Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 108

Ги осуетил обидите на фарисеите да го фатат во замка

Ги осуетил обидите на фарисеите да го фатат во замка

МАТЕЈ 22:15-40; МАРКО 12:13-34; ЛУКА 20:20-40

  • ЦЕЗАРЕВОТО НА ЦЕЗАРОТ

  • ДАЛИ ВОСКРЕСНАТИТЕ ЌЕ СТАПУВААТ ВО БРАК

  • НАЈГОЛЕМАТА ЗАПОВЕД

Исус раскажал три споредби во храмот со кои ја разоткрил злобата на верските водачи. Бесни поради тоа, тие се договориле да го фатат Исус за збор. Сакале да го наведат да каже нешто поради кое ќе може да биде обвинет пред римскиот управител. Затоа, фарисеите пратиле некои од нивните ученици да го искушаат (Лука 6:7).

Кога дошле кај Исус, му рекле: „Учителе, знаеме дека исправно зборуваш и поучуваш, и дека не си пристрасен, туку поучуваш за Божјиот пат според вистината. Дали ни е дозволено да му плаќаме данок на цезарот или не?“ (Лука 20:21, 22). Исус не паднал на ласкавите зборови на тие лукави лицемери. Добро знаел дека, ако речел ‚Не, не треба да се плаќа данок‘, би бил виновен за побуна против Рим. Од друга страна, ако речел ‚Да, треба да се плаќа данок‘, би го замразиле Евреите, кои биле огорчени затоа што биле под власта на Римјаните.

Затоа, Исус им одговорил: „Зошто ме искушувате, лицемери? Покажете ми една пара со која плаќате данок!“ Кога му донеле еден денариј, ги прашал: „Чиј е овој лик и натпис?“ Тие му одговориле: „На цезарот“. Тогаш им рекол: „Затоа, вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог!“ (Матеј 22:18-21).

Неговиот одговор ги восхитил. Бидејќи не знаеле што да кажат, си заминале. Но, верските водачи не се откажале лесно од својата намера. Откако не успеал обидот на фарисеите, на Исус му пристапиле водачите на една друга верска група, односно садукеите.

Садукеите, кои не верувале во воскресение, имале прашање поврзано со воскресението и деверскиот брак. Тие рекле: „Учителе, Мојсеј рече: ‚Ако некој умре без деца, неговиот брат нека се ожени со неговата жена и нека му подигне потомство на својот брат‘. Кај нас си беа седум браќа. Првиот се ожени и умре, и, бидејќи немаше потомство, му ја остави својата жена на брата си. Истото се случи и со вториот и со третиот, сѐ до седмиот. Последна од сите умре жената. Според тоа, при воскресението, кому од седумтемина ќе му биде жена? Зашто, сите ја имаа“ (Матеј 22:24-28).

Бидејќи садукеите ги прифаќале Мојсеевите списи, Исус им одговорил според она што стоело во нив: „Зарем не сте во заблуда затоа што не ги познавате ниту Писмата ниту Божјата моќ? Зашто, кога ќе станат од мртвите, ниту ќе се женат ниту ќе се мажат, туку ќе бидат како ангели на небесата. А за мртвите, дека стануваат, зарем не сте читале во книгата на Мојсеј, во извештајот за грмушката, како Бог му рече: ‚Јас сум Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков‘? А тој не е Бог на мртвите, туку на живите. Во голема заблуда сте“ (Марко 12:24-27; 2. Мојсеева 3:1-6). Народот повторно бил восхитен од одговорот на Исус.

Кога фарисеите виделе дека Исус ги замолкнал садукеите, се здружиле со нив и заедно му пристапиле на Исус. Еден законик го прашал: „Учителе, која е најголемата заповед во Законот?“ (Матеј 22:36).

Исус му одговорил: „Првата е: ‚Чуј, Израеле, Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова, и сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила‘. Втората е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘. Други заповеди, поголеми од овие, нема“ (Марко 12:29-31).

Законикот се согласил со одговорот што го слушнал и рекол: „Учителе, тоа што го рече е добро и вистинито: ‚Тој е еден, и нема друг освен него‘. И да го сакаш со сето срце, и со сиот разум, и со сета сила, и да го сакаш ближниот како себеси вреди многу повеќе од сите паленици и останати жртви“. Кога видел дека законикот паметно одговорил, Исус му рекол: „Не си далеку од Божјето царство“ (Марко 12:32-34).

Исус поучувал во храмот веќе три дена (9, 10 и 11 нисан). Некои, како што бил законикот, го слушале со задоволство. Но, тоа не било случај и со верските водачи, кои го презирале и ‚повеќе немале храброст да го испрашуваат‘.