Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 136

На брегот на Галилејското Море

На брегот на Галилејското Море

ЈОВАН 21:1-25

  • ИСУС СЕ ПОЈАВИЛ НА БРЕГОТ НА ГАЛИЛЕЈСКОТО МОРЕ

  • ПЕТАР ЗАЕДНО СО ДРУГИ ТРЕБАЛО ДА ГИ ХРАНИ ОВЦИТЕ

Последната вечер кога бил со апостолите, Исус им кажал: „Кога ќе воскреснам, ќе отидам пред вас во Галилеја“ (Матеј 26:32; 28:7, 10). Затоа, многумина од неговите следбеници отишле во Галилеја. Но, не им било сосема јасно што требало да прават таму.

По некое време, на шестмина од апостолите Петар им рекол: „Одам да ловам риба“. „Одиме и ние со тебе“, му одговориле тие (Јован 21:3). Меѓутоа, цела ноќ ништо не уловиле. Кога почнало да зазорува, на брегот се појавил Исус, но апостолите не го препознале. Исус викнал: „Дечиња, зар немате ништо за јадење?“ Тие му одговориле: „Немаме!“ Тогаш Исус им рекол: „Фрлете ја мрежата од десната страна на чамецот и ќе најдете!“ (Јован 21:5, 6). Тие го послушале и уловиле толку многу риби што не можеле да ги извлечат мрежите.

„Тоа е Господарот!“, му рекол Јован на Петар (Јован 21:7). Петар, кој бил расоблечен затоа што ловел риби, брзо се облекол и скокнал во морето. Отпливал до брегот, кој бил оддалечен околу сто метри. Останатите апостоли полека го следеле со чамецот, влечејќи ја мрежата полна со риби.

Кога стигнале на брегот, ‚виделе жар, на кој се печело риба, и леб‘. Исус им рекол: „Донесете малку од рибите што ги уловивте сега“. Петар ја извлекол мрежата, во која имало сто педесет и три големи риби. „Дојдете, појадувајте“, им рекол Исус. Никој не се осмелил да го праша: „Кој си ти?“, затоа што на сите им било јасно дека тоа е Исус (Јован 21:9-12). Така, Исус по третпат се појавил пред група ученици.

Секому од нив Исус му дал парче леб и риба. Потоа, најверојатно гледајќи кон рибите што ги уловиле, го прашал Петар: „Симоне, сине Јованов, ме сакаш ли повеќе отколку овие?“ Со тоа прашање Исус несомнено сакал да види дали на Петар му била поважна задачата што тој му ја дал отколку риболовот. Петар му одговорил: „Да, Господару, ти знаеш дека те сакам“. Тогаш Исус го поттикнал: „Храни ги моите јагниња!“ (Јован 21:15).

Потоа повторно го прашал: „Симоне, сине Јованов, ме сакаш ли?“ Петар можеби бил збунет, но искрено одговорил: „Да, Господару, ти знаеш дека те сакам“. „Паси ги моите овчички“, повторно му рекол Исус (Јован 21:16).

Потоа го прашал по третпат: „Симоне, сине Јованов, ме сакаш ли?“ Петар можеби си помислил дека Исус се сомнева во неговата верност и нажалено му одговорил: „Господару, ти знаеш сѐ, ти знаеш дека те сакам“. Исус по третпат му повторил што морало да прави: „Храни ги моите овчички!“ (Јован 21:17). На тој начин Исус покажал колку е важно оние што преземаат водство да се грижат за оние што се дел од Божјето стадо.

Исус бил уапсен и убиен затоа што ја извршувал задачата што му ја дал Бог. Во оваа прилика, тој кажал дека и Петар ќе умре на сличен начин. „Кога беше помлад“, му рекол Исус, „сам се опашуваше и одеше каде што сакаше. А кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете и други ќе те опашуваат и ќе те водат таму каде што не сакаш“. Сепак го поттикнал: „Оди по мене!“ (Јован 21:18, 19).

Кога се завртел и го видел ученикот Јован, Петар прашал: „Господару, што ќе биде со него?“ Што ќе се случело со ученикот кого Исус особено го сакал? Исус му одговорил на Петар: „Ако јас сакам тој да остане додека не дојдам, што се грижиш ти за тоа?“ (Јован 21:21-23). Петар требало да го следи Исус без оглед на тоа што ќе правеле другите. Сепак, самиот Јован подоцна објаснил дека Исус едноставно сакал да каже дека тој ќе ги надживее останатите апостоли и дека ќе му биде дадено видение за доаѓањето на Исус како Цар.

Се разбира, Исус направил и многу други работи, но кога сите би биле запишани, не би ги собрало во многу свитоци.