Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 30

Во каков однос бил Исус со Бог

Во каков однос бил Исус со Бог

ЈОВАН 5:17-47

  • БОГ МУ БИЛ ТАТКО НА ИСУС

  • ИСУС ВЕТИЛ ВОСКРЕСЕНИЕ

Кога некои Евреи го обвиниле Исус дека го прекршил законот за саботата со тоа што излекувал еден човек, Исус им одговорил: „Мојот Татко работи сѐ досега, па и јас работам“ (Јован 5:17).

Она што Исус го правел во сабота не било грев според Божјиот закон. Тој проповедал и ги лечел луѓето бидејќи го следел примерот на својот Татко, кој прави добри дела секој ден. Но, неговиот одговор уште повеќе ги разгневил оние што го обвинувале. Тие решиле да го убијат. Зошто?

Освен што погрешно мислеле дека Исус го крши законот за саботата со тоа што лекува на тој ден, овие Евреи сметале дека е голема навреда тоа што Исус тврдел дека е Божји Син. Тоа што Исус рекол дека Бог му е Татко го сметале за богохулење. За нив тоа било исто како да се изедначува со Бог. Но, Исус не се исплашил од нивната реакција и продолжил да зборува за посебната врска која постоела меѓу него и Бог. „Таткото го сака Синот и му покажува сѐ што прави самиот“, рекол Исус (Јован 5:20).

Таткото е Изворот на животот, и тоа го покажал уште во минатото кога на некои луѓе им дал способност да воскреснуваат мртви. Затоа Исус рекол: „Како што Таткото ги подигнува мртвите и ги оживува така и Синот ги оживува оние, кои што сака“ (Јован 5:21). Колку значајни зборови што влеваат надеж! Во духовна смисла, Исус уште тогаш воскреснувал мртви. Тој рекол: „Кој ја слуша мојата реч и му верува на оној што ме испрати, има вечен живот, и не доаѓа на суд, туку преминал од смрт во живот“ (Јован 5:24).

Нема извештај дека до тој момент Исус буквално воскреснал некого, но на оние што го обвиниле им кажал дека ќе има и такво воскресение. Тој рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).

И покрај исклучително важната улога што ја имал, Исус јасно кажал дека му е подложен на Бог: „Јас не можам ништо да правам сам од себе... не ја барам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати“ (Јован 5:30). Сепак, ја објаснил и посебната улога што тој ја имал во Божјата намера, нешто што дотогаш го немал јавно направено. Веродостојноста на она што го зборувал ја потврдил уште некој. „Вие испративте луѓе кај Јован [Крстител], и тој посведочи за вистината“, ги потсетил Исус (Јован 5:33).

Оние што го обвинувале Исус веројатно добро знаеле што мислел со тоа. Околу две години пред тоа, Јован им кажал на еврејските верски водачи за Оној што требало да дојде по него, оној што бил наречен „Пророк“ и „Христос“ (Јован 1:20-25). За да ги потсети дека порано тие многу го ценеле Јован, кој во моментот бил во затвор, Исус им рекол: „Вие сакавте само кратко да ѝ се радувате на неговата светлина“ (Јован 5:35). Но, Исус им дал уште поголемо сведоштво од сведоштвото на Јован Крстител.

„Самите тие дела што ги вршам [вклучувајќи го лекувањето кое го направил кратко пред тоа] сведочат за мене дека Таткото ме испрати.“ Освен тоа, Исус додал: „Таткото, кој ме испрати, самиот посведочи за мене“ (Јован 5:36, 37). На пример, Бог посведочил за Исус при неговото крштавање (Матеј 3:17).

Затоа, тие Евреи немале оправдување што го отфрлиле Исус. Иако тврделе дека ги истражуваат светите списи, токму тие списи сведочеле за него. Исус заклучил: „Да му верувавте на Мојсеј, ќе ми верувавте и мене, бидејќи тој пишуваше за мене. Но ако не им верувате на неговите списи, како ќе им верувате на моите зборови?“ (Јован 5:46, 47).