Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 128

Ниту Пилат ниту Ирод не нашле вина кај Исус

Ниту Пилат ниту Ирод не нашле вина кај Исус

МАТЕЈ 27:12-14, 18, 19; МАРКО 15:2-5; ЛУКА 23:4-16; ЈОВАН 18:36-38

  • ИСУС БИЛ ИСПРАШУВАН ОД ПИЛАТ И ОД ИРОД

Исус не се обидел да скрие од Пилат дека навистина е цар. Сепак, му објаснил дека неговото Царство не претставува никаква закана за Рим. „Моето царство не е дел од овој свет“, му рекол Исус. „Да беше моето царство дел од овој свет, моите слуги ќе се бореа за да не им бидам предаден на Евреите. Но моето царство не е одовде“ (Јован 18:36). Така Исус јасно кажал дека има свое Царство, но дека тоа не е од овој свет.

Сепак, Пилат не се задоволил со одговорот. Повторно прашал: „Значи, ти си цар?“ За да му покаже дека дошол до исправен заклучок, Исус му рекол: „Ти самиот велиш дека сум цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој што е на страната на вистината, го слуша мојот глас“ (Јован 18:37).

Во една претходна прилика, Исус му рекол на Тома: „Јас сум патот и вистината и животот“. А сега и Пилат слушнал со која цел дошол Исус на Земјата — да сведочи за „вистината“, особено за вистината за неговото Царство. За таа вистина Исус бил спремен да го даде и својот живот. Тогаш Пилат прашал: „Што е вистина?“, но не чекал да добие одговор. Сметал дека тоа што го чул било доволно за да донесе одлука (Јован 14:6; 18:38).

Потоа Пилат се вратил кај мноштвото што чекало пред палатата. Очигледно додека Исус стоел до него, на главните свештеници и на другите што биле со нив Пилат им рекол: „Јас не наоѓам никаква вина во него“. Незадоволни од таквата одлука, луѓето упорно повторувале: „Со своето учење тој го поттикнува народот на бунт по цела Јудеја, почнувајќи од Галилеја па сѐ довде“ (Лука 23:4, 5).

Пилат мора многу да се изненадил кога видел колку неразумни и заслепени од омраза биле Евреите. Додека главните свештеници и старешините упорно викале, Пилат го прашал Исус: „Зарем не слушаш со колку работи сведочат против тебе?“ (Матеј 27:13). Но, Исус не одговорил ништо. Пилат бил зачуден што Исус останал смирен и покрај толку тешки обвиненија.

Евреите рекле дека учењето на Исус ‚почнало од Галилеја‘. Оттука, Пилат заклучил дека Исус е од Галилеја. Тогаш се сетил како би можел да ја избегне одговорноста тој да донесе конечна пресуда. Бидејќи за Пасхата во Ерусалим бил дојден владетелот на Галилеја, Ирод Антипа (синот на Ирод Велики), Пилат го пратил Исус кај него. Ирод Антипа бил тој што наредил да му се отсече главата на Јован Крстител. Кога подоцна чул за чудата на Исус, тој се исплашил дека Исус можеби е воскреснатиот Јован (Лука 9:7-9).

Ирод се израдувал што му се укажала можност да го види Исус, но не затоа што сакал да му помогне ниту, пак, затоа што сакал да види дали обвиненијата против него биле точни. Ирод едноставно бил љубопитен и се надевал „дека од него ќе види некакво чудо“ (Лука 23:8). Но, Исус не ја задоволил неговата љубопитност. Всушност, не одговорил на ниту едно негово прашање. Разочаран, Ирод заедно со своите војници ‚го понижил‘ Исус (Лука 23:11). Го облекле во сјајна облека и го исмевале. Потоа Ирод го испратил Исус назад кај Пилат. Иако Ирод и Пилат дотогаш биле во лоши односи, од тој ден станале пријатели.

Кога повторно го донеле Исус кај Пилат, тој ги повикал главните свештеници, народните поглавари и народот и им рекол: „Јас го испрашав пред вас, но не утврдив дека тој човек е виновен за она за кое го обвинувате. А не најде ни Ирод, бидејќи го испрати назад кај нас. Еве, тој не направил ништо со кое би заслужил смрт. Затоа ќе го казнам и ќе го пуштам“ (Лука 23:14-16).

Пилат сакал да го ослободи Исус бидејќи знаел дека свештениците му го предале од завист. А додека барал начин да го ослободи, се случило нешто што му дало додатен поттик да го стори тоа. Додека седел на судиската столица, добил порака од неговата жена: „Немај ништо со тој праведен човек, зашто денес многу страдав насон [кој очигледно бил од Бог] поради него“ (Матеј 27:19).

Дали Пилат имал сила да постапи исправно и да ослободи еден невин човек?