Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 139

Исус ќе го обнови рајот и ќе ја доврши својата задача

Исус ќе го обнови рајот и ќе ја доврши својата задача

1. КОРИНЌАНИТЕ 15:24-28

  • ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧИ СО ОВЦИТЕ, А ШТО СО ЈАРЦИТЕ

  • МНОГУМИНА ЌЕ ЖИВЕАТ ВО РАЈ НА ЗЕМЈАТА

  • ИСУС Е ПАТОТ, ВИСТИНАТА И ЖИВОТОТ

Веднаш откако се крстил и уште пред да започне со својата служба, Исус се соочил со еден непријател кој по секоја цена сакал да го натера да му згреши на Бог. Овој непријател, Ѓаволот, повеќепати се обидел да го искуша Исус. Подоцна, за него Исус рекол: „Доаѓа владетелот на светот. Тој нема власт над мене“ (Јован 14:30).

Во едно од своите виденија, апостол Јован видел што ќе се случи со „големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана“. Овој злобен непријател на човештвото требало да биде исфрлен од небото, поради што ќе чувствувал „голем гнев, знаејќи дека има кратко време“ (Откровение 12:9, 12). Христијаните можат да бидат сигурни дека живеат во тоа „кратко време“ и дека наскоро „змејот, празмијата“, ќе биде фрлен во бездна и нема да може да дејствува илјада години. Во текот на тој период, Исус ќе владее како Цар на Божјето Царство (Откровение 20:1, 2).

А што ќе се случува на нашата планета, Земјата, додека Исус владее? Кој ќе живее на неа, и каков ќе биде животот? Исус ни помогнал да го дознаеме одговорот. Преку една споредба, тој покажал каква иднина ги очекува праведните луѓе, кои се како овци во таа смисла што соработуваат со браќата на Исус и им прават добро. Од друга страна, јасно кажал што ги чека оние што го прават спротивното и затоа се како јарци. Исус рекол: „[Јарците] ќе отидат во вечна смрт, а праведниците [овците] во вечен живот“ (Матеј 25:46).

Тоа ни помага да разбереме што сакал да му каже Исус на разбојникот кој бил прикован до него. На тој човек Исус не му ја ветил истата награда што им ја ветил на своите верни апостоли. Ним им ветил дека ќе бидат дел од небесното Царство, додека на разбојникот што се покајал му рекол: „Вистина,  ти велам денес, ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43). На тој човек Исус му ветил дека ќе живее во Рајот, односно на Земјата која ќе изгледа како прекрасна рајска градина. Според тоа, и сите што денес се како овците од споредбата на Исус и ќе добијат „вечен живот“, ќе бидат во тој рај.

Сето ова е во склад со описот што го дал Јован за условите што тогаш ќе владеат на Земјата. Тој напишал: „Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето! Бог ќе живее со нив и тие ќе бидат негов народ и самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:3, 4).

За да може разбојникот што се покајал да живее во рајот, мора да воскресне. Но, тој нема да биде единствениот што ќе воскресне. Исус јасно рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат — оние што правеле добро, за воскресение за живот, а оние што правеле зло, за воскресение за осуда“ (Јован 5:28, 29).

А што ќе биде со верните апостоли и одредениот број лица што ќе бидат со Исус на небото? Во Библијата пишува: „Ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе царуваат со Христос илјада години“ (Откровение 20:6). Оние што ќе владеат со Христос веќе живееле како луѓе на Земјата, било како мажи или како жени. Затоа, сигурно ќе бидат сочувствителни и ќе можат да покажат разбирање кон луѓето над кои ќе владеат (Откровение 5:10).

Со својата откупна жртва, Исус ќе може да го ослободи човештвото од оковите на гревот и смртта кои сме ги наследиле од Адам. Тој и неговите совладетели ќе им помогнат на верните поединци да станат совршени. Тогаш ќе се оствари намерата со која Бог ги создал првите луѓе Адам и Ева, на кои им рекол да се намножат и да ја наполнат Земјата. Нема да постои дури ни смртта која е последица од гревот на Адам!

На тој начин, Исус ќе го доврши сето она што Јехова го побарал од него. На крајот од своето илјадагодишно владеење, Исус понизно ќе му го предаде совршеното човештво на својот Татко. Овој прекрасен чин на понизност апостол Павле го опишал со следниве зборови: „А кога ќе му биде подложено сѐ, тогаш и самиот Син ќе му се подложи на оној што му подложил сѐ, за Бог да им биде сѐ на сите“ (1. Коринќаните 15:28).

Нема сомнение дека Исус има многу значајна улога во исполнувањето на Божјите величествени намери. И додека намерите на Бог ќе продолжат да се остваруваат низ целата вечност, Исус ќе продолжи да живее според зборовите со кои се опишал самиот себеси: „Јас сум патот и вистината и животот“ (Јован 14:6).