Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 34

Исус избрал дванаесет апостоли

Исус избрал дванаесет апостоли

МАРКО 3:13-19; ЛУКА 6:12-16

  • ДВАНАЕСЕТТЕ АПОСТОЛИ

Поминало околу една и пол година откако Исус ја започнал својата служба и откако Јован Крстител објавил пред народот дека Исус е Божјето Јагне. Оттогаш, голем број искрени лица станале ученици на Исус. Некои од нив биле Андреј, Симон Петар, Јован, најверојатно Јаков (братот на Јован), Филип и Вартоломеј (наречен и Натанаел). Со текот на времето, и многу други почнале да го следат Христос (Јован 1:45-47).

Но, дошло време Исус да ги избере своите апостоли. Тие требало да станат негови блиски соработници и да добијат посебна обука. Пред да ги избере, Исус отишол на една гора, можеби близу Галилејското Море, недалеку од Капернаум. Таму се молел цела ноќ, веројатно барајќи мудрост и благослов од Бог. Следниот ден ги повикал своите ученици и од нив избрал дванаесетмина што ќе служат како негови апостоли.

Меѓу апостолите што ги избрал биле шестемина што ги спомнавме во првиот пасус, како и Матеј, кој порано бил даночник. Останатите петмина биле Јуда (наречен и Тадеј и „синот на Јаков“), Симон Ревнителот, Тома, Јаков, кој му бил син на Алфеј, и Јуда Искариот (Матеј 10:2-4; Лука 6:16).

Тие дванаесетмина веќе некое време биле со Исус, и тој добро ги познавал. Некои од нив му биле и роднини. По сѐ изгледа, браќата Јаков и Јован му биле први братучеди. Ако е точно мислењето на некои дека Алфеј му бил брат на Јосиф, таткото на Исус, тогаш и апостолот Јаков, синот на Алфеј, му бил братучед на Исус.

Се разбира, на Исус не му било тешко да ги запомни имињата на своите апостоли. Но дали ти би можел да ги наброиш? За да ти биде полесно да ги запомниш, сети се дека двајца се викале Симон, двајца Јаков и двајца Јуда. Братот на Симон (Петар) се викал Андреј, а братот на Јаков (синот на Зеведеј) се викал Јован. Со тоа ги знаеме имињата на осум апостоли. Останатите четворица биле: даночникот (Матеј), ученикот кој подоцна се посомневал (Тома), ученикот кого Исус го видел под смоквата (Натанаел) и пријателот на Натанаел (Филип).

Единаесетмина од апостолите биле од Галилеја, местото во кое Исус израснал. Натанаел бил од Кана. Филип, Петар и Андреј биле од Витсаида, но подоцна Петар и Андреј се преселиле во Капернаум, каде што очигледно живеел Матеј. Јаков и Јован исто така живееле во Капернаум или во негова близина, и се занимавале со риболов. Изгледа дека Јуда Искариот, кој подоцна го предал Исус, бил единствениот апостол од Јудеја.