Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 60

Преобразувањето на Исус во сета негова слава

Преобразувањето на Исус во сета негова слава

МАТЕЈ 16:28 — 17:13; МАРКО 9:1-13; ЛУКА 9:27-36

  • ВИДЕНИЕТО ЗА ПРЕОБРАЗУВАЊЕТО

  • АПОСТОЛИТЕ ГО СЛУШНАЛЕ ГЛАСОТ НА БОГ

Додека ги поучувал луѓето во подрачјето на Цезареја Филипова, на околу дваесет и пет километри од планината Хермон, Исус им кажал на своите апостоли нешто што ги зачудило. Тој рекол: „Вистина, ви велам, некои од оние што стојат овде нема да вкусат смрт додека не го видат Синот човечки како доаѓа како цар“ (Матеј 16:28).

Учениците сигурно се прашувале што би можело тоа да значи. Околу една седмица подоцна, Исус со себе повел тројца од апостолите — Петар, Јаков и Јован — на една висока гора. Кога стигнале веројатно веќе било ноќ, затоа што на тројцата апостоли им се спиело. Додека се молел, Исус се преобразил пред нив така што лицето почнало да му сјае како сонце, а облеката му станала бела како светлина.

Тогаш се појавиле два лика, „Мојсеј и Илија“. Тие почнале да зборуваат со Исус ‚за неговото заминување, кое требало да се случи во Ерусалим‘ (Лука 9:30, 31). Заминувањето на Исус очигледно се однесувало на неговата смрт, а потоа и на воскресението, за кои зборувал кратко пред тоа (Матеј 16:21). Тој разговор покажал дека неговата понижувачка смрт не била нешто што тој требало да го избегне, како што мислел Петар.

Веќе потполно расонети, апостолите со голема зачуденост го гледале и го слушале она што се случувало. Тоа видение изгледало толку реално што Петар се вклучил во разговорот и рекол: „Учителе, добро ни е овде. Затоа, ајде да подигнеме три шатори: еден за тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија“ (Марко 9:5). Дали можеби Петар предложил да подигне шатори бидејќи сакал видението да трае што е можно подолго?

Додека Петар уште зборувал, ги засенил еден светол облак од кој се слушнале зборовите: „Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја! Него слушајте го!“ Кога го чуле Божјиот глас, учениците од страв паднале ничкум, но Исус им рекол: „Станете, не плашете се“ (Матеј 17:5-7). Кога станале, пред тројцата апостоли немало никој друг освен Исус. Видението завршило. Утредента, додека слегувале од гората, Исус им заповедал: „Никому не кажувајте за ова видение додека Синот човечки не стане од мртвите“ (Матеј 17:9).

Тоа што учениците го виделе Илија во видението ги поттикнало да го прашаат Исус: „Зошто тогаш книжниците велат дека најпрво мора да дојде Илија?“ Исус им одговорил: „Илија веќе дојде и не го препознаа“ (Матеј 17:10-12). Исус зборувал за Јован Крстител, чија задача била слична на онаа што ја имал Илија. Како што Илија го подготвил патот за Елисеј, така Јован го подготвил патот за Христос.

Ова видение, кое било претслика за славата што Христос ќе ја добиел во Царството, сигурно многу им ја зајакнало верата и на Исус и на апостолите. Учениците го виделе „Синот човечки како доаѓа како цар“, токму како што им ветил (Матеј 16:28). На гората, тие биле „очевидци на неговата величественост“. Кога фарисеите барале од Исус знак, односно доказ дека е ветениот Цар кого го избрал Бог, тој не сакал да им даде. Но, неговите блиски ученици ја имале таа чест да го видат неговото преобразување, што уште повеќе ги уверило дека пророштвата за Царството сигурно ќе се исполнат. Затоа, Петар подоцна напишал: „Пророчката реч што ја имаме е уште посигурна“ (2. Петрово 1:16-19).