од нивната вера, на парализираниот му рекол: „Простени ти се гревовите“ (Матеј 9:2). Но, дали Исус можел да им ги простува гревовите на луѓето? Според мислењето на книжниците и фарисеите, не. Тие си велеле: „Што зборува овој вака? Тој хули! Кој може да простува гревови, освен еден, Бог?“ (Марко 2:7).

Бидејќи Исус знаел што помислиле, им рекол: „Зошто размислувате така во своите срца? Што е полесно? Да му се рече на парализираниот: ‚Простени ти се гревовите‘, или да се рече: ‚Стани, земи си ја носилката и оди‘?“ (Марко 2:8, 9). Со оглед на тоа што Исус требало да го жртвува својот живот за луѓето, тој можел да им ги простува гревовите на луѓето.

Потоа, пред целото мноштво, што значи и пред оние што го критикувале, Исус покажал дека има власт да простува гревови на Земјата. Тогаш на парализираниот му заповедал: „Стани, земи си ја носилката и оди си дома“. Човекот веднаш станал и пред сите излегол од куќата носејќи ја в раце својата носилка. Присутните биле вчудовидени и почнале да го фалат Бог со зборовите: „Вакво нешто никогаш не сме виделе!“ (Марко 2:11, 12).

Значајно е тоа што Исус ја поврзал болеста со гревовите, а телесното оздравување со простувањето на гревовите. Библијата објаснува дека нашиот прататко Адам згрешил и дека сите ние од него сме ги наследиле последиците од гревот — болестите и смртта. Но, под власта на Божјето Царство, Исус ќе им ги прости гревовите на сите што го сакаат Бог и му служат. Тогаш болестите ќе бидат отстранети засекогаш (Римјаните 5:12, 18, 19).