Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 35

Проповедта на гората

Проповедта на гората

МАТЕЈ 5:1 — 7:29; ЛУКА 6:17-49

  • ПРОПОВЕДТА НА ГОРАТА

Откако цела ноќ се молел и потоа ги избрал своите дванаесет апостоли, Исус сигурно бил уморен. Сепак, и следниот ден продолжил да троши од својата сила и да им помага на луѓето, затоа што ги сакал. Тој бил на една гора во Галилеја која најверојатно се наоѓала близу Капернаум, градот каде што најчесто се задржувал во текот на својата служба.

Кај Исус дошол многу народ, и тоа од далеку. Некои биле од јужниот дел на земјата — од Ерусалим и од други места во Јудеја. Други биле од приморските градови Тир и Сидон на северозапад. Зошто дошле толку многу луѓе кај него? За „да го чујат и да бидат излекувани од своите болести“. Исус токму тоа и го направил — ‚ги лекувал сите‘. Замисли си, сите болни биле излекувани! Исус им помогнал и на оние што биле „измачувани од нечисти духови“, односно од злобните ангели на Сатана (Лука 6:17-19).

Потоа Исус отишол на една висорамнина на гората, а мноштвото се насобрало околу него. Неговите ученици, а особено дванаесетте апостоли, најверојатно биле веднаш до него. Сите биле во исчекување да слушнат што ќе им каже учителот кој правел толку моќни дела. Исус изнел една проповед која била многу поучна за сите присутни. Но, оттогаш уште многу луѓе можеле да извлечат корист од неа. Можеме и ние, бидејќи во неа едноставно и јасно се изнесени длабоки духовни поуки. Исус зборувал за секојдневни работи и за она што на луѓето им било добро познато. Така, длабоките духовни вистини можел лесно да ги разбере секој што сакал да живее во склад со Божјата волја. Кои се некои од позначајните поуки поради кои Проповедта на гората има толку голема вредност?

КОЈ Е ВИСТИНСКИ СРЕЌЕН

Секој човек сака да биде среќен. Исус добро го знаел тоа и затоа уште на почетокот од својата проповед објаснил што ги прави луѓето вистински среќни. Замисли си како неговите зборови веднаш го привлекле вниманието на мноштвото. Сепак, некои од работите што потоа ги чуле сигурно ги збуниле.

Тој рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби, зашто нивно е царството небесно. Среќни се оние што тагуваат, зашто ќе бидат утешени... Среќни се оние што гладуваат и жедуваат за праведност, зашто ќе се наситат... Среќни се оние што се прогонувани поради праведноста, зашто нивно е небесното царство. Среќни сте кога поради мене ве навредуваат и ве прогонуваат... Радувајте се и воскликнувајте“ (Матеј 5:3-12).

На што мислел Исус со изразот „среќни“? Тој не мислел на добро расположение како, на пример, кога некој се чувствува убаво затоа што се забавува. Вистинската среќа е нешто многу подлабоко. Таа претставува чувство на задоволство што некој го има кога неговиот живот има вистинска смисла.

Исус рекол дека вистински среќни се луѓето кои се свесни за своите духовни потреби, кои тагуваат затоа што се грешни и кои го запознале Бог и му служат. Дури и ако се мразени или прогонувани затоа што ја вршат Божјата волја, тие се среќни бидејќи знаат дека го прават она што е исправно во негови очи и дека тој ќе ги награди со вечен живот.

Многу луѓе сметаат дека човекот го прават среќен богатството и задоволствата. Но, Исус мислел сосема поинаку. Затоа рекол нешто  што сигурно натерало многумина од неговите слушатели да се замислат: „Тешко вам, богати, зашто веќе ја имате својата утеха! Тешко вам кои сега сте сити, зашто ќе гладувате! Тешко вам кои сега се смеете, зашто ќе тагувате и ќе плачете! Тешко вам кога сите луѓе зборуваат добро за вас, зашто нивните прататковци им го правеа истото и на лажните пророци!“ (Лука 6:24-26).

Зошто Исус рекол дека ќе им биде тешко на богатите, на оние што радосно се смеат и на оние што ја имаат наклоноста на луѓето? Затоа што човекот кој ги има овие работи и многу му значат, може да го запостави служењето на Бог, а токму тоа би му донело вистинска среќа. Исус не сакал да каже дека некој е среќен ако е сиромашен или гладен. Меѓутоа, луѓето што се наоѓаат во тешки животни околности почесто ги прифаќаат неговите учења и така пронаоѓаат вистинска среќа.

