Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 12

Крштавањето на Исус

Крштавањето на Исус

МАТЕЈ 3:13-17; МАРКО 1:9-11; ЛУКА 3:21, 22; ЈОВАН 1:32-34

  • ИСУС СЕ КРСТИЛ И БИЛ ПОМАЗАН

  • ЈЕХОВА ОБЈАВИЛ ДЕКА ИСУС МУ Е СИН

Околу шест месеци откако Јован почнал да проповеда крај реката Јордан, кај него дошол Исус. Зошто? Дали дошол само за да го посети својот роднина и да види како напредува неговата служба? Не. Исус, кој тогаш имал околу триесет години, дошол кај Јован за да се крсти.

Меѓутоа, Јован му се спротивставил: „Ти треба мене да ме крстиш, а ти доаѓаш кај мене?“ (Матеј 3:14). Јован знаел дека Исус е посебна личност, дека е Божји Син. Уште додека бил во мајчината утроба, Јован весело потскокнал кога кај неговата мајка, Елисавета, дошла на гости Марија, која била бремена со Исус. Елисавета сигурно му го раскажала тоа на Јован. Веројатно му раскажала и дека еден ангел го најавил раѓањето на Исус и дека ноќта кога се родил, пред група овчари се појавиле ангели.

Јован знаел дека требало да ги крсти оние што се каеле за своите гревови. Но, Исус немал гревови. Сепак, приговорот на Јован не го предомислил Исус, кој му рекол: „Остави го сега тоа, зашто нам ни прилега да го извршиме на тој начин сето она што е праведно“ (Матеј 3:15).

Зошто Исус се крстил? Исус не се крстил како симбол на покајание за гревовите, туку за да покаже дека ќе ја врши волјата на својот Татко (Евреите 10:5-7). Пред да се крсти тој бил дрводелец, но дошло време да започне со службата за која неговиот небесен Татко го испратил на Земјата. Што мислиш, дали Јован очекувал дека ќе се случи нешто необично при крштавањето на Исус?

Самиот Јован подоцна рекол: „Оној што ме испрати да крштавам со вода, ми рече: ‚Врз кого ќе видиш дека слегува духот и останува на него, тој е оној што крштава со светиот дух‘“ (Јован 1:33). Според тоа, Јован очекувал дека Божјиот дух ќе слезе на некој од оние што ги крштавал. Затоа можеби не бил премногу изненаден кога видел дека ‚Божјиот дух слегол како гулаб‘ на Исус откако тој се кренал од водата (Матеј 3:16).

Но, кога Исус се крстил, се случило и нешто друго. Библијата вели дека му ‚се отвориле небесата‘. Што значело тоа? При крштавањето, Исус најверојатно се сетил на својот претходен живот на небото. Тогаш потполно му се вратило сеќавањето од животот како духовен Син на Јехова Бог. Се сетил и на сѐ што го поучил Јехова.

Освен тоа, откако Исус се крстил се слушнал глас од небото, кој рекол: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“ (Матеј 3:17). Чиј бил тој глас? Сигурно не бил гласот на Исус, бидејќи Исус стоел пред Јован. Тоа бил Божјиот глас. Било јасно дека Исус е Божји Син, а не семоќниот Бог.

Додека бил на Земјата, Исус му бил и човечки син на Бог, исто како што бил и првиот човек, Адам. Откако го опишал крштавањето на Исус, ученикот Лука напишал: „Кога започна со својата служба, Исус имаше околу триесет години. А беше, како што се сметаше, син на Јосиф, син на Или... син на Давид... син на Авраам... син на Ное... син на Адам, син на Бог“ (Лука 3:23-38).

Исто како што Адам бил човечки „син на Бог“, така и Исус бил човечки „син на Бог“. Но, откако се крстил, Исус станал и духовен син на Бог. Затоа Исус може да нѐ поучи за вистината за Бог и да ни го покаже исправниот пат во животот. По крштавањето, Исус започнал со својата служба, која требало да заврши така што ќе го жртвувал својот живот како човек за да го спаси човештвото.