Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 64

Колку треба да простуваме

Колку треба да простуваме

МАТЕЈ 18:21-35

  • ДАЛИ ДА СЕ ПРОСТИ ДО СЕДУМ ПАТИ?

  • СПОРЕДБАТА ЗА НЕМИЛОСРДНИОТ РОБ

Петар слушнал кога Исус кажал дека, кога ќе се појави проблем меѓу двајца браќа, тие треба да се потрудат да го решат меѓусебе. Но, изгледа сакал да знае точно колку пати некој треба да направи такво нешто.

Затоа го прашал Исус: „Господару, колкупати може да ми згреши мојот брат, а јас да му простам? До седум пати?“ Некои верски водачи учеле дека требало да се прости до три пати. Според тоа, Петар веројатно сметал дека е многу великодушно ако му прости на својот брат „до седум пати“ (Матеј 18:21).

Меѓутоа, дури и самата идеја да броиме колку пати сме простиле некому не е во склад со учењето на Исус. Затоа, Исус му рекол на Петар: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесет и седум пати“ (Матеј 18:22). Со други зборови, тоа значело бесконечно. Немало граница до која Петар требало да му простува на својот брат.

За да можат Петар и другите јасно да разберат дека се должни да простуваат, Исус им раскажал една споредба. Во неа се зборувало за еден роб кој не бил милосрден како својот господар. Еден цар сакал да ги среди сметките со своите робови. Така, му довеле еден од робовите кој му должел десет илјади таланти [шеесет милиони денарии]. Сумата била толку голема што робот немал никаква можност да ја плати. Затоа царот наредил робот, неговата жена и неговите деца да бидат продадени и така да се подмири долгот. Тогаш робот паднал пред нозете на царот и почнал да го моли: „Биди стрплив со мене, и сѐ ќе ти вратам“ (Матеј 18:26).

Царот се сожалил и милосрдно го поништил неговиот огромен долг. Веднаш потоа, робот заминал и сретнал еден друг роб, кој нему му должел сто денарии. Го зграпчил и почнал да го дави, велејќи му: „Исплати ми сѐ што ми должиш“. Но, тој роб паднал пред неговите нозе и почнал да го моли: „Биди стрплив со мене, и ќе ти вратам“ (Матеј 18:28, 29). Меѓутоа, робот кому царот му го простил долгот не бил милосрден како својот господар. Тој го фрлил во затвор другиот роб сѐ додека не успее да му врати сѐ, иако тој роб нему му должел многу малку во споредба со сумата што самиот му ја должел на царот.

Кога другите робови виделе како постапил немилосрдниот роб, отишле кај царот и му го кажале тоа. Тогаш царот се разгневил, го повикал робот и му рекол: „Зол робу, јас ти го поништив сиот оној долг, бидејќи ме молеше. Зарем не требаше и ти да му се смилуваш на другиот роб, како што јас ти се смилував тебе?“ Царот бил толку лут што им го предал немилосрдниот роб на темничарите додека не врател сѐ што должел. Како заклучок, Исус рекол: „Така и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од вас не му прости од срце на својот брат“ (Матеј 18:32-35).

Колку важна поука за простувањето! Бидејќи сите сме грешни, Бог нам ни простил огромен долг. Колку и да ни згрешат нашите браќа и сестри по вера, тоа не е ништо во споредба со тоа колку ние му грешиме на Бог. Освен тоа, Јехова не ни простил само еднаш, туку илјадници пати. Зарем не треба и ние постојано да им простуваме на нашите браќа, дури и кога сметаме дека некој многу нѐ повредил? Секогаш да го имаме на ум она што Исус го кажал во Проповедта на гората — Бог ќе ни ги ‚прости нашите долгови, како што и ние им простуваме на нашите должници‘ (Матеј 6:12).