Потоа, на своите ученици им рекол: „Вие сте солта на земјата“ (Матеј 5:13). Се разбира, тие зборови имале симболично значење. Солта спречува храната да се расипе. Всушност, близу до жртвеникот во Божјиот храм стоел голем куп сол со која свештениците ги посолувале жртвите што требало да бидат принесени. Исто така, солта била знак за нерасипаност и нераспадливост (3. Мојсеева 2:13; Езекиел 43:23, 24). Учениците на Исус биле „солта на земјата“ во таа смисла што ги штителе луѓето од духовна и морална расипаност. Нивната порака можела да им го спаси животот на оние што ќе ја прифателе.

Освен тоа, Исус им рекол на своите ученици: „Вие сте светлината на светот“. Никој не би ставил светилка под кошница, туку би ја ставил на светилник, од каде што ќе може да дава светлина. Затоа Исус ги поттикнал: „Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да го слават вашиот Татко, кој е на небесата“ (Матеј 5:14-16).

ВИСОКИ МОРАЛНИ МЕРИЛА

Еврејските верски водачи сметале дека Исус го кршел Божјиот закон и пред некое време решиле да го убијат. Затоа, Исус отворено рекол: „Немојте да мислите дека дојдов да ги обезвреднам Законот или Пророците. Не дојдов да обезвреднам, туку да исполнам“ (Матеј 5:17).

 Исус имал голема почит кон Божјиот закон, и ги поттикнувал и другите да го почитуваат. Дури рекол: „Кој ќе прекрши една од овие најмали заповеди, и така ги научи луѓето, тој ќе биде наречен најмал во небесното царство“. Тоа значело дека таквиот човек воопшто немало да влезе во Царството. „А секој што ги извршува и поучува други за нив“, продолжил Исус, „ќе биде наречен голем во небесното царство“ (Матеј 5:19).

Исус ги осудил дури и ставовите кои можеле да наведат некого да го прекрши Божјиот закон. Откако ја спомнал заповедта „не убивај“, тој додал: „Секој што упорно се гневи на својот брат, ќе одговара пред суд“ (Матеј 5:21, 22). Постојано да чувствуваш гнев кон некого е многу опасно, а може да доведе и до убиство. Затоа, Исус преку пример истакнал колку многу би требало да се трудиме да останеме во добри односи со другите: „Ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Матеј 5:23, 24).

Една друга заповед од Законот забранувала прељуба. Во врска со тоа, Исус рекол: „Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба!‘ А јас ви велам: секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:27, 28). Исус овде не зборувал за неморална мисла што некому случајно ќе му прелета низ мислите, туку нагласил колку е сериозно кога некој „гледа во жена со страст“. Ако често гледаме нешто, тоа во нас може да разбуди страстна желба. Како би можеле навреме да се заштитиме за да не дојде до такво нешто? Понекогаш мора да преземеме драстични мерки. Исус рекол: „Ако твоето десно око те наведува на грев, извади го и фрли го од себе... И ако твојата десна рака те наведува на грев, отсечи ја и фрли ја од себе“ (Матеј 5:29, 30).

За да си го спасат животот, некои луѓе прифаќаат да им биде отсечен некој дел од телото што им е заболен. Не е чудно што Исус рекол дека е подобро да ‚фрлиме‘ што и да е, дури и нешто што е толку вредно како око или рака, само за да се избориме со неморалните мисли и да не ги пожнееме последиците од нив. „Подобро ти е да изгубиш еден од своите делови на телото“, објаснил Исус, „отколку целото твое тело да се најде во геената“ (место надвор од ѕидовите на Ерусалим каде што се фрлало и палело ѓубрето), којашто е симбол на вечно уништување.

Исус зборувал и за тоа како да се однесуваме со луѓето што сакаат да ни нанесат штета или да нѐ навредат. Тој рекол: „Не спротивставувајте му се на оној што е злобен. Напротив, ако некој ти удри шлаканица по десниот образ, сврти му го и другиот“ (Матеј 5:39). Со тоа не сакал да каже дека не треба да се браниме себеси или нашето семејството ако некој нѐ нападне. Никој не удира шлаканица за да нанесе сериозна повреда или да убие некого, туку за  да навреди. Според тоа, поуката на Исус била да не возвраќаме ако некој сака да предизвика караница или тепачка, сеедно дали така што дословно ќе ни удри шлаканица или ќе нѐ навреди со зборови.

Таа поука е во склад со Божјиот закон да го сакаме ближниот. Затоа Исус го дал следниов совет: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“. Потоа објаснил зошто: „За да бидете синови на својот Татко кој е на небесата, бидејќи тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите“ (Матеј 5:44, 45).

