Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 103

Исус повторно го исчистил храмот

Исус повторно го исчистил храмот

МАТЕЈ 21:12, 13, 18, 19; МАРКО 11:12-18; ЛУКА 19:45-48; ЈОВАН 12:20-27

  • ИСУС ПРОКОЛНАЛ ЕДНА СМОКВА И ГО ИСЧИСТИЛ ХРАМОТ

  • ЗА ДА ИМ ДАДЕ ЖИВОТ НА МНОГУМИНА, ИСУС ТРЕБАЛО ДА УМРЕ

Откако дошле од Ерихон, Исус и неговите ученици поминале три ноќи во Витанија. Рано изутрината, во понеделник на 10 нисан, тие тргнале за Ерусалим. Кога Исус оддалеку здогледал една смоква, отишол да види дали на неа ќе најде плод затоа што бил гладен. Дали нашол?

Било крај на март, а смоквите зрееле дури во јуни. Но, тоа дрво многу рано пуштило лисја, па затоа Исус си помислил дека можеби ќе најде и смокви на него. Сепак, не нашол ниту една. Поради лисјата, дрвото оставало лажен впечаток. Исус рекол: „Никогаш повеќе никој да не јаде плод од тебе!“ (Марко 11:14). Во истиот момент, смоквата почнала да се суши, а следното утро учениците дознале и какво значење имало тоа.

Кратко откако тргнале од Витанија, Исус и учениците пристигнале во Ерусалим. Таму Исус отишол во храмот, кој добро го разгледал претходното попладне. Но, тој ден одлучил и да преземе нешто, како што направил кога дошол три години пред тоа, за Пасхата во 30 год. од н.е. (Јован 2:14-16). Исус ‚ги истерал оние што продавале и купувале во храмот‘. Освен тоа, им ги испревртел „масите на менувачите на пари и клупите на продавачите на гулаби“ (Марко 11:15). Дури не дозволувал некој да пренесе некаков предмет во другиот дел од градот така што ќе поминел по пократкиот пат низ храмскиот двор.

Зошто Исус постапил толку решително? Тој рекол: „Зарем не е напишано: ‚Мојот дом ќе се вика дом на молитвата за сите народи‘? А вие од него направивте разбојничка пештера“ (Марко 11:17). Трговците ги нарекол разбојници, затоа што им наплатувале многу скапо на оние што немале друг избор освен да купат животни за жртва од нив. Затоа, нивното тргување Исус го сметал за изнудување и кражба.

Кога главните свештеници, книжниците и водечките луѓе од народот слушнале што направил Исус, повторно почнале да бараат начин да го убијат. Но, имале еден проблем. Не знаеле како да го изведат тоа, затоа што околу Исус постојано имало луѓе кои го слушале.

Освен Евреи, на Пасхата дошле и луѓе од другите народи што ја имале прифатено еврејската вера. Меѓу нив биле и некои Грци. Тие отишле кај Филип, можеби затоа што имал грчко име, и му рекле дека сакаат да го видат Исус. Тој отишол и му го кажал тоа на Андреј, веројатно поради тоа што не бил сигурен дали такво нешто би било соодветно. Потоа, Филип и Андреј му кажале за тие луѓе на Исус, кој очигледно сѐ уште бил во храмот.

Исус знаел дека му останувале само уште неколку дена до смртта, па затоа воопшто не било момент да ја задоволува љубопитноста на луѓето или да запознава нови луѓе. Затоа на Филип и на Андреј им ја кажал следнава споредба: „Дојде часот да биде прославен Синот човечки. Вистина, вистина, ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само. Но ако умре, донесува обилен род“ (Јован 12:23, 24).

Едно зрно пченица има мала вредност, но ако се стави во земја и ако „умре“, ќе из’рти и со текот на времето ќе порасне во клас со многу зрна пченица. Исус бил како тоа едно зрно, односно бил единствениот совршен човек. Но, со тоа што ќе му останел верен на Бог до смрт, ќе овозможел и многу верни Божји слуги кои биле самопожртвувани како него да добијат вечен живот. Затоа рекол: „Кој го сака својот живот, го уништува, а кој го мрази својот живот во овој свет, ќе го зачува за вечен живот“ (Јован 12:25).

Исус не зборувал само за себе, затоа што во продолжение рекол: „Ако некој сака да ми служи, нека оди по мене. И каде што сум јас, таму ќе биде и мојот слуга. Ако некој ми служи, Таткото ќе му укаже чест“ (Јован 12:26). Колку вредна награда! Оние на кои Таткото ќе им укажел чест, ќе биле заедно со Христос во Царството.

Свесен дека го очекува големо страдање и мачна смрт, Исус продолжил: „Сега душата ми е вознемирена. Што да кажам? Татко, спаси ме од овој час!“ Тоа не значело дека Исус сакал да го избегне она што го чекало. Веднаш потоа рекол: „Но, затоа и дојдов до овој час“ (Јован 12:27). Исус бил потполно спремен да се подложи на Божјата волја, и за таа цел го жртвувал и својот живот.