Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 86

Загубениот син се вратил

Загубениот син се вратил

ЛУКА 15:11-32

  • СПОРЕДБАТА ЗА ЗАГУБЕНИОТ СИН

Споредбите за загубената овца и загубената драхма Исус ги раскажал веројатно додека сѐ уште бил во Переја, источно од реката Јордан. Поуката и од двете споредби била дека треба да се радуваме кога некој што грешел ќе се покае и ќе се врати кај Бог. Но, дали фарисеите и книжниците, кои го осудувале Исус затоа што бил добар со таквите луѓе, научиле нешто од тие две споредби? Дали сфатиле што чувствува Бог за оние што се каат поради своите гревови? Исус кажал уште една трогателна споредба што ја пренесувала истата поука.

Споредбата била за еден татко и неговите два сина. Главниот лик во приказната бил помалиот син. Од она што Исус го кажал за него требало да научат нешто и фарисеите и книжниците, а и другите што го слушале. Освен тоа, требало да извлечат поука и од ставот што го покажале таткото и постариот син. Споредбата гласела вака:

„Еден човек имаше два сина. Помладиот од нив му рече на татка си: ‚Татко, дај ми го делот од имотот што ми припаѓа!‘ И тој им го подели својот имот“ (Лука 15:11, 12). Забележи дека помладиот син го побарал своето наследство и покрај тоа што неговиот татко сѐ уште бил жив. Тој сакал веднаш да го добие својот дел за да може да биде независен и да прави што сака. А што сакал да прави?

Исус објаснил: „По неколку дена, помладиот син собра сѐ, отпатува во далечна земја и таму го истроши својот имот, живеејќи распуштено“ (Лука 15:13). Наместо да остане дома, каде што бил на безбедно и каде што имал татко кој се грижел за сите негови потреби, синот отишол во друга земја. Таму го потрошил целото свое наследство водејќи расипан живот. По некое време се нашол во тешка ситуација. Исус продолжил:

„Кога потроши сѐ, во целата таа земја настана голем глад и тој се најде во немаштија. Дури отиде и наговори еден жител на таа земја да го земе за наемник, а овој го испрати на своите ниви да чува свињи. И сакаше да се насити со рогачките што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше“ (Лука 15:14-16).

Според Божјиот закон, свињите биле нечисти животни, а овој син морал да чува свињи. Бил толку изгладнет што дури посакал да јаде од храната со која ги хранел свињите. Откако се нашол во таква очајно тешка ситуација, ‚се вразумил‘. Што направил потоа? Си рекол во себеси: „Колку наемници на мојот татко имаат леб во изобилство, а јас тука умирам од глад! Ќе станам, ќе отидам кај својот татко и ќе му речам: ‚Татко, му згрешив на небото и тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!‘“ Така станал и заминал кај својот татко (Лука 15:17-20).

Како реагирал таткото? Дали му се развикал поради глупавата одлука да си замине од дома? Или, пак, можеби му било сеедно што синот се вратил дома? Како ќе реагираше ти да беше на местото на таткото? Што ако такво нешто се случеше со твоето дете?

 ЗАГУБЕНИОТ СИН БИЛ НАЈДЕН

Исус опишал како се чувствувал таткото и што направил: „Додека [синот] уште беше далеку, неговиот татко го здогледа и се сожали, па потрча, му падна околу вратот и го избакна“ (Лука 15:20). И покрај тоа што таткото можеби слушнал каков живот водел неговиот син, сепак срдечно го примил. Еврејските водачи тврделе дека го познаваат Јехова и дека му служат. Дали од оваа споредба сфатиле како гледа нашиот небесен Татко на оние што се каат? Дали можеле да увидат дека и Исус, исто како својот Татко, срдечно ги прифаќа луѓето што се каат?

Од тажниот израз на лицето на својот син, таткото веројатно видел дека искрено се кае. Сепак, со тоа што му притрчал во пресрет, му олеснил да си ги признае гревовите што ги направил. Исус раскажал: „Тогаш синот му рече: ‚Татко, му згрешив на небото и тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син‘“ (Лука 15:21).

Таткото им наредил на своите робови: „Бргу, изнесете ја најдобрата облека и облечете го во неа! Ставете му прстен на раката и обујте му сандали на нозете! И доведете го згоениот јунец и заколете го, па да јадеме и да се веселиме, зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше загубен и се најде!“ Потоа почнале „да се веселат“ (Лука 15:22-24).

За тоа време, постариот син бил во полето. За него Исус рекол: „Кога на враќање се приближи до куќата, чу музика и играње. Затоа повика еден од слугите и го праша што се случува. Тој му одговори: ‚Си дојде брат ти, па татко ти го закла згоениот јунец, зашто му се врати здрав‘. А тој се разгневи и не сакаше да влезе. Тогаш неговиот татко излезе и почна да го моли да влезе. А тој му рече на својот татко: ‚Еве, толку години ти робувам и ниту еднаш не ја престапив твојата заповед, а никогаш не ми даде ни едно јаре за да се провеселам со своите пријатели. А штом дојде овој твој син, кој со блудници го изеде  твојот имот, ти му го закла згоениот јунец‘“ (Лука 15:25-30).

Кој бил како постариот син? Кој му приговарал на Исус што им обрнувал внимание на обичниот народ и на грешниците и што бил милостив кон нив? Тоа биле книжниците и фарисеите. Нивните критики биле причината поради која Исус ја кажал таа споредба. Се разбира, важна поука треба да извлече и секој од нас што мисли дека некој не ја заслужува Божјата милост.

Исус ја завршил споредбата со зборовите што таткото му ги кажал на својот постар син: „Сине, ти секогаш си со мене и сѐ што е мое, твое е. Но моравме да се веселиме и да се радуваме, бидејќи овој твој брат беше мртов и оживе, беше загубен и се најде“ (Лука 15:31, 32).

Исус не кажал што направил постариот син на крајот. Но, откако Исус умрел и воскреснал, ‚многу свештеници ја прифаќале верата‘ (Дела 6:7). Меѓу нив можеби биле и некои од оние што го слушале додека ја раскажувал споредбата за загубениот син. Дури и за нив било возможно да се вразумат, да се покаат и да се вратат кај Бог.

Секој ученик на Исус треба да ги применува поуките од оваа споредба во својот живот. Една поука е дека треба да бидеме мудри и да останеме на безбедно, меѓу Божјиот народ, наместо да залутаме во „далечна земја“ во потрага по задоволства. Нашиот Татко нѐ сака и се грижи за сите наши потреби.

Друга поука е дека, ако залутаме од Божјиот пат, мора да бидеме понизни и да се вратиме кај нашиот Татко за повторно да ја добиеме неговата милост.

Уште една поука може да извлечеме од различниот начин на кој реагирале таткото и постариот син. Таткото бил милостив и спремен да прости, а постариот син се налутил и му било тешко да прости. Јасно е дека треба да простуваме и да бидеме милостиви со оние што застраниле, но вистински се покајале и се вратиле „дома“. Да бидеме радосни ако некој наш брат што бил „мртов“ оживее, и ако некој што бил „загубен“ се најде.