Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 126

Петар се одрекол од Исус

Петар се одрекол од Исус

Откако Исус бил уапсен во градината Гетсиманија, апостолите од страв побегнале. Но, двајца од нив се предомислиле. Тоа биле Петар „и еден друг ученик“, најверојатно апостолот Јован (Јован 18:15; 19:35; 21:24). Тие можеби го стигнале Исус додека толпата го водела кај Ана. Кога Ана го пратил Исус кај првосвештеникот Кајафа, Петар и Јован го следеле оддалеку. Од една страна се плашеле за својот живот, а од друга страна биле загрижени што ќе се случи со нивниот Господар.

Кога стигнале до куќата на Кајафа, Јован успеал да влезе во дворот затоа што се познавал со првосвештеникот, а Петар останал пред портата. Но, наскоро Јован се вратил и разговарал со вратарката, која потоа го пуштила Петар да влезе.

Бидејќи вечерта било ладно, оние што биле во дворот запалиле оган и стоеле околу него. Петар седел со слугите околу огнот и чекал „да види што ќе се случи“ (Матеј 26:58). На светлината од огнот, вратарката можела подобро да го види Петар. „Да не си и ти ученик на тој човек?“, го прашала (Јован 18:17). Тогаш и другите го препознале и го обвиниле дека бил со Исус (Матеј 26:69, 71-73; Марко 14:70).

Тоа го преплашило Петар. Се обидел да не привлече внимание на себе така што се повлекол во предворјето. Сепак, одрекол дека го познава Исус, па дури и рекол: „Ниту го познавам, ниту разбирам што зборуваш!“ (Марко 14:67, 68). За уште повеќе да ги увери во тоа, почнал „да се колне и да се заколнува“, што значело дека толку цврсто стоел зад своите зборови што бил спремен да ги поднесе последиците ако лаже (Матеј 26:74).

Во меѓувреме се одвивало судењето на Исус, најверојатно во една просторија на катот од куќата на Кајафа од каде се гледал дворот. Петар и другите што чекале долу можеле да видат како доаѓаат и си одат многу сведоци.

Бидејќи Петар имал галилејско наречје, луѓето не му поверувале кога рекол дека не го познава Исус. Освен тоа, меѓу нив бил и еден роднина на Малх, кому Петар му го отсекол увото. Тој му рекол на Петар: „Зар не те видов тебе во градината со него?“ Кога Петар по третпат се одрекол од Исус, запеал петел, како што било проречено (Јован 13:38; 18:26, 27).

Тогаш Исус, кој најверојатно бил на терасата и гледал кон дворот, се свртел кон Петар и го погледнал. Тој поглед сигурно го прободел срцето на Петар како меч. Веднаш се сетил на она што му го рекол Исус само неколку часа претходно во горната соба. Колку мора да му било тешко кога сфатил што направил! Скршен од тага, излегол надвор и горко заплакал (Лука 22:61, 62).

Како можел Петар, кој бил толку сигурен во себе, да се одрече од својот Учител? Очигледно ситуацијата го затекнала неподготвен. Луѓето ги извртиле фактите, и Исус бил претставен како подол измамник. Наместо да застане во одбрана на еден невин човек, тој му свртел грб на Оној што ‚ги имал зборовите на вечниот живот‘ (Јован 6:68).

Оваа тажна случка со Петар ни покажува дека дури и некој што има вера може да попушти кога ќе го снајдат ненадејни прогонства и искушенија доколку не е добро подготвен за тоа. Она што му се случило на Петар е предупредување за сите Божји слуги.