Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 83

Поканети на вечера

Поканети на вечера

ЛУКА 14:7-24

  • ПОУКА ЗА ПОНИЗНОСТА

  • ПОКАНЕТИТЕ СИ БАРАЛЕ ИЗГОВОРИ

Откако го излекувал човекот што страдал од водена болест, Исус сѐ уште бил во куќата на фарисејот. Бидејќи видел дека другите гости ги избирале најдобрите места на трпезата, ја искористил приликата да даде поука за понизноста.

„Кога ќе те покани некој на свадба“, рекол Исус „немој да го заземеш најдоброто место. Можеби е поканет и некој поугледен од тебе, па оној што ве поканил и тебе и него, ќе дојде и ќе ти рече: ‚Отстапи му го местото на овој човек!‘ Тогаш посрамен ќе мораш да го заземеш најниското место“ (Лука 14:8, 9).

Потоа додал: „Наместо тоа, кога некој ќе те покани, оди и заземи го најниското место, па оној што те поканил, кога ќе дојде, да ти каже: ‚Пријателе, помести се погоре!‘ Тоа ќе ти биде на чест пред сите други гости“. Целта на Исус не била да ги поучи луѓето на добри манири. Тој објаснил: „Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Лука 14:10, 11). Исус ги поттикнал поканетите на гозбата да бидат понизни.

Потоа повторно му се обратил на фарисејот што го поканил и му објаснил што треба да направи за оброкот што го дава да му биде угоден на Бог. Му рекол: „Кога приредуваш ручек или вечера, немој да ги викаш своите пријатели, ниту своите браќа, ниту своите роднини, ниту богатите соседи. Можеби и тие некогаш ќе те поканат тебе и така ќе ти возвратат. Наместо тоа, кога приредуваш гозба, покани ги сиромашните, сакатите, куците и слепите. И ќе бидеш среќен, бидејќи тие немаат со што да ти возвратат“ (Лука 14:12-14).

Секој сака да ги покани пријателите, роднините или соседите на оброк. Исус не мислел дека тоа е погрешно. Наместо тоа, сакал да истакне дека домаќинот ќе биде благословен ако им даде јадење на сиромашните, сакатите или слепите. На фарисејот што го поканил, Исус му рекол: „Ќе ти биде возвратено при воскресението на праведниците“. Еден од гостите се согласил со Исус и рекол: „Среќен е оној што ќе јаде леб во царството Божје!“ (Лука 14:15). Очигледно, тој човек ја сфатил вредноста на таквиот благослов. Но, сите не ја ценеле таа прекрасна можност, па затоа Исус кажал уште една споредба:

„Еден човек приреди голема вечера и покани мнозина... Го испрати својот роб да им каже на поканетите: ‚Дојдете, зашто сѐ е веќе готово!‘ А сите тие редум почнаа да се изговараат. Првиот му рече: ‚Купив нива и морам да одам да ја видам. Те молам, извини ме!‘ Другиот рече: ‚Купив пет чифта говеда и одам да ги испробам. Те молам, извини ме!‘ А третиот рече: ‚Штотуку се оженив и затоа не можам да дојдам‘“ (Лука 14:16-20).

Тоа биле слаби изговори! Нивата и стоката некој обично ги гледа пред да ги купи, па затоа првите двајца од поканетите не морало да го прават тоа и откако ги купиле. Третиот веќе бил женет и немало потреба да оди и да се подготвува за венчавка. Тоа што бил женет не би требало да му претставува пречка за да прифати една толку важна покана. Кога ги слушнал нивните изговори, господарот се налутил и му рекол на својот роб:

„Излези бргу на плоштадите и на градските улици, па доведи ги ваму сиромашните, сакатите, слепите и куците!“ Робот послушал, но сѐ уште имало место. Затоа господарот му рекол: „Излези по патиштата и меѓу плотовите и натерај ги луѓето да влезат, за да ми се наполни куќата! Зашто, ви велам, никој од оние што беа поканети нема да вкуси од мојата вечера“ (Лука 14:21-24).

Од оваа споредба се гледа дека Јехова му дал задолжение на Исус Христос да покани поединци што ќе го наследат небесното Царство. Првите што добиле таква покана биле Евреите, особено верските водачи. Повеќето од нив ја одбиле таа покана во текот на Исусовата служба на Земјата. Но, поканети биле и други. Исус јасно кажал дека во иднина ќе била упатена и втора покана, овојпат на презрените и понизни поединци од еврејскиот народ и преобратениците во еврејската вера. Потоа ќе следела трета, последна покана, и тоа за луѓе што Евреите сметале дека не се достојни за такво нешто (Дела 10:28-48).

Од она што Исус го кажал се гледа дека тој потполно се согласувал со зборовите на гостинот кој рекол: „Среќен е оној што ќе јаде леб во царството Божје!“

Нешто повеќе

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Што е Божјето Царство?

Кој е Цар на Божјето Царство и што ќе направи Царството?