Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 101

На вечера кај Симон во Витанија

На вечера кај Симон во Витанија

МАТЕЈ 26:6-13; МАРКО 14:3-9; ЈОВАН 11:55 — 12:11

  • ИСУС СЕ ВРАТИЛ ВО ВИТАНИЈА, БЛИЗУ ЕРУСАЛИМ

  • МАРИЈА ИЗЛЕАЛА МИРИСЛИВО МАСЛО ВРЗ ИСУС

Исус заминал од Ерихон и се упатил кон Витанија. Патот дотаму се протегал по една угорнина долга околу дваесет километри и минувал низ нерамен терен. Ерихон бил сместен на околу двеста и педесет метри под морското ниво, а Витанија се наоѓала на надморска височина од околу шестотини и десет метри. На само три километри од Ерусалим, на источната страна од Маслинската Гора, во малото село Витанија живееле Лазар и неговите две сестри.

Многу Евреи веќе пристигнале во Ерусалим за Пасхата. Тие дошле порано за „обредно да се очистат“ поради тоа што имале допрено мртовец или биле нечисти од некоја друга причина (Јован 11:55; 4. Мојсеева 9:6-10). Некои од оние што дошле порано биле собрани во храмот и се прашувале дали Исус ќе дојде на празникот (Јован 11:56).

Меѓу луѓето постоел голем спор околу Исус. Некои од верските водачи сакале да го фатат и да го убијат. Всушност, имале издадено заповед секој што ќе дознае каде е Исус да им каже „за да го фатат“ (Јован 11:57). Тие веќе се обиделе да го убијат откако го воскреснал Лазар (Јован 11:49-53). Затоа, некои се прашувале дали Исус повторно ќе се појави во јавноста.

Во Витанија, Исус дошол во петок, „шест дена пред Пасхата“ (Јован 12:1). На зајдисонце требало да започне следниот ден, сабота, 8 нисан. Исус не би можел да тргне од Ерихон во сабота затоа што еврејскиот закон забранувал да се патува на денот за одмор, кој започнувал со заоѓањето на сонцето во петок, а завршувал со заоѓањето на сонцето во сабота. Затоа, тој стигнал во Витанија пред да почне саботата. Како и секогаш, Исус најверојатно отишол во домот на Лазар и таму преноќил.

Во саботата, Симон, кој исто така бил од Витанија, ги поканил Исус и неговите придружници заедно со Лазар да дојдат кај него на вечера. Симон бил наречен „лепрозниот“, можеби затоа што претходно боледувал од лепра и Исус го излекувал. Како и секогаш, Марта трудољубиво ги послужувала гостите. Марија, пак, целото свое внимание му го посветила на Исус, а овојпат направила и нешто што предизвикало негодување меѓу учениците.

Таа отворила едно алабастерно шишенце во кое имало околу „една либра скапоцено мирисливо масло, вистински нард“ (Јован 12:3). Тоа масло било многу скапо — чинело речиси колку едногодишна плата на еден работник! Марија го излеала маслото врз главата и нозете на Исус, а потоа му ги избришала нозете со косата. Пријатниот мирис од маслото ја исполнил целата куќа.

Тогаш учениците се налутиле и прашале: „Зошто да се растура така мирисливото масло?“ (Марко 14:4). А Јуда Искариот приговорил: „Зошто не се продаде ова мирисливо масло за триста денарии и тоа да им се дадеше на сиромасите?“ (Јован 12:5). На Јуда не му било грижа за сиромасите, туку тоа го рекол затоа што крадел од кутијата во која учениците ги чувале парите.

Меѓутоа, Исус ја одбранил Марија со зборовите: „Зошто ја напаѓате жената? Таа ми направи добро дело. Сиромасите секогаш ќе ги имате покрај себе, а мене нема да ме имате секогаш. Кога жената го излеа мирисливото масло врз моето тело, ме приготви за погреб. Вистина, ви велам, секаде каде што ќе се проповеда оваа добра вест, по целиот свет, ќе се кажува и за тоа што го направи оваа жена, како спомен за неа“ (Матеј 26:10-13).

Бидејќи Исус веќе бил во Витанија подолго од еден ден, меѓу луѓето се расчуло дека бил таму. Многумина дошле во куќата на Симон да го видат не само Исус туку и Лазар, ‚кого тој го подигнал од мртвите‘ (Јован 12:9). Затоа главните свештеници се договориле да ги убијат и Исус и Лазар. Страшно ги налутило тоа што многумина од оние кои виделе дека Лазар бил повторно жив поверувале во Исус. Колку само биле злобни!