Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 61

Исус излекувал момче обземено од демон

Исус излекувал момче обземено од демон

МАТЕЈ 17:14-20; МАРКО 9:14-29; ЛУКА 9:37-43

  • БИЛА ПОТРЕБНА ГОЛЕМА ВЕРА ЗА ДА СЕ ИЗЛЕКУВА ЕДНО МОМЧЕ ОБЗЕМЕНО ОД ДЕМОН

Кога Исус, Петар, Јаков и Јован слегле од гората, наишле на мноштво насобран народ. Се гледало дека нешто не е во ред. Околу учениците биле насобрани книжници и се расправале со нив. Кога го здогледале Исус, луѓето се изненадиле и се стрчале кон него за да го поздрават. „За што се препирате со нив?“, ги прашал (Марко 9:16).

Тогаш еден човек паднал на колена пред Исус и му рекол: „Учителе, ти го доведов син ми зашто е обземен од дух, поради кој не може да зборува. Каде и да го фати, го треснува одземи, а тој се запенува, чкрта со забите и ја губи силата. И им реков на твоите ученици да го истераат, но не можеа“ (Марко 9:17, 18).

Очигледно, книжниците ги критикувале учениците бидејќи не можеле да го излекуваат момчето, а можеби и им се потсмевале. Исус не му одговорил ништо на избезумениот татко, туку се свртел кон народот и рекол: „О безверно и изопачено поколение! До кога морам да останам со вас? До кога морам да ве поднесувам?“ Овие остри зборови сигурно се однесувале на книжниците, кои се препирале со неговите ученици додека тој не бил со нив. Потоа Исус му рекол на вознемирениот татко: „Доведете го кај мене“ (Матеј 17:17).

Кога го довеле момчето, демонот го фрлил на земја во грч, и тоа почнало да се тркала и да исфрла пена од устата. „Колку долго му се случува ова?“, го прашал Исус таткото. Тој му одговорил: „Од детството. И често го фрла и во оган и во вода за да го убие“. Човекот почнал да го преколнува Исус: „Ако можеш нешто да направиш, смилувај ни се и помогни ни“ (Марко 9:21, 22).

Таткото бил очаен бидејќи дури ни учениците на Исус не успеале да му помогнат на неговиот син. Исус му одговорил со следниве охрабрувачки зборови: „Ми велиш: ‚Ако можеш‘! Сѐ е можно за оној што има вера“. Таткото веднаш извикал: „Верувам! Но помогни ми да имам уште поголема вера“ (Марко 9:23, 24).

Кога Исус видел дека луѓето тргнале кон него, пред сите го прекорил демонот: „Духу, ти кој го правиш да биде нем и глув, ти заповедам, излези од него и повеќе не влегувај во него!“ Додека демонот излегувал од момчето, тоа викало и долго се грчело. Потоа останало да лежи на земјата без да се помрдне, па многу луѓе рекле: „Мртво е!“ (Марко 9:25, 26). Но, Исус го фатил за раката, а тоа станало и ‚оздравело во тој час‘ (Матеј 17:18). Сите биле зачудени!

Некое време пред овој настан, кога Исус ги испратил апостолите да проповедаат, тие истерувале демони. Но, овојпат не можеле. Затоа, кога подоцна влегле во една куќа, го прашале Исус: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ Исус им објаснил дека не можеле затоа што немале доволно вера. Им рекол: „Овој вид со ништо не може да се истера, освен со молитва“ (Марко 9:28, 29). За да успееле да го истераат тој моќен демон, било потребно да имаат силна вера и да се молат за сила и помош од Бог.

На крајот, Исус рекол: „Вистина, ви велам, ако вашата вера е голема само колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму‘, и ќе се премести. И ништо нема да ви биде невозможно“ (Матеј 17:20). Верата навистина има голема моќ!

Пречките и тешкотиите на кои наидуваме додека му служиме на Јехова може да ни изгледаат толку големи и несовладливи како да се планини. Сепак, ако нашата вера постојано расте, ќе успееме да совладаме секаков проблем, па дури и да е голем колку планина.