Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 16

Ревноста за Божјиот дом

Ревноста за Божјиот дом

ЈОВАН 2:12-22

  • ИСУС ГИ ИСТЕРАЛ ПРОДАВАЧИТЕ ОД ХРАМОТ

По свадбата во Кана, Исус се упатил кон Капернаум. Со него биле мајка му и неговите полубраќа — Јаков, Јосиф, Симон и Јуда.

Но, зошто Исус решил да оди во Капернаум? Тој град бил поголем и позначаен од Назарет и од Кана. Освен тоа, во Капернаум или во негова близина живееле повеќето од првите ученици на Исус, па тој можел да ги поучува во местото каде што живееле.

Исус правел чуда и во Капернаум. Затоа, во градот и околината брзо се расчуло за него. Но, тој и неговите сопатници, кои биле верни Евреи, по кратко време требало да тргнат за Ерусалим за да ја прослават Пасхата во 30 год. од н.е.

Во храмот во Ерусалим, Исус направил нешто што им оставило длабок впечаток на неговите ученици, нешто дотогаш невидено.

Според Божјиот закон, Израелците биле должни да принесуваат животински жртви во храмот. Освен тоа, на оние што доаѓале од други места им била потребна храна за време на престојот во Ерусалим. Затоа, Законот дозволувал да понесат пари со кои ќе можеле да купат ‚говеда и ситна стока‘ и сѐ друго што им било потребно (5. Мојсеева 14:24-26). Поради тоа, трговците во Ерусалим продавале животни и птици во големиот двор на храмот. А некои од нив ги лажеле луѓето така што им наплатувале поскапо од она што требало.

Тоа толку го разгневило Исус, што им ги истурил парите на менувачите, им ги испревртел масите и ги избркал продавачите од храмот. Потоа им рекол: „Носете го тоа одовде! Не правете од домот на мојот Татко трговска куќа!“ (Јован 2:16).

Кога учениците го виделе тоа, се сетиле дека за Божјиот Син било проречено: „Ревноста за твојот дом ќе ме изеде“. Но, Евреите го прашале: „Со каков чудесен знак ќе ни покажеш дека смееш да го правиш тоа?“ Исус им одговорил: „Урнете го овој храм и јас за три дена ќе го подигнам“ (Јован 2:17-19; Псалм 69:9).

Евреите помислиле дека Исус зборува за дословниот храм во Ерусалим, и затоа го прашале: „Овој храм се градел четириесет и шест години, а ти ќе го подигнеш за три дена?“ (Јован 2:20). Меѓутоа, храмот за кој зборувал Исус бил неговото тело. По три години, неговите ученици се сетиле на тие зборови кога тој воскреснал.

Нешто повеќе

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА

Илија храбро ја застапувал вистинската религија

Како можеме да бидеме како Илија кога некој не се согласува со она што го учи Библијата?