Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 120

Оние што носат плод му се пријатели на Исус

Оние што носат плод му се пријатели на Исус

ЈОВАН 15:1-27

  • ВИСТИНСКАТА ЛОЗА И ПРАЧКИТЕ

  • КАКО ДА СЕ ОСТАНЕ ВО ЉУБОВТА НА ИСУС

Блискиот разговор меѓу Исус и апостолите сѐ уште траел. Тој продолжил да им дава корисни совети и да ги храбри. Можеби некаде после полноќ, Исус почнал да ја раскажува следнава споредба:

„Јас сум вистинската лоза, а мојот Татко е лозарот“ (Јован 15:1). Таа споредба потсетувала на она што било кажано за израелскиот народ неколку векови порано, кога Јехова го нарекол своја лоза (Еремија 2:21; Осија 10:1, 2). Но, Јехова требало да го отфрли тој народ (Матеј 23:37, 38). Според тоа, Исус сакал да открие нешто ново. Самиот тој бил лозата што ја засадил неговиот Татко. Тоа се случило при неговото крштавање во 29 год. од н.е., кога бил помазан со свет дух. Но, Исус објаснил дека вистинската лоза не го претставува само него. Тој рекол:

„Секоја прачка на мене што не носи плод, [мојот Татко] ја отстранува, а секоја што носи плод, ја чисти за да донесе повеќе плод... Како што прачката не може да донесе плод сама од себе, ако не остане на лозата, така не можете ни вие, ако не останете во единство со мене. Јас сум лозата, вие сте прачките“ (Јован 15:2-5).

Исус веќе им ветил на своите верни ученици дека, откако ќе си замине, ќе им го испрати помошникот, односно светиот дух. Педесет и еден ден откако Исус им го кажал сето тоа, врз апостолите и некои други ученици бил излеан светиот дух, со што станале прачки на лозата. „Прачките“ требало да останат во единство со Исус. Со каква цел?

Исус објаснил: „Кој останува во единство со мене и јас во единство со него, тој донесува многу плод, зашто одвоени од мене не можете да направите ништо“. „Прачките“, односно верните следбеници на Исус, ќе носеле многу плод така што ќе ги покажувале особините на Исус, ревносно ќе ја објавувале веста за Царството и ќе правеле многу ученици. А што ќе било со оние што немало да останат во единство со Исус и немало да носат плод? Исус рекол: „Ако некој не остане во единство со мене, ќе биде исфрлен надвор“. Потоа додал: „Ако останете во единство со мене и ако моите зборови останат во вас, замолете за што и да сакате, и ќе ви се случи“ (Јован 15:5-7).

Тогаш Исус повторно се навратил на нешто што го спомнал веќе два пати — дека треба да ги држат неговите заповеди (Јован 14:15, 21). Потоа кажал една важна работа по која ќе се гледало дали го прават тоа: „Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов, како што јас ги држев заповедите на Таткото и останувам во неговата љубов“. Но, од нив се очекувало уште нешто. Исус рекол: „Ова е мојата заповед: сакајте се еден со друг како што јас ве сакав вас! Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели. Вие сте мои пријатели ако го правите она што ви го заповедам“ (Јован 15:10-14).

Само неколку часа подоцна, Исус ја покажал својата ненадминлива љубов така што го дал животот за сите што веруваат во него. Неговиот пример требало да ги поттикне и неговите следбеници да покажуваат таква самопожртвувана љубов. Таквата љубов требало да биде знак по кој другите ќе можеле да ги препознаат, како што Исус им објаснил и пред тоа: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35).

Апостолите требало да имаат на ум дека Исус ги нарекол „пријатели“. Тој им кажал зошто ги сметал за толку блиски: „Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви објавив сѐ што чув од мојот Татко“. Каква посебна чест имале — да бидат блиски пријатели со Исус и да знаат сѐ што му кажал неговиот Татко! Но, ако сакале да го сочуваат тој близок однос, морало ‚да донесуваат плод‘. Тогаш, ‚што и да побарале од Таткото во негово име, тој ќе им дал‘ (Јован 15:15, 16).

Тоа што „прачките“, односно учениците ќе се сакале меѓусебе, ќе им помогнело да го издржат она што ги чекало. Исус ги предупредил дека светот ќе ги мрази. Сепак, ги утешил: „Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред вас. Да бевте дел од светот, светот ќе ве сакаше зашто ќе бевте негови. Но бидејќи не сте дел од светот... затоа светот ве мрази“ (Јован 15:18, 19).

Наведувајќи уште една причина поради која светот ќе ги мрази, Исус рекол: „Сето тоа ќе ви го прават поради моето име, бидејќи не го познаваат оној што ме прати“. Потоа објаснил дека неговите чуда на некој начин ги осудиле оние што го мразеле: „Да не ги направев меѓу нив делата што никој друг не ги има направено, немаше да имаат грев, но сега ги видоа, па нѐ замразија и мене и мојот Татко“. Нивната омраза била доказ дека се исполнуваат библиските пророштва (Јован 15:21, 24, 25; Псалм 35:19; 69:4).

На крајот, повторно им ветил дека ќе им го испрати помошникот, светиот дух. Таа моќна сила им стои на располагање на сите негови следбеници и може да им помогне да донесуваат плод, односно ‚да сведочат‘ (Јован 15:27).