Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 88

Богаташот и Лазар доживеале промена

Богаташот и Лазар доживеале промена

ЛУКА 16:14-31

  • СПОРЕДБАТА ЗА БОГАТАШОТ И ЛАЗАР

Исус им објаснил на своите ученици како мудро да ги користат материјалните работи. Освен учениците, тој совет го чуле и фарисеите. Но, тие не ни помислувале да го послушаат. Зошто? Затоа што ‚ги сакале парите‘. Кога слушнале што рекол Исус, ‚го исмејувале‘ (Лука 15:2; 16:13, 14).

Тоа воопшто не го исплашило Исус. Тој им рекол: „Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ги познава вашите срца. Зашто, она што меѓу луѓето е возвишено, во Божји очи е одвратно“ (Лука 16:15).

Фарисеите долго време биле ‚возвишени меѓу луѓето‘, но дошло време работите да се сменат. Оние што биле возвишени, односно што биле богати и имале големо влијание во политиката и религијата, ги чекало понижување. Од друга страна, обичните луѓе што сакале да ја задоволат својата духовна глад ќе биле возвишени. Исус јасно кажал дека на повидок била голема промена, кога рекол:

„Законот и Пророците беа до Јован. Оттогаш се објавува добрата вест за царството Божје и најразлични луѓе сакаат со сите сили да влезат во него. Навистина, полесно ќе се случи небото и земјата да поминат отколку да остане неисполнета една црта од буква од Законот“ (Лука 3:18; 16:16, 17). Како овие зборови на Исус покажувале дека почнала да се случува промена?

Еврејските верски водачи гордо тврделе дека се придржуваат за Мојсеевиот закон. Во една претходна прилика, кога Исус со чудо му го вратил видот на еден човек во Ерусалим, фарисеите гордо рекле: „Ние сме ученици на Мојсеј. Ние знаеме дека Бог му говорел на Мојсеј“ (Јован 9:13, 28, 29). Една цел на Мојсеевиот закон била да ги води понизните луѓе до Месијата, односно до Исус. Јован Крстител јасно кажал дека Исус е Божјето Јагне (Јован 1:29-34). Откако Јован ја започнал својата служба, на понизните Евреи, а особено на сиромашните, почнала да им се објавува пораката за „царството Божје“. Имало ‚добра вест‘ за сите што сакале да бидат поданици на Божјето Царство и да ги доживеат неговите благослови.

Мојсеевиот закон веќе си ја исполнил целта со тоа што го довел народот до Месијата. Освен тоа, неговите одредби наскоро ќе престанеле да важат. На пример, Законот дозволувал развод поради разни причини, но Исус објаснил дека ‚секој што ќе се развел од својата жена и ќе се оженел со друга, вршел прељуба. И кој ќе се оженел со разведена жена, вршел прељуба‘ (Лука 16:18). Таквите изјави на Исус сигурно многу ги лутеле фарисеите, кои сакале да поставуваат безброј правила.

Потоа Исус раскажал една споредба која покажувала до колку голема промена ќе дошло. Во неа се зборувало за двајца мажи чии животни околности драстично се смениле. Споредбата ја слушале и фарисеите, кои биле алчни за пари и кои луѓето ги воздигнувале.

Споредбата гласела: „Си беше еден богат човек, кој се облекуваше во пурпур и лен и секој ден уживаше во раскош. А пред неговата врата донесуваа еден просјак, по име Лазар, кој беше полн со чиреви и сакаше да се насити со она што паѓаше од трпезата на богаташот. Дури и кучињата доаѓаа и му ги лижеа чиревите“ (Лука 16:19-21).

Бидејќи фарисеите ги сакале парите, немало сомнение дека ‚богатиот човек‘ ги претставувал токму нив. Исто така, овие еврејски верски водачи сакале да носат скапа, убава облека. А освен што биле материјално богати, биле богати и во таа смисла што уживале разни привилегии и предности. Тоа што богатиот човек од споредбата носел облека од пурпур, каква што обично носеле царевите, укажувало на нивната повластена положба, а белиот лен на нивната самоправедност (Даниел 5:7).

Како овие богати и горди водачи гледале на обичниот, сиромашен народ? Тие ги гледале со презир и ги нарекувале ам хаарец, или луѓе од земјата, коишто ниту го познавале Божјиот закон ниту, пак, заслужувале да  бидат поучувани за него (Јован 7:49). Обичниот народ бил како ‚просјакот по име Лазар‘, кој бил толку гладен што копнеел по ‚она што паѓало од трпезата на богаташот‘. Исто како Лазар, кој бил полн со чиреви, така обичниот народ во очите на верските водачи бил духовно болен.

