Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 25

Сочувствително излекувал лепрозен човек

Сочувствително излекувал лепрозен човек

МАТЕЈ 8:1-4; МАРКО 1:40-45; ЛУКА 5:12-16

  • ИСУС ИЗЛЕКУВАЛ ЕДЕН ЛЕПРОЗЕН ЧОВЕК

Додека Исус со своите четворица ученици проповедал ‚во синагогите по цела Галилеја‘, веста за неговите чуда брзо се ширела (Марко 1:39). Гласот за него стигнал и до градот во кој живеел еден лепрозен човек. Во своето евангелие, лекарот Лука напишал дека тој човек бил „полн со лепра“ (Лука 5:12). Бидејќи оваа страшна болест кај тој човек била во напредна фаза, неговото тело почнало да се изобличува.

Според тоа, овој лепрозен човек бил во многу лоша состојба, а морал и да живее одвоено од другите. Освен тоа, секогаш кога ќе имало луѓе во близина, тој требало да извикува „нечист, нечист“ за да не се случело некој да му се приближи и да се зарази (3. Мојсеева 13:45, 46). Но, што направил овој лепрозен човек кога го видел Исус? Му се приближил, паднал на колена пред него и почнал да го моли: „Господару, ако сакаш, ти можеш да ме исчистиш“ (Матеј 8:2).

Тој човек имал голема вера во Исус! А со оглед на тоа што го измачувала една таква болест, сигурно било жално и да се погледне во него. Што направил Исус? Што би направил ти да беше на негово место? Поттикнат од сочувство, Исус ја испружил раката и го допрел. Потоа му рекол: „Сакам, исчисти се“ (Матеј 8:3). Колку и да изгледало неверојатно, човекот веднаш се исчистил од лепрата.

Дали би сакал да имаш цар кој ќе биде толку сочувствителен и моќен како Исус? Начинот на кој Исус постапил со лепрозниот човек ни служи како гаранција дека, кога тој ќе владее како Цар над целата Земја, ќе се исполнат зборовите од следново библиско пророштво: „Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите“ (Псалм 72:13). Можеме да бидеме сигурни дека тогаш Исус ќе го направи она што толку многу го сака и ќе им помогне на сите што се измачени.

Но, луѓето биле воодушевени од Исус уште пред да го излекува човекот болен од лепра. Исус бил свесен дека брзо ќе се дознае и за тоа чудо. Но, не сакал луѓето да веруваат во него само поради она што ќе го чуеле од другите. Тој знаел дека, според пророштвото, ‚неговиот глас немало да се слуша по улиците‘, и не сакал да сврти внимание кон себеси (Исаија 42:1, 2). Затоа, на човекот што го излекувал од лепрата му рекол: „Гледај никому ништо да не кажуваш, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го дарот што го одреди Мојсеј“ (Матеј 8:4).

Но, човекот бил толку среќен што не можел да молчи. Откако си заминал, насекаде почнал да раскажува што му се случило. Тоа кај луѓето предизвикало толкаво внимание и љубопитност што Исус некое време не се движел во градовите, туку само на места каде што никој не живеел. Сепак, луѓето успевале да го најдат дури и на тие места, и доаѓале кај него за да ги поучува и излекува.