Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 104

Евреите го чуле гласот на Бог, но дали поверувале?

Евреите го чуле гласот на Бог, но дали поверувале?

ЈОВАН 12:28-50

  • МНОГУ ЛУЃЕ ГО ЧУЛЕ ГЛАСОТ НА БОГ

  • ВРЗ КОЈА ОСНОВА ЌЕ БИДАТ СУДЕНИ ЛУЃЕТО

Во понеделник на 10 нисан, Исус во храмот зборувал за тоа дека наскоро треба да умре. Загрижен како тоа ќе се одрази врз името на неговиот Татко, се помолил: „Татко, прослави го своето име!“ Тогаш од небото се слушнал силен глас, кој рекол: „Го прославив и пак ќе го прославам!“ (Јован 12:27, 28).

Луѓето што стоеле таму биле збунети. Некои помислиле дека загрмело. Други, пак, рекле: „Ангел му зборуваше“ (Јован 12:29). Но, тоа бил гласот на самиот Јехова Бог! Не било првпат луѓето да го чујат Божјиот глас откако Исус започнал со својата служба на Земјата.

Кога Исус се крстил три и пол години пред тоа, Јован Крстител го слушнал Бог, кој рекол: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“. Потоа, кратко по Пасхата во 32 год. од н.е., Исус се преобразил пред Јаков, Јован и Петар. Тогаш, овие апостоли слушнале како Бог објавил: „Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја! Него слушајте го!“ (Матеј 3:17; 17:5). Сега, во храмот, луѓето по третпат го слушнале Божјиот глас. Но, овојпат Јехова зборувал така што го чуле многу луѓе.

Исус објаснил: „Овој глас не беше заради мене, туку заради вас“ (Јован 12:30). Тоа било доказ дека тој навистина бил Божјиот Син, проречениот Месија.

Со тоа што ќе му останел верен на Бог до самиот крај, Исус ќе оставел пример за сите луѓе и ќе докажел дека Сатана Ѓаволот, владетелот на овој свет, заслужува да биде уништен. Исус рекол: „Сега е судењето на овој свет, сега владетелот на овој свет ќе биде исфрлен надвор“. Неговата смрт во никој случај немало да биде пораз, туку победа. Зошто? Тој објаснил: „Кога јас ќе бидам подигнат од земјата, ќе привлечам кај себе најразлични луѓе“ (Јован 12:31, 32). Со тоа што ќе умрел на маченички столб, Исус ќе можел да привлече многу луѓе кон себе и да им даде вечен живот.

Кога слушнале дека Исус ќе бил „подигнат“, луѓето рекле: „Слушнавме од Законот дека Христос останува засекогаш. Тогаш, како ти велиш дека Синот човечки мора да биде подигнат? Кој е тој Син човечки?“ (Јован 12:34). И покрај сите докази, дури и откако го чуле гласот на самиот Бог, повеќето од нив не верувале дека Исус навистина бил Синот човечки, ветениот Месија.

Како и порано, Исус повторно се споредил себеси со ‚светлина‘ (Јован 8:12; 9:5). Тој ги поттикнал луѓето: „Уште малку време светлината ќе биде меѓу вас. Одете додека ја имате светлината за да не ве надвие темнината... Додека ја имате светлината, верувајте во светлината за да бидете синови на светлината“ (Јован 12:35, 36). Откако го кажал тоа си заминал оттаму, затоа што 10 нисан не бил денот кога требало да умре. Исус требало да биде „подигнат“, односно прикован на маченички столб на денот на Пасхата, 14 нисан (Галатите 3:13).

Со тоа што не поверувале во Исус, Евреите ги исполниле зборовите на Исаија, кој прорекол дека очите на луѓето ќе бидат заслепени и срцата стврднати, па нема да се обратат и нема да бидат излекувани (Исаија 6:10; Јован 12:40). И навистина, повеќето Евреи тврдоглаво ги отфрлиле сите докази дека Исус бил ветениот Избавител — патот до животот.

Никодим, Јосиф од Ариматеја и многу други поглавари ‚поверувале‘ во Исус. Но, дали покажале дека имаат вера? Или, пак, од страв да не бидат исклучени од синагогата или поради тоа што сакале слава што доаѓа од луѓе, ја криеле својата вера во него? (Јован 12:42, 43).

Исус јасно објаснил што вклучува верата во него: „Кој верува во мене, не верува само во мене туку и во оној што ме испрати. И кој ме гледа мене, го гледа и оној што ме испрати“. Вистините кои Исус ги научил од својот Татко и за кои постојано ги поучувал другите биле толку важни што Исус рекол: „Кој ме отфрла мене и не го прима она што јас го велам, има свој судија. Речта што ја зборував — таа ќе му суди во последниот ден“ (Јован 12:44, 45, 48).

На крајот Исус заклучил: „Јас не зборував сам од себе, туку самиот Татко, кој ме испрати, ми даде заповед што да кажам и што да зборувам. И знам дека неговата заповед значи вечен живот“ (Јован 12:49, 50). Останувало уште кратко време до моментот кога Исус требало да ја пролее својата крв како жртва за сите што вистински веруваат во него (Римјаните 5:8, 9).

Нешто повеќе

БИБЛИЈАТА — КОЈА Е НЕЈЗИНАТА ПОРАКА?

Доаѓањето на Месијата

Како Јехова преку ангелите и преку Јован Крстител покажал дека Исус е Месијата? На кој начин самиот Јехова потврдил дека неговиот Син е Месијата?