Таквата жална ситуација траела подолг период, но Исус знаел дека дошло време за голема промена — и за оние што биле како богаташот и за оние што биле како Лазар.

БОГАТАШОТ И ЛАЗАР ДОЖИВЕАЛЕ ПРОМЕНА

Исус почнал да ја опишува драстичната пресвртница до која дошло. Тој рекол: „Еден ден питачот умре, и ангелите го однесоа да биде веднаш до Авраам. А умре и богаташот, и беше погребан. Додека во адот беше во маки, ги подигна очите и во далечината го виде Авраам, и веднаш до него Лазар“ (Лука 16:22, 23).

Оние што го слушале Исус знаеле дека Авраам веќе долго време бил во адот, односно бил умрен. Светото писмо јасно кажува дека умрените не можат ниту да гледаат ниту да зборуваат, што важело и за Авраам (Проповедник 9:5, 10). Тогаш, што помислиле верските водачи кога ја слушнале споредбата на Исус? Што сакал Исус да каже со неа за обичниот народ и за тие водачи, кои биле алчни за пари?

Пред да почне да ја раскажува споредбата, Исус укажал дека ќе дојде до промена кога рекол дека ‚Законот и Пророците биле до Јован, но оттогаш почнала да се објавува добрата вест за царството Божје‘. Значи, кога Јован Крстител и Исус Христос почнале да проповедаат, и Лазар и богаташот „умреле“, односно се нашле во нова, сосема поинаква положба пред Бог.

Особено понижените и сиромашните веќе долго време духовно гладувале. Но, работите се смениле кога ја прифатиле пораката за Царството, која најпрво им ја пренел Јован Крстител, а потоа Исус. Претходно, тие требало да се задоволат со ‚она што паѓало од духовната трпеза‘ на верските водачи. Но, сега биле хранети со важни духовни вистини, како што биле прекрасните поуки на Исус. Тоа било како конечно да добиле повластена положба од Јехова Бог.

За разлика од нив, верските водачи, кои спаѓале во богатата и влијателна класа, упорно одбивале да ја прифатат пораката за Божјето Царство што Јован ја објавил, а Исус ја проповедал по целата земја (Матеј 3:1, 2; 4:17). Всушност, таа порака предизвикувала гнев кај нив и ги измачувала, бидејќи им покажувала дека ги чекал огнен суд од Бог (Матеј 3:7-12). На алчните верски  водачи ќе им било многу полесно ако Исус и неговите ученици престанеле да ја објавуваат Божјата порака. Тие биле како богаташот од споредбата, кој рекол: „Татко Аврааме, смилувај ми се и испрати го Лазар да го натопи врвот од својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, зашто се мачам во овој пламен“ (Лука 16:24).

Но, тоа не се случило. Повеќето од верските водачи не се промениле. Тие одбиле да „ги слушаат Мојсеј и Пророците“, чии пророштва требало да им помогнат да сфатат дека Исус е Божјиот Месија и Цар (Лука 16:29, 31; Галатите 3:24). Освен тоа, одбиле да се понизат и да ги слушаат сиромашните кои го прифатиле Исус и ја имале Божјата милост. Од друга страна, учениците на Исус не можеле да ја погазат или да ја разводнат вистината само за да им биде полесно на верските водачи или за да им угодат. Исус тоа го кажал преку зборовите со кои ‚Таткото Авраам‘ му се обратил на богаташот:

„Сине, сети се дека ти, додека беше жив, го прими своето добро, а Лазар прими зло. Сега тој се утешува овде, а ти се мачиш. А покрај сето тоа, меѓу нас и вас зјае голема провалија, така што оние што сакаат одовде да преминат кај вас, не можат, а ниту оние оттаму не можат да преминат кај нас“ (Лука 16:25, 26).

Оваа драстична промена на ситуацијата била соодветна и оправдана. Таа ја прикажувала промената во положбата меѓу гордите верски водачи и понизните луѓе кои го прифатиле јаремот на Исус и конечно биле духовно поткрепени и нахранети (Матеј 11:28-30). Таквата промена станала уште поочигледна неколку месеци подоцна, кога сојузот на Законот бил заменет со новиот сојуз (Еремија 31:31-33; Колошаните 2:14; Евреите 8:7-13). На Педесетница 33 год. од н.е., кога Бог го излеал светиот дух, станало јасно дека Божјата милост ја имале учениците на Исус, а не фарисеите и нивните верски сојузници.