Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 106

Две споредби со лозје

Две споредби со лозје

МАТЕЈ 21:28-46; МАРКО 12:1-12; ЛУКА 20:9-19

  • СПОРЕДБАТА ЗА ДВАТА СИНА

  • СПОРЕДБАТА ЗА ЛОЗАРИТЕ

Исус сѐ уште бил во храмот, каде што главните свештеници и народните старешини го прашале со каква власт ги правел работите. Неговиот одговор ги збунил и ги замолчил. Потоа кажал една споредба која ја разоткрила нивната вистинска личност.

Исус рекол: „Еден човек имаше два сина. Отиде кај првиот и му рече: ‚Сине, оди денес да работиш во лозјето‘. Тој му одговори: ‚Не одам‘. Но потоа се покаја, па отиде. Потоа отиде кај вториот и му го рече истото. А тој му одговори: ‚Ќе појдам, господару‘, но не отиде. Кој од овие двајца ја изврши волјата на таткото?“ (Матеј 21:28-31, Превод Нов свет, издание на англиски од 2013). Одговорот бил очигледен — она што го побарал таткото го направил првиот син.

Тогаш Исус им рекол: „Вистина, ви велам, даночниците и блудниците одат пред вас во царството Божје“. Даночниците и блудниците отпрвин не му биле послушни на Бог. Но, исто како првиот син, тие подоцна се покајале и почнале да му служат. Спротивно на тоа, верските водачи биле како вториот син и тврделе дека му служат на Бог, но реално не било така. За нив Исус рекол: „Јован [Крстител] дојде кај вас и ви го покажа патот на праведноста, а вие не му верувавте. Меѓутоа, даночниците и блудниците му веруваа, а вие, иако го видовте тоа, не се покајавте отпосле и не му поверувавте“ (Матеј 21:31, 32).

Потоа Исус раскажал уште една споредба. Со неа покажал дека, освен што не му служеле на Бог, верските водачи биле и злобни. „Еден човек насади лозје“, рекол Исус, „и постави ограда околу него, ископа место за гмечење на грозјето и подигна стражарска кула. И им го даде под закуп на лозарите, па отпатува во туѓина. Кога дојде времето, испрати еден роб кај лозарите за да земе од нив дел од родот на лозјето. Но, тие го фатија, го претепаа и го испратија назад со празни раце. Им испрати и друг роб. Нему му ја расцепија главата и го осрамотија. Испрати и трет, а него го убија. Испрати и многу други робови, но и од нив некои претепаа, а некои убија“ (Марко 12:1-5).

Дали тие што слушале ја разбрале споредбата? Можеби се присетиле на зборовите на осуда што ги кажал пророкот Исаија: „Лозјето на Јехова над војските е Израеловиот дом, луѓето на Јуда се насадот што тој го сакаше. Се надеваше на правда, а еве, го кршат законот, се надеваше на праведност, а еве пискот“ (Исаија 5:7). И споредбата на Исус била слична. Сопственикот на лозјето бил Јехова, а лозјето било израелскиот народ кој бил ограден и заштитен со Божјиот закон. Јехова повеќепати испраќал пророци за да го поучат неговиот народ и да му помогнат да носи добри плодови.

Но, „лозарите“ ги малтретирале и ги убивале „робовите“ што биле испраќани кај нив. Исус објаснил: „[Сопственикот на лозјето] имаше уште еден, својот сакан син. Него последен го испрати кај нив, велејќи: ‚Ќе го почитуваат мојот син‘. Но лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Ова е наследникот. Ајде да го убиеме, па наследството ќе биде наше‘. Тогаш го фатија и го убија“ (Марко 12:6-8).

Потоа Исус прашал: „Што ќе стори сопственикот на лозјето?“ (Марко 12:9). Верските водачи му одговориле: „Злосторниците немилосрдно ќе ги погуби, а лозјето ќе им го даде под закуп на други лозари, кои ќе му го даваат родот кога ќе биде време за тоа“ (Матеј 21:41).

Со тие зборови несвесно се осудиле самите себе бидејќи биле меѓу „лозарите“ кои го обработувале „лозјето“ на Јехова, односно израелскиот народ. Јехова од нив со право очекувал добри плодови, меѓу другото и да покажат вера во неговиот Син, Месијата. Тогаш Исус погледнал право во нив и рекол: „Зарем никогаш не сте ги читале овие зборови од Писмото: ‚Каменот што го отфрлија градителите стана главен аголен камен. Тоа дело е од Јехова, чудесно е во наши очи‘?“ (Марко 12:10, 11). На крајот Исус јасно им кажал: „Затоа ви велам: царството Божје ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ кој ги донесува неговите плодови“ (Матеј 21:43).

Книжниците и главните свештеници сфатиле дека Исус ‚ја раскажал таа споредба имајќи ги нив на ум‘ (Лука 20:19). По ова, тие биле решени повеќе од кога и да било порано да го убијат „наследникот“, односно Исус. Но, од страв од мноштвото, кое го сметало Исус за пророк, не се обиделе веднаш да го убијат.