Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 95

Совети за разводот и љубовта кон децата

Совети за разводот и љубовта кон децата

МАТЕЈ 19:1-15; МАРКО 10:1-16; ЛУКА 18:15-17

  • ИСУС КАЖАЛ КАКО ГЛЕДА БОГ НА РАЗВОДОТ

  • ДАРОТ НА САМЕШТВОТО

  • КОЛКУ БИЛО ВАЖНО УЧЕНИЦИТЕ ДА БИДАТ КАКО ДЕЦА

Исус и неговите ученици тргнале од Галилеја, и откако ја преминале реката Јордан се упатиле на југ кон Переја. Последниот пат кога бил во Переја, Исус им кажал на фарисеите како гледа Бог на разводот (Лука 16:18). Овојпат тие повторно ја започнале истата тема со цел да го искушаат.

Мојсеј напишал дека еден маж може да се разведе од својата жена ако најде „нешто недолично“ кај неа (5. Мојсеева 24:1). Постоеле различни мислења во однос на тоа што сѐ можело да биде оправдана причина за развод. Некои сметале дека разводот бил дозволен дури и поради безначајни работи. Затоа фарисеите го прашале Исус: „Дозволено ли е мажот да се разведе од својата жена од која и да било причина?“ (Матеј 19:3).

Исус многу вешто одговорил на прашањето. Тој не се повикал на мислењето на некој човек, туку се осврнал на тоа како Бог го замислил бракот. „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува“ (Матеј 19:4-6). Кога Бог ги соединил Адам и Ева во брак, тој не кажал услови под кои би можеле да се разведат.

Фарисеите му возвратиле на Исус со зборовите: „Зошто тогаш Мојсеј пропиша мажот да може да ѝ даде потврда за развод и да се разведе од неа?“ (Матеј 19:7). Исус им одговорил: „Поради закоравеноста на вашето срце Мојсеј направи отстапка за да се разведувате од своите жени, но во почетокот не беше така“ (Матеј 19:8). Тој ‚почеток‘ не се однесувал на времето на Мојсеј, туку на времето кога Бог го основал бракот во градината Еден.

Потоа Исус кажал нешто многу важно: „Ви велам, секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд [грчки: порниа], и ќе се ожени со друга, прави прељуба“ (Матеј 19:9). Според Божјата Реч, единствено сексуалниот неморал е оправдана причина за развод.

Тогаш учениците рекле: „Ако е таква врската помеѓу мажот и жената, подобро е човек да не се жени“ (Матеј 19:10). Јасно, секој што размислува за брак треба да биде свесен дека тоа е трајна врска.

Што се однесува до самештвото, Исус кажал дека некои од раѓање не се способни за женење затоа што поради некој телесен недостаток не можат да имаат полови односи. Други, луѓето ги онеспособиле така што им ги отстраниле половите органи. А некои, пак, одлучиле да ја потиснат желбата за брак и полови односи за да можат повеќе да се посветат на службата за Божјето Царство. Исус ги поттикнал луѓето: „Кој може да живее [како самец], нека живее така“ (Матеј 19:12).

Потоа луѓето почнале да ги носат своите деца кај Исус. Меѓутоа, учениците почнале да ги прекоруваат, веројатно мислејќи дека ќе му досадуваат на Исус. Но, тој се налутил и им рекол: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене. Не забранувајте им, зашто на таквите им припаѓа Божјето царство. Вистина, ви велам, кој не го прима Божјето царство како дете, нема да влезе во него“ (Марко 10:14, 15; Лука 18:15).

Колку убава поука! За да влеземе во Божјето Царство, мора да бидеме како малите деца, кои се понизни и кои лесно може да се поучат. Исус покажал колку многу ги сакал децата така што ги зел во прегратка и ги благословувал. Иста таква љубов чувствува и кон секој што ‚го прима царството Божје како дете‘ (Лука 18:17).

Нешто повеќе

ОДГОВОР НА БИБЛИСКИ ПРАШАЊА

Дали Библијата дозволува развод?

Дознај што одобрува, а што мрази Бог.