Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 38

Јован ги испратил учениците кај Исус

Јован ги испратил учениците кај Исус

МАТЕЈ 11:2-15; ЛУКА 7:18-30

  • ЈОВАН КРСТИТЕЛ ПРАШАЛ ДАЛИ ИСУС Е МЕСИЈАТА

  • ИСУС ЗБОРУВАЛ ПОФАЛНО ЗА ЈОВАН

Поминала околу една година откако Јован Крстител бил затворен. Но, дури и во затворот слушал за чудата на Исус. Замисли си како се чувствувал кога неговите ученици му кажале дека Исус го воскреснал синот на една вдовица од Наин. Сепак, Јован сакал да чуе лично од Исус што значеле неговите дела. Затоа испратил двајца свои ученици кај Исус за да го прашаат: „Ти ли си оној што треба да дојде или да чекаме некој друг?“ (Лука 7:19).

Дали било чудно што Јован поставил такво прашање? Јован бил верен човек и при крштавањето на Исус две години претходно видел како Божјиот дух слегол врз Исус и чул дека Бог го одобрува. Погрешно би било да заклучиме дека верата на Јован ослабнала. Во таа прилика Исус зборувал многу пофално за Јован, што сигурно не би го направил ако Јован почнал да се сомнева во него. Тогаш, зошто Јован го поставил тоа прашање?

Можеби Јован сакал самиот Исус да му потврди дека тој е Месијата. Тоа би му дало сила да издржи во затворот. Но, веројатно Јован сакал да дознае уште нешто. Тој знаел дека, според библиските пророштва, Божјиот Помазаник требало да биде цар и избавител. Сепак, поминале месеци откако Исус се крстил, а Јован сѐ уште бил во затвор. Затоа сакал да знае дали по Исус ќе дојде некој друг, можеби некој негов наследник, кој ќе го исполни сето она што било проречено за Месијата.

На учениците на Јован, Исус не им кажал: „Да, јас сум Тој што го чекавте“, туку им покажал дека е испратен од Бог со тоа што пред нив излекувал многу луѓе од разни болести и тешкотии. Потоа им рекол: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате: слепите гледаат, сакатите одат, лепрозните се очистуваат, глувите слушаат, мртвите стануваат и на сиромасите им се објавува добрата вест“ (Матеј 11:4, 5).

Прашањето на Јован покажува дека тој можеби очекувал Исус да направи нешто повеќе од она што го правел дотогаш, па дури и да го ослободи од затвор. Меѓутоа, од зборовите на Исус се гледа дека Јован не требало да очекува од него поголеми чуда од оние што веќе ги правел.

Кога учениците на Јован си отишле, Исус му рекол на мноштвото дека Јован не само што бил пророк туку бил и проречениот „гласник“ на Јехова спомнат во Малахија 3:1 и „пророкот Илија“, за кој зборува пророштвото од Малахија 4:5, 6. Исус објаснил: „Вистина, ви велам, меѓу родените од жена не се појавил некој поголем од Јован Крстител, но помалиот во царството небесно е поголем од него“ (Матеј 11:11).

Со тоа што рекол дека помалиот во Царството небесно е поголем од Јован, Исус покажал дека Јован нема да влезе во небесното Царство. Јован му го подготвил патот на Исус, но умрел пред Христос да го отвори патот за оние што ќе владеат со него во небесното Царство (Евреите 10:19, 20). Меѓутоа, како верен пророк на Бог, Јован ќе живее на Земјата под власта на Божјето Царство.

Нешто повеќе

РАЗБУДЕТЕ СЕ!

Што вели Библијата за Месијата

Дали знаеш дека во Библијата било проречено дека Месијата ќе умре пред да ја исполни својата улога?