Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛААВЈЕ 41

Со чија моќ Исус правел чуда

Со чија моќ Исус правел чуда

МАТЕЈ 12:22-32; МАРКО 3:19-30; ЛУКА 8:1-3

  • ИСУС ГО ЗАПОЧНАЛ СВОЕТО ВТОРО ПРОПОВЕДНИЧКО ПАТУВАЊЕ

  • ИСТЕРАЛ ДЕМОНИ И КАЖАЛ КОЈ ГРЕВ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПРОСТИ

Кратко откако во куќата на фарисејот Симон зборувал за простувањето, Исус започнал уште едно проповедничко патување низ Галилеја. Тоа било во втората година од неговата служба. Исус не патувал сам, туку заедно со своите дванаесет апостоли и со некои жени ‚кои биле излекувани од зли духови и од болести‘ (Лука 8:2). Меѓу нив биле Марија Магдалена, Сусана и Јоана, која му била жена на еден настојник на цар Ирод Антипа.

Колку повеќе луѓе дознавале за Исус толку повеќе доаѓало до расправии во врска со него. Една таква ситуација настанала кога Исус излекувал еден слеп и нем човек кој бил обземен од демони. Откако демоните излегле од човекот, тој почнал да гледа и да зборува. Луѓето се зачудиле и рекле: „Да не е ова Синот Давидов?“ (Матеј 12:23).

Околу куќата во која се наоѓал Исус се собрал толку многу народ што тој и учениците не можеле ни да јадат. Но, не мислеле сите дека Исус е ветениот ‚Син Давидов‘. Некои книжници и фарисеи дошле дури од Ерусалим, ама не за да научат нешто од Исус ниту, пак, за да покажат дека се на негова страна. Тие на народот му велеле: „Го обзел Велзевул“, и тврделе дека Исус соработува со „владетелот на демоните“ (Марко 3:22). Кога семејството на Исус слушнало дека околу него се создала толкава врева, дошле за да го однесат дома. Зошто?

До тој момент, неговите браќа сѐ уште немале поверувано дека тој е Божји Син (Јован 7:5). Освен тоа, препирките и расправиите кои ги предизвикал меѓу народот никако не можеле да ги поврзат со оној Исус што тие го знаеле од дете, додека живеел во Назарет. Затоа си помислиле дека нешто не е во ред со него. „Се мрднал од умот“, заклучиле тие (Марко 3:21).

Но, што покажувале фактите? Исус само што излекувал еден човек кој бил обземен од демон. Човекот почнал да гледа и да зборува, и тоа никој не можел да го одрече. Затоа, книжниците и фарисеите се обиделе да посеат сомнеж кај луѓето така што лажно го обвиниле Исус. Тие рекле: „Овој не може да истерува демони, освен со помош на Велзевул, владетелот на демоните“ (Матеј 12:24).

Исус знаел што размислувале книжниците и фарисеите, па затоа рекол: „Секое царство кое во себе е разделено, пропаѓа. Ниту еден град или куќа кои во себе се разделени, нема да опстанат. Значи, ако Сатана го истерува Сатана, се разделил во себе. Тогаш како ќе опстане неговото царство?“ (Матеј 12:25, 26).

Каква непобитна логика! Фарисеите знаеле дека и други Евреи истерувале демони (Дела 19:13). Затоа Исус ги прашал: „Ако јас истерувам демони со помош на Велзевул, со чија помош ги истеруваат вашите синови?“ Со други зборови, нивните обвиненија против Исус подеднакво можеле да се применат и на нив. Тогаш Исус заклучил: „Но, ако јас ги истерувам демоните со помош на Божјиот дух, навистина Божјето царство стигнало меѓу вас“ (Матеј 12:27, 28).

За да им објасни дека со тоа што истерувал демони докажал дека е помоќен од Сатана, Исус ја кажал следнава споредба: „Како може некој да упадне во куќата на силен човек и да му ја ограби покуќнината ако најнапред не го врзе? Тогаш ќе му ја ограби куќата. Кој не е на мојата страна, против мене е, и кој не собира со мене, растура“ (Матеј 12:29, 30). Книжниците и фарисеите отворено му се противеле на Исус и така покажале дека му се слуги на Сатана. Тие ги оттргнувале луѓето од Божјиот Син, иако било очигледно дека Јехова го поддржува.

На противниците што биле на страната на Сатана, Исус им рекол: „Сѐ ќе им биде простено на синовите човечки, сеедно какви се гревовите и хулите со кои похулиле. Но, секој што ќе похули на светиот дух, нему нема да му биде простено довека, туку е виновен за вечен грев“ (Марко 3:28, 29). Замисли си што ќе значи ова за оние што злонамерно му го припишале на Сатана она што било јасно дека е направено со помош на Божјиот дух!

Нешто повеќе

СТРАЖАРСКА КУЛА — ИЗДАНИЕ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ

Христос — Божјата сила

Чудата што ги правел Исус им биле од голема корист на луѓето во древниот Израел. Но, тие ни покажуваат и што ќе стори тој за човештвото во блиска иднина.