Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 127

Изведен пред Судскиот совет, а потоа пред Пилат

Изведен пред Судскиот совет, а потоа пред Пилат

МАТЕЈ 27:1-11; МАРКО 15:1; ЛУКА 22:66 — 23:3; ЈОВАН 18:28-35

  • ИСУС БИЛ ИЗВЕДЕН ПРЕД СУДСКИОТ СОВЕТ РАНО НАУТРО

  • ЈУДА ИСКАРИОТ СЕ ОБИДЕЛ ДА СЕ ОБЕСИ

  • ИСУС БИЛ ПРАТЕН КАЈ ПИЛАТ ЗА ДА БИДЕ ОСУДЕН

Ноќта веќе изминувала кога Петар по третпат се одрекол од Исус. Откако членовите на Судскиот совет завршиле со судењето на кое Исус бил исмејуван и понижуван, тие се разотишле. Кога се разденило, повторно се собрале, веројатно за да го прикријат незаконското судење што го одржале ноќта.

Кога Исус бил изведен пред нив, повторно му заповедале: „Ако си Христос, кажи ни!“ Исус им одговорил: „И да ви кажам, нема да верувате. И ако ве прашам, нема да одговорите“. Сепак, храбро им кажал дека тој е оној за кого зборувало пророштвото запишано во Даниел 7:13. Рекол: „Отсега Синот човечки ќе седи откај моќната десница на Бог“ (Лука 22:67-69; Матеј 26:63).

Членовите на Судскиот совет упорно го прашувале: „Значи, ти ли си Синот Божји?“ Исус им одговорил: „Вие сами велите дека сум“. Тој одговор им бил доволен за да го потврдат нивното обвинение дека Исус е богохулник и да го осудат на смрт. „Што ќе ни е друго сведоштво?“, прашале (Лука 22:70, 71; Марко 14:64). Тогаш го врзале Исус и го одвеле кај римскиот управител Понтиј Пилат.

Јуда Искариот веројатно видел дека Исус го водат кај Пилат. Кога сфатил дека Исус бил осуден, почувствувал грижа на совеста и паднал во очај. Но, наместо да го моли Бог да му прости, тој отишол кај главните свештеници и старешините за да им ги врати парите, велејќи им: „Згрешив кога предадов праведна крв“. Но тие бездушно му одговориле: „Што нѐ засега нас? Тоа си е твоја работа!“ (Матеј 27:4).

Јуда ги фрлил триесетте сребреници во храмот и потоа на своите грешки додал уште една со тоа што се обидел да се самоубие. Додека се обидувал да се обеси, по сѐ изгледа гранката на која го врзал јажето се скршила, па паднал врз карпата одоздола и телото му се распукало (Дела 1:17, 18).

Сѐ уште било рано наутро кога Исус бил доведен во палатата на Понтиј Пилат. Евреите што го воделе не сакале да влезат внатре затоа што сметале дека во близина на не-Евреи ќе станат нечисти. Тогаш не би можеле да јадат од оброкот на 15 нисан, првиот ден од Празникот на бесквасните лебови, кој бил сметан за дел од празникот Пасха.

Пилат излегол пред нив и ги прашал: „Какво обвинение изнесувате против овој човек?“ Тие му одговориле: „Ако овој не е злосторник, немаше да ти го предадеме тебе“. Пилат можеби почувствувал дека сакаат да го стават под притисок, па затоа им рекол: „Земете го вие и судете му според вашиот закон“. Без да ја скријат својата намера да го убијат Исус, Евреите му одговориле: „Нам не ни е дозволено да погубиме никого“ (Јован 18:29-31).

Всушност, ако го убиеле Исус на Пасхата, народот веројатно ќе се побунел. Но, ако ги убеделе Римјаните да го убијат под изговор дека се бунтувал против римската власт, тогаш Евреите ќе биле ослободени од одговорноста пред својот народ.

Верските водачи не му кажале на Пилат дека го осудиле Исус за богохулство. Пред него изнеле сосема поинакви обвиненија: „Го најдовме овој како [1] го заведува нашиот народ, [2] забранува да му се плаќа данок на цезарот и [3] вели за себе дека е Христос, цар“ (Лука 23:2).

Како претставник на римската власт, Пилат со право го загрижило обвинението дека Исус се смета себеси за цар. Затоа повторно влегол во палатата, го викнал Исус и го прашал: „Дали си ти царот на Евреите?“ Со други зборови, сакал да знае дали Исус го прекршил законот со тоа што за себе тврдел дека е цар и така му го оспорувал авторитетот на цезарот. Веројатно за да дознае колку Пилат знае за него, Исус го прашал: „Го велиш ли тоа сам од себе или други ти кажале за мене?“ (Јован 18:33, 34).

Пилат признал дека не бил запознаен со фактите, но сакал да ги дознае. „Зарем јас сум Евреин?“, му рекол. „Твојот народ и главните свештеници те предадоа кај мене. Што си направил?“ (Јован 18:35).

Исус воопшто не се обидел да го избегне одговорот на клучното прашање што го интересирало Пилат — дали е цар или не. Неговиот одговор сигурно многу го изненадил управителот Пилат.

Нешто повеќе

БИБЛИЈАТА — КОЈА Е НЕЈЗИНАТА ПОРАКА?

Погубувањето на Исус Христос

Која нова прослава ја воспоставил Исус пред да биде предаден и прикован на столб?