Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 54

Исус — „лебот на животот“

Исус — „лебот на животот“

ЈОВАН 6:25-48

  • ИСУС РЕКОЛ ДЕКА ТОЈ Е „ЛЕБОТ ОД НЕБОТО“

Пред да замине од источниот брег на Галилејското Море, Исус со чудо нахранил илјадници луѓе и потоа избегал бидејќи сакале да го постават за цар. Ноќта одел по разбрануваното море и го спасил Петар, кој исто така се обидел да оди по водата, но почнал да тоне кога верата му ослабнала. Исус го смирил ветрот, со што можеби ги спасил учениците од бродолом.

Утрото, Исус повторно бил на западната страна на морето, на подрачјето на Капернаум. Луѓето што со чудо ги нахранил го нашле и го прашале: „Кога дојде овде?“ Меѓутоа, Исус ги прекорил што дошле кај него само затоа што очекувале дека пак ќе им даде да јадат. Затоа ги советувал ‚да не работат за храна што пропаѓа, туку за храна што останува за вечен живот‘. Тогаш тие го прашале: „Што треба да правиме за да ги вршиме делата што Бог ги бара?“ (Јован 6:25-28).

Луѓето можеби мислеле на барањата запишани во Законот, но Исус им кажал кое дело било најважно за Бог: „Делото кое Бог го бара е да верувате во оној кого тој го испрати“. Меѓутоа, тие немале таква вера во Исус, и покрај сѐ што направил дотогаш. Барале уште еден чудесен знак за да можат да поверуваат во него. „Какво дело извршуваш?“, го прашале. „Нашите прататковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: ‚Им даде леб од небото да јадат‘“ (Јован 6:29-31; Псалм 78:24).

Бидејќи барале знак, Исус им го свртел вниманието кон вистинскиот Извор на храната добиена преку чудо. Тој рекол: „Ви велам, Мојсеј не ви го даде лебот од небото, туку мојот Татко ви го дава вистинскиот леб од небото. Зашто, Божјиот леб е Оној што слегува од небото и му дава живот на светот“. Бидејќи не разбрале што сакал да им каже, луѓето му рекле: „Господару, давај ни го секогаш тој леб“ (Јован 6:32-34). Но, на каков „леб“ мислел Исус?

Тој објаснил: „Јас сум лебот на животот. Оној што доаѓа кај мене, нема да огладни, и оној што верува во мене, нема никогаш да ожедни. Но ви реков: ме видовте, а сепак не верувате... Не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати. А волјата на оној што ме испрати е да не изгубам никого од оние што ми ги даде, туку да ги воскреснам во последниот ден. Зашто, волјата на мојот Татко е: секој што го гледа Синот и верува во него да има вечен живот“ (Јован 6:35-40).

Кога ги слушнале тие зборови, Евреите се налутиле и почнале да зборуваат против Исус. Не им било јасно како можел да тврди дека тој е ‚лебот што слегол од небото‘ (Јован 6:41). За нив, тој бил само еден обичен човек, чии родители биле од галилејскиот град Назарет. Поради тоа си зборувале меѓу себе: „Не е ли ова Исус, синот на Јосиф, чии татко и мајка ги знаеме?“ (Јован 6:42).

„Престанете да мрморите меѓу себе“, им одговорил Исус. „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати. И јас ќе го воскреснам во последниот ден. Во Пророците е напишано: ‚Сите ќе бидат поучени од Јехова‘. Секој што го слуша Таткото и учи од него, доаѓа кај мене. Тоа не значи дека некој го видел Таткото, освен оној што е од Бог, тој го видел Таткото. Вистина, вистина, ви велам, оној што верува, има вечен живот“ (Јован 6:43-47; Исаија 54:13).

Во една друга прилика, кога разговарал со Никодим, Исус спомнал вечен живот и го поврзал со верата во Синот човечки, велејќи: „Секој што верува во [Божјиот единороден Син] да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:15, 16). Овојпат Исус пред многу повеќе луѓе кажал дека вечен живот можат да добијат само преку него, а не преку маната или преку лебот што секојдневно го јаделе. Значи, како можеле да добијат вечен живот? Исус повторил: „Јас сум лебот на животот“ (Јован 6:48).

Но, расправата за лебот од небото не завршила и својот врв го достигнала кога Исус поучувал во синагогата во Капернаум.