Тој дел од својата проповед Исус го заклучил со зборовите: „Според тоа, бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко“ (Матеј 5:48). Се разбира, со тоа Исус не сакал да каже дека можеме да бидеме совршени како Бог. Но, ако го следиме примерот на Бог, можеме да успееме да ги сакаме дури и своите непријатели. Со други зборови, Исус рекол: „Бидете милосрдни, како што е милосрден вашиот Татко“ (Лука 6:36).

МОЛИТВАТА И ДОВЕРБАТА ВО БОГ

Понатаму во својата проповед, Исус го поттикнал насобраниот народ: „Внимавајте да не правите праведни дела пред луѓето за да ве видат“. Тој го осудил лицемерството на луѓето кои пред другите сакале да се прикажат како побожни, додавајќи: „Кога даваш милостина, не труби пред себе, како што прават лицемерите“ (Матеј 6:1, 2). Кога даваме, најдобро е да не го правиме тоа пред другите.

Исус продолжил: „Кога се молите, не бидете како лицемерите. Зашто, тие сакаат да се молат стоејќи во синагогите и на големите раскрсници за да ги видат луѓето“. Наместо тоа, ги советувал: „Кога се молиш, влези во својата најскриена соба и затвори ја вратата, па помоли му се на својот Татко кој е во тајност“ (Матеј 6:5, 6). Исус не бил против јавните молитви. Дури и самиот тој се молел пред други. Тој ги осудил молитвите кои луѓето ги кажувале само за да ги воодушеват другите и за да добијат ласкави пофалби.

Потоа на луѓето им рекол: „Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто, како што прават луѓето од светот“ (Матеј 6:7). Исус не сакал да каже дека е погрешно некој повеќепати да се моли за една иста работа. Тој бил против тоа да се кажува „секогаш едно исто“, односно да се повторуваат напамет научени фрази. Потоа кажал молитва што на сите треба да ни служи како пример, а се состои од седум барања. Првите три се однесуваат на Божјето право да владее и на неговата намера — да биде посветено неговото име, да дојде неговото Царство и да се врши неговата волја. По овие работи, можеме да се молиме и за нашите лични потреби како, на пример, за секојдневната храна и за да ни бидат простени гревовите, како и да не бидеме искушани повеќе од што можеме да издржиме и да бидеме избавени од Злобниот.

 Колку треба да ни бидат важни материјалните работи? Исус ги поттикнал луѓето: „Престанете да собирате богатство на земјата, каде што молецот и ’рѓата нагризуваат и каде што крадци провалуваат и крадат“. Колку разумен совет! Материјалните работи може лесно да пропаднат, како што и често се случува. Што е уште поважно, со нив не можеме да стекнеме наклоност од Бог. Затоа Исус рекол: „Собирајте си богатство на небото“. Тоа можеме да го правиме така што службата за Бог ќе ни биде на прво место во животот. Така ќе стекнеме добро име пред Бог и ќе добиеме вечен живот како награда, работи кои никој не може да ни ги одземе. Колку е точно она што го заклучил Исус: „Каде ти е богатството, таму ќе ти биде и срцето“ (Матеј 6:19-21).

За да нагласи колку е опасен материјализмот, Исус ја кажал следнава споредба: „Светилка на телото е окото. Значи, ако окото ти е бистро, целото тело ќе ти биде светло. Но, ако окото ти е злобно, целото тело ќе ти биде темно“ (Матеј 6:22, 23). Окото што добро гледа, за телото е како светилка на темно место. За да може јасно да гледа, нашето симболично око мора да биде фокусирано само на една работа. Во спротивно, би можеле погрешно да процениме што е вистински важно во животот. Ако повеќе гледаме да стекнеме материјални работи отколку да правиме нешто за Бог, тогаш ‚целото наше тело ќе биде темно‘, поради што би можеле дури и да почнеме да постапуваме нечесно.

Потоа Исус дал еден впечатлив пример: „Никој не може да им робува на двајца господари, зашто или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го сака, или ќе биде приврзан кон едниот, а другиот ќе го презира. Не можете да му робувате и на Бог и на богатството“ (Матеј 6:24).

Кога слушнале како треба да гледаат на материјалните потреби, некои од мноштвото можеби се загрижиле. Затоа Исус ги уверил дека, ако Бог им е на прво место, не треба да  бидат загрижени за своите материјални потреби. „Погледнете ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, а сепак вашиот небесен Татко ги храни“ (Матеј 6:26).

А зошто Исус ги спомнал полските кринови? Тој рекол дека ‚ни Соломон, во сета своја слава, не бил облечен како еден од нив‘. Што покажувало тоа? „Ако Бог така го облекува полското билје, кое денес го има, а утре се фрла в печка, нема ли многу повеќе да ве облече вас?“ (Матеј 6:29, 30). Исус им дал мудар совет: „Немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘... Вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Матеј 6:31-33).

