Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 135

Воскреснатиот Исус им се појавил на многумина

Воскреснатиот Исус им се појавил на многумина

ЛУКА 24:13-49; ЈОВАН 20:19-29

  • ИСУС СЕ ПОЈАВИЛ НА ПАТОТ КОН ЕМАУС

  • ПОВТОРНО ИМ ГИ ОБЈАСНИЛ ПИСМАТА НА УЧЕНИЦИТЕ

  • НА ТОМА МУ СЕ РАСЧИСТИЛЕ СОМНЕЖИТЕ

Во недела, на 16 нисан, учениците биле натажени и разочарани. Не можеле да сфатат зошто гробот на Исус е празен (Матеј 28:9, 10; Лука 24:11). Истиот ден подоцна, Клеопа и еден друг ученик тргнале од Ерусалим кон Емаус, кој бил оддалечен околу единаесет километри.

Додека по патот разговарале за сѐ што се случило, им се придружил некој непознат човек и ги прашал: „За што расправате додека одите по патот?“ Клеопа му одговорил: „Зарем си странец во Ерусалим и живееш одвоен од луѓето, па не знаеш што се случуваше во него овие денови?“ Човекот ги прашал: „Што?“ (Лука 24:17-19).

„Она со Исус Назареќанецот“, одговориле тие. „Се надевавме дека тој е оној што ќе го избави Израел“ (Лука 24:19-21).

Тогаш Клеопа и другиот ученик му објасниле што се случило дента. Тие раскажале дека некои жени го нашле гробот на Исус празен и дека таму виделе нешто натприродно, односно два ангела кои им рекле дека Исус е жив. Му кажале и дека некои други што отишле кај гробот ‚нашле сѐ онака како што рекле жените‘ (Лука 24:24).

Двајцата ученици биле многу збунети од сето она што се случувало. Непознатиот човек, кој добро ги познавал Писмата, им ги разјаснил работите на начин што ги допрел до срце. Тој им рекол: „О, колку сте безумни и колку тешко верувате во сѐ што зборуваа пророците! Зарем не требаше Христос да го претрпи сето тоа и да влезе во својата слава?“ (Лука 24:25, 26). Потоа им објаснил и многу други работи од списите што зборувале за Христос.

По некое време, пристигнале близу Емаус. Бидејќи сакале да дознаат повеќе, учениците го молеле непознатиот човек: „Остани со нас, зашто е близу вечерта, денот е при крај“. Затоа тој останал, и по некое време седнале да вечераат. Откако кажал молитва, го раскршил лебот и им го подал на двајцата ученици. Тогаш тие сфатиле дека тоа е Исус, но тој исчезнал од пред нив (Лука 24:29-31). Им станало јасно дека Исус е жив.

Двајцата ученици возбудено рекле: „Зарем не ни гореше срцето додека ни зборуваше по патот, додека ни ги толкуваше Писмата?“ (Лука 24:32). Веднаш станале и брзо се вратиле во Ерусалим, каде што ги пронашле апостолите и другите ученици. Уште пред Клеопа и ученикот со него да успеат да кажат нешто, другите воодушевено им рекле: „Господарот навистина воскреснал и му се појавил на Симон!“ (Лука 24:34). Потоа, Клеопа и ученикот кажале дека Исус им се појавил и ним.

Додека уште зборувале, во собата се појавил Исус. Од страв од Евреите учениците ја заклучиле вратата, па затоа она што го гледале им се чинело неверојатно. Но, пред нив навистина стоел Исус. Смирено им рекол: „Имајте мир“. Сепак, апостолите биле преплашени. Како и во една друга прилика, ‚помислиле дека гледаат дух‘ (Лука 24:36, 37; Матеј 14:25-27).

За да им покаже дека не им се причинува, туку дека тој стои пред нив во тело од крв и месо, Исус им ги покажал рацете и нозете и им рекол: „Зошто се исплашивте? Зошто се јавуваат сомнежи во вашите срца? Погледнете ги моиве раце и моиве нозе! Тоа сум јас! Допрете ме и ќе видите, бидејќи духот нема месо и коски како што гледате дека имам јас“ (Лука 24:36-39). Но, тие од радост не можеле да поверуваат и останале зачудени.

За уште повеќе да ги увери дека стои жив пред нив, Исус ги прашал: „Имате ли овде нешто за јадење?“ Тогаш му дале парче печена риба, и тој ја изел. Потоа рекол: „Тоа е она за кое ви зборував додека уште бев со вас [пред да умрам], дека мора да се исполни сѐ што е напишано за мене во Мојсеевиот закон, во Пророците и во Псалмите“ (Лука 24:41-44).

Како што направил со Клеопа и другиот ученик, и ним им помогнал да разберат како се исполнува она што за него било запишано во списите: „Напишано е дека Христос ќе страда и на третиот ден ќе стане од мртвите и дека во негово име ќе биде проповедано покајание за простување на гревовите меѓу сите народи — почнувајќи од Ерусалим, а вие ќе бидете сведоци на тоа“ (Лука 24:46-48).

Таа вечер, апостолот Тома од некоја причина не бил со останатите ученици. Затоа, веднаш штом се виделе со него, тие радосно му кажале: „Го видовме Господарот!“ Но, Тома им одговорил: „Додека не ги видам раните од клинците на неговите раце и не го ставам прстот во тие рани и додека не ја ставам раката во раната на неговата слабина, нема да верувам!“ (Јован 20:25).

По осум дена, учениците повторно се собрале во куќата. Овојпат, со нив бил и Тома. Иако вратата била заклучена, Исус повторно застанал меѓу нив во телесен облик и им рекол: „Имајте мир!“ Потоа му рекол на Тома: „Стави го прстот овде и погледни ми ги рацете, и пружи ја раката и стави ја во раната на мојата слабина! И немој да се сомневаш, туку верувај!“ Тома извикал: „Господар мој и Бог мој!“ (Јован 20:26-28). Тома повеќе немал сомнежи. Бил сигурен дека Исус е жив како моќна духовна личност која го претставува Јехова Бог.

„Поверува затоа што ме виде?“, му рекол Исус. „Среќни се оние што не гледаат, а веруваат!“ (Јован 20:29).