Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

Патот, вистината и животот

Патот, вистината и животот

Кој не се радува да слушне добра вест за себе или за своите најмили?

Таква вест содржи Библијата, книга што постои со векови. Нејзиното пишување го водел Творецот на вселената, Јехова Бог. Во оваа публикација ќе се запознаеме со четири книги од Библијата што содржат една многу добра вест за сите нас. Тие четири книги се наречени според имињата на луѓето што Бог ги водел да ги напишат — Матеј, Марко, Лука и Јован.

За многумина, овие книги се познати како четирите евангелија. Во секоја од нив се зборува за евангелието, односно добрата вест за Исус — оној преку кого Бог ќе го спаси човештвото и кој, како Цар на Божјето небесно Царство, ќе донесе трајни благослови за сите што веруваат во него (Марко 10:17, 30; 13:13).

ЗОШТО БИЛЕ НАПИШАