Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 15

Првото чудо на Исус

Првото чудо на Исус

ЈОВАН 2:1-12

  • СВАДБАТА ВО КАНА

  • ИСУС ПРЕТВОРИЛ ВОДА ВО ВИНО

На третиот ден откако Натанаел станал Исусов ученик, Исус и барем неколкумина од неговите први ученици тргнале на север кон нивниот роден крај Галилеја. Требало да стигнат во Кана, родниот град на Натанаел. Кана се наоѓала во планинскиот предел северно од Назарет, градот каде што пораснал Исус. Таму биле поканети на една свадба.

На свадбата била и мајка му на Исус. Бидејќи се познавала со семејството на младоженците, Марија очигледно помагала во послужувањето на многуте гости. Затоа, брзо забележала дека се појавил еден проблем. На Исус му рекла: „Немаат вино“ (Јован 2:3).

Со тие зборови таа, всушност, сакала да му укаже дека требало да направи нешто околу тоа. Исус употребил една фраза од која се гледа дека не се сложувал со она што Марија го побарала од него. Тој ѝ одговорил: „Што имам јас со тоа, жено?“ (Јован 2:4). Бидејќи Бог го именувал да биде Цар, Исус требало да прима наредби од својот небесен Татко, а не од семејството или пријателите. Марија постапила мудро и му ги препуштила работите на својот син, а на послужителите им рекла: „Сѐ што ќе ви каже, направете“ (Јован 2:5).

Таму имало шест големи камени ќупови, и секој од нив собирал над четириесет литри вода. Исус им рекол на послужителите: „Наполнете ги ќуповите со вода“. Потоа додал: „Нацрпете сега и однесете му на управителот на масата“ (Јован 2:7, 8).

Управителот на свадбата бил воодушевен од квалитетот на виното. Бидејќи не знаел дека било направено со чудо, го повикал младоженецот и го пофалил: „Секој човек најпрво го изнесува доброто вино, а кога луѓето ќе се опијат, полошото. А ти си го чувал доброто вино сѐ досега“ (Јован 2:10).

Тоа било првото чудо на Исус. Кога неговите ученици виделе што направил, многу им се зајакнала верата во него. По свадбата, Исус, мајка му и неговите полубраќа отишле во градот Капернаум на северозападниот брег на Галилејското Море.