Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 33

Се исполнило едно пророштво на Исаија

Се исполнило едно пророштво на Исаија

МАТЕЈ 12:15-21; МАРКО 3:7-12

  • НАРОДОТ СЕ НАСОБРАЛ ОКОЛУ ИСУС

  • ИСУС ГО ИСПОЛНИЛ ПРОРОШТВОТО НА ИСАИЈА

Откако дознал дека фарисеите и следбениците на Ирод сакаат да го убијат, Исус со своите ученици отишол кај Галилејското Море. Околу него се насобрала толпа луѓе. Тие дошле од најразлични места — од Галилеја, од приморските градови Тир и Сидон, од источната страна на реката Јордан, од Ерусалим и од Идумеја, на крајниот југ. Исус излекувал мнозина, па затоа сите оние што биле болни се туркале за да дојдат понапред. Луѓето не чекале Исус да ги допре нив, туку барале начин тие да го допрат него (Марко 3:9, 10).

Околу Исус имало толку многу народ што тој им рекол на своите ученици секогаш да имаат подготвено чамец со кој би можел да се оддалечи од брегот. Исто така, од чамецот можел да ги поучува луѓето или да отплови на некој друг дел од брегот за да им помогне и на други.

Ученикот Матеј напишал дека Исус со својата служба го исполнил ‚она што било кажано преку пророкот Исаија‘ (Матеј 12:17). Кое пророштво го исполнил Исус?

„Еве го мојот слуга, кого го избрав, мојот сакан, кој е по волја на мојата душа! На него ќе го ставам својот дух, и тој јасно ќе им покаже на народите што е тоа правда. Нема да се кара и нема да вика, неговиот глас нема да се чуе по улиците. Згмечена трска нема да здроби и фитилот што тлее нема да го угасне, сѐ додека не ја доведе правдата до победа. Народите ќе се надеваат на неговото име“ (Матеј 12:18-21; Исаија 42:1-4).

Се разбира, саканиот слуга кој му бил по волја на Бог е Исус. Тој објавил што е вистинска правда, која во тоа време била замаглена од погрешните верски традиции. Бидејќи го применувале Божјиот закон на свој начин, фарисеите во сабота не сакале да му помогнат дури ни на некој што бил болен. Со тоа што објаснил каква е Божјата правда и јасно покажал дека врз него е Божјиот дух, Исус ги ослободил луѓето од верските обичаи со кои непотребно биле оптоварени. Затоа верските водачи сакале да го убијат. Колку жално!

Во која смисла Исус ‚не се карал, не викал и неговиот глас не се слушал по улиците‘? Откако ќе ги излекувал луѓето, Исус не им дозволувал „да шират глас за него“, а не им го дозволувал тоа ниту на демоните (Марко 3:12). Тој не сакал луѓето да дознаат за него така што ќе биде фален на цел глас по улиците или, пак, преку извртени муабети што ќе се пренесуваат од човек на човек.

Исто така, Исус им ја пренесувал својата утешна порака на луѓето кои, симболично кажано, биле како свиткана и згмечена трска. Тие биле и како фитил што тлее, чија последна искра живот само што не згаснала. Но, Исус не ја здробил скршената трска и не го угаснал треперливото пламенче на фитилот. Напротив, нежно и со љубов ги храбрел понизните и им влевал надеж. Исус навистина бил Избраникот во кого народите можеле да се надеваат!