КАКО СЕ ДОБИВА ЖИВОТ

Апостолите и други искрени лица сакале да живеат според Божјите барања, но тоа воопшто не било лесно. На пример, многу фарисеи биле склони да ги критикуваат и безмилосно да ги осудуваат другите. Затоа Исус ги предупредил оние што го слушале: „Не судете, за да не бидете судени. Зашто, со каков суд судите, со таков ќе ви се суди“ (Матеј 7:1, 2).

Било опасно учениците да се поведат по фарисеите, кои постојано ги критикувале другите. Затоа Исус рекол: „Може ли слепец да води слепец? Нема ли двајцата да паднат во јама?“ Тогаш, како требало оние што го слушале Исус да ги гледаат другите? Не со цел да им најдат мана, бидејќи тоа би било сериозен престап. Исус прашал: „Како можеш да му речеш на својот брат: ‚Брате, дозволи ми да ти ја извадам раската што ти е во окото‘, а самиот не ја гледаш гредата во своето око? Лицемеру! Извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш добро ќе видиш како да ја извадиш раската што е во окото на твојот брат“ (Лука 6:39-42).

Сепак, тоа не значело дека учениците на Исус воопшто не требало да просудуваат. „Не давајте им го на кучињата она што е свето и не фрлајте ги своите бисери пред свињи“, рекол тој (Матеј 7:6). Вистините што се наоѓаат во Божјата Реч се скапоцени како бисери. Но, ако некои луѓе се однесувале како животни, без да покажат ниту малку ценење кон тие скапоцени вистини, учениците требало да си отидат од кај нив и да ги бараат оние што ќе сакале да ја слушаат нивната порака.

Потоа Исус се вратил на темата за молитвата, овојпат за да покаже колку е важно да се истрае во неа. „Молете, и ќе ви се даде“, рекол. За да нагласи колку Бог е спремен да ни ги услиши молитвите, Исус прашал: „Кој од вас, ако неговиот син го замоли за леб, ќе му даде камен?.. И така, ако вие, иако сте зли, знаете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе вашиот Татко кој е на небесата ќе им даде добри работи на оние што го молат?“ (Матеј 7:7-11).

Тогаш Исус кажал едно правило на однесување кое станало многу познато: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“. Зарем не би требало секој од нас да ги послуша овие зборови и да ги применува во односите со другите? Исус знаел  дека тоа нема секогаш да биде лесно и затоа рекол: „Влезете низ тесната врата. Зашто, широк и простран е патот што води во пропаст, и мнозина одат по него. А тесна е вратата и тесен е патот што води во живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:12-14).

Бидејќи Исус знаел дека ќе има такви што ќе се обидуваат да ги одвратат неговите ученици од патот што води во живот, го дал следново предупредување: „Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат кај вас во овчо руно, а однатре се крвожедни волци“ (Матеј 7:15). Исто така, рекол дека едно дрво може да се препознае дали е добро или лошо по плодовите што ги дава. Така е и со луѓето. Лажните пророци можеме да ги препознаеме по нивните учења и постапки. Според тоа, како што рекол Исус, за некој да биде негов ученик не е важно само што вели, туку и што прави. Што ќе било со оние што тврделе дека Исус е нивен Господар, но не ја вршеле волјата на Бог? Исус кажал: „Тогаш ќе им речам: Никогаш не сум ве познавал! Бегајте од мене, вие што правите беззаконија!“ (Матеј 7:23).

На крајот на својата проповед, Исус рекол: „Секој што ги слуша овие мои зборови и ги извршува, ќе биде како разборит човек, кој си ја изградил куќата на карпа. И заврна силен дожд, и надојдоа порои, и дувнаа ветрови и удрија на таа куќа, но таа не падна, зашто темелот ѝ беше на карпа“ (Матеј 7:24, 25). Зошто куќата не се срушила? Затоа што човекот ‚копал во длабочина и положил темел на карпа‘ (Лука 6:48). Значи, не е доволно само да ги слушаме зборовите на Исус туку треба и да даваме сѐ од себе за да ‚ги извршуваме‘.

Што да се каже за оној што ‚ги слушал тие зборови, а не ги извршувал‘? Тој бил „како безумен човек, кој си ја изградил куќата на песок“ (Матеј 7:26). Дождот, пороите и ветровите ќе ја срушеле неговата куќа.

Мноштвата биле одушевени од начинот на кој ги поучувал Исус. Тој го правел тоа како некој зад чии зборови стоел Бог, а не како верските водачи. Веројатно мнозина од оние што го слушале станале негови ученици.