Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 37

Исус го воскреснал синот на една вдовица

Исус го воскреснал синот на една вдовица

ЛУКА 7:11-17

  • ВОСКРЕСЕНИЕТО КАЈ НАИН

Кратко откако го излекувал слугата на стотникот, Исус заминал од Капернаум и се упатил кон градот Наин, кој бил оддалечен преку триесет и два километри на југозапад. Со Исус патувале неговите ученици и едно големо мноштво луѓе. Кога стигнале пред самиот град, најверојатно веќе било приквечерина. Таму наишле на погребна поворка која излегувала од Наин. Умрело едно младо момче и го носеле за да го погребат.

Од сите луѓе, најтешко ѝ било на мајката. Таа била вдовица, а сега останала и без синот единец. Кога маж ѝ умрел, ја тешела мислата дека барем нејзиниот син е крај неа. Сигурно биле многу блиски и се надевала дека, кога таа ќе остари, тој ќе се грижи за неа. Но, сега и него го немало. Како ќе продолжела со животот сама, без никој да ѝ помага?

Кога Исус ја здогледал жената, до срце го погодила нејзината голема болка и жалната ситуација во која се наоѓала. Затоа, нежно но со тон кој влевал сигурност ѝ рекол: „Не плачи“. Потоа направил уште нешто. Се приближил и ја допрел носилката на која било положено мртвото момче (Лука 7:13, 14). Сето ова ги натерало луѓето од поворката да застанат. Некои сигурно се прашувале: ‚Зошто го рече тоа? Што сака да направи?‘

А што помислиле оние кои патувале со Исус и кои претходно виделе како тој со чудо излекувал многу болни? Очигледно, дотогаш немале видено дека Исус воскреснал некого. Во далечното минато се случувале воскресенија, но можел ли Исус да направи такво нешто? (1. Царевите 17:17-23; 2. Царевите 4:32-37). Исус рекол: „Момче, тебе ти велам, стани!“ (Лука 7:14). Тоа и се случило. Момчето седнало и почнало да зборува! Исус ѝ го предал синот на мајката, која сигурно била запрепастена, но пресреќна. Веќе немало да биде сама.

Кога луѓето виделе дека момчето оживеало, почнале да го слават Изворот на животот, Јехова, велејќи: „Голем пророк е подигнат меѓу нас“. Други рекле: „Бог му се смилува на својот народ“ (Лука 7:16). Веста за таа неверојатна случка брзо се раширила низ околината, па веројатно и во градот во кој Исус пораснал, во Назарет, кој бил оддалечен околу десет километри. За чудото разбрале дури и луѓето во Јудеја на југ.

Во тоа време, Јован Крстител сѐ уште бил во затвор и сакал да дознае повеќе за делата што ги правел Исус. Неговите ученици му раскажале за чудата на Исус. Што направил Јован?