Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 94

Колку биле важни молитвата и понизноста

Колку биле важни молитвата и понизноста

ЛУКА 18:1-14

  • СПОРЕДБАТА ЗА УПОРНАТА ВДОВИЦА

  • ФАРИСЕЈОТ И ДАНОЧНИКОТ

Исус веќе им раскажал на учениците една споредба со која покажал дека требало да бидат истрајни кога се молат за нешто (Лука 11:5-13). Сега, кога можеби бил во Самарија или во Галилеја, Исус повторно им нагласил дека не треба да се откажуваат кога се молат. Овојпат ја раскажал следнава споредба:

„Во еден град си беше еден судија, кој не се плашеше од Бог и не му беше грижа за луѓето. А во тој град имаше и една вдовица, која доаѓаше кај него и го молеше: ‚Помогни ми да добијам правда во спорот со оној со кој се судам‘. Некое време тој не сакаше, но на крајот си рече во себе: ‚Не се плашам од Бог и не ми е грижа за луѓето, но оваа вдовица толку ми досадува што сепак ќе ѝ помогнам да добие правда, па повеќе да не доаѓа и да ме измачи докрај‘“ (Лука 18:2-5).

Која била поуката? Исус продолжил: „Дали чувте што рекол неправедниот судија? Та нема ли Бог да се погрижи да добијат правда неговите избрани, кои викаат кон него ден и ноќ, иако изгледа дека долго чека за да им помогне?“ (Лука 18:6, 7). Што сакал Исус да каже за својот татко со таа споредба?

Се разбира, Јехова Бог во ниту еден поглед не е како тој неправеден судија. Исус само сакал да ја истакне разликата меѓу нив. Ако тој човечки судија, иако бил неправеден, одговорил на упорните молби, колку повеќе Бог ќе ги услиши нашите молитви! Тој е праведен и добар, и сигурно ќе им одговори на своите слуги кои непрестајно се молат. Исус го потврдил тоа со зборовите: „Ви велам, [Бог] ќе се погрижи брзо да добијат правда“ (Лука 18:8).

На обичните и сиромашни луѓе правдата обично им е ускратена, додека моќните и богатите честопати се привилегирани. Но, Бог не постапува така со луѓето. Во свое време, Бог ќе ја задоволи правдата — злобните ќе бидат казнети, а неговите слуги ќе добијат вечен живот.

Вдовицата од споредбата на Исус имала цврста вера. Меѓутоа, колку луѓе биле цврсто уверени дека Бог ‚ќе се погрижел брзо да добијат правда‘? Со споредбата, Исус нагласил колку е важно човек истрајно да се моли. Што се однесува до верата во моќта на молитвата, тој прашал: „Синот човечки, кога ќе дојде, ќе најде ли вера на земјата?“ (Лука 18:8). Со тоа сакал да каже дека таквата вера ќе била реткост кога тој ќе дошол во иднина.

Некои од оние што го слушале Исус биле уверени дека имаат силна вера. Тие сметале дека се праведни и затоа ги гледале другите од високо. За нив Исус ја кажал следнава споредба:

„Двајца луѓе отидоа во храмот да се молат. Едниот беше фарисеј, а другиот даночник. Фарисејот застана и вака се молеше во себе: ‚Боже, ти благодарам што не сум како останатите луѓе: изнудувачи, неправедници, прељубници или како овој даночник. Постам двапати во седмицата, давам десеттина од сѐ што ќе стекнам‘“ (Лука 18:10-12).

Фарисеите биле познати по тоа што сакале да се покажат како праведни само за да ги воодушеват другите. На пример, тие самите одлучиле да постат секој понеделник и секој четврток. Зошто? Тие денови биле пазарни, па така можеле да ги видат многу луѓе. Освен тоа, фарисеите не пропуштале да платат десеттина од сѐ, па дури и од најситните билки (Лука 11:42). Но, неколку месеци претходно, тие јасно покажале дека го презирале обичниот народ кога рекле: „Овој народ, кој не го познава Законот [според гледиштето на фарисеите], е проклет“ (Јован 7:49).

Исус продолжил со својата споредба: „А даночникот, стоејќи понастрана, не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив кон мене грешникот!‘“ Даночникот понизно ги признал своите слабости. Исус заклучил: „Ви велам, овој си замина дома поправеден од другиот. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понижен, а оној што се понизува, ќе биде возвишен“ (Лука 18:13, 14).

Така Исус уште еднаш нагласил колку е важна понизноста. Таа поука била многу корисна за учениците, кои израснале во средина каде што самоправедните фарисеи придавале голема важност на положбата и угледот. А корисна е и за сите следбеници на Исус денес.