Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 49

Проповедал низ Галилеја и ги обучувал апостолите

Проповедал низ Галилеја и ги обучувал апостолите

МАТЕЈ 9:35 — 10:15; МАРКО 6:6-11; ЛУКА 9:1-5

  • ИСУС ПОВТОРНО ПРОПОВЕДАЛ НИЗ ГАЛИЛЕЈА

  • ГИ ИСПРАТИЛ АПОСТОЛИТЕ ДА ПРОПОВЕДААТ

Поминале околу две години откако Исус почнал активно да проповеда. Дали било време малку да забави, да не вложува толку труд во својата служба? Не. Напротив, Исус одлучил уште повеќе да проповеда така што почнал „да ги обиколува сите градови и села [во Галилеја], поучувајќи во нивните синагоги и проповедајќи ја добрата вест за царството и лекувајќи секакви болести и секакви немоќи“ (Матеј 9:35). Она што го видел го уверило дека било потребно уште повеќе да се проповеда. Но, како би го постигнал тоа?

Каде и да одел, Исус гледал луѓе на кои им било потребно духовно лекување и утеха. Му било жал бидејќи биле измачени и расеани како овци без пастир. Затоа на своите ученици им рекол: „Вистина, жетвата е голема, а работници има малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Матеј 9:37, 38).

Исус знаел што требало да направи. Ги собрал своите дванаесет апостоли и ги поделил во шест парови. Потоа им дал јасни упатства како да проповедаат: „Не одете кај другите народи и не влегувајте во самариски град, туку одете кај загубените овци на Израеловиот дом. Додека одите, проповедајте: ‚Се приближи царството небесно‘“ (Матеј 10:5-7).

Царството за кое требало да проповедаат било Царството кое Исус го спомнал во молитвата што ја кажал на Проповедта на гората. ‚Царството се приближило‘ во таа смисла што идниот Цар на Божјето Царство, Исус Христос, дошол на Земјата. Но, што ќе послужело како доказ дека неговите ученици биле вистински застапници на Божјата влада? Исус им дал моќ да лекуваат болни, па дури и да воскреснуваат мртви, и сето тоа требало да го прават бесплатно. Но, како тогаш апостолите ќе се грижеле за своите потреби? Што ќе јаделе?

Исус им рекол да не носат многу работи со себе. Не требало да носат ниту злато, ниту сребро, ниту бакар во појасите. Немало да им биде потребно ниту патна торба, ниту две облеки ниту, пак, сандали. Зошто? Исус ги уверил: „Работникот ја заслужува својата храна“ (Матеј 10:10). Знаел дека луѓето што ќе ја ценеле нивната порака, за возврат ќе им помогнеле околу нивните основни потреби. Исус рекол: „Во која куќа и да влезете, останете таму сѐ додека не си заминете од тој крај“ (Марко 6:10).

Потоа Исус ги поучил како да им пристапуваат на луѓето кога ќе сакаат да им ја пренесат веста за Царството. Тој им рекол: „Кога ќе влезете во куќата, поздравете ги домашните. Ако куќата е достојна, нека дојде на неа мирот што ѝ го посакувате, но ако не е достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. Таму каде што никој нема да ве прими или да ги послуша вашите зборови, на излегување од таа куќа или од тој град истресете го правот од нозете“ (Матеј 10:12-14).

Понекогаш ќе се случело дури и цел град или цело село да ја одбие нивната порака. Што ќе значело тоа за тие места? Исус кажал дека ќе биле тешко казнети. Тој рекол: „Вистина, ви велам, полесно ќе им биде на содомската и на гоморската земја во Судниот ден отколку на тој град“ (Матеј 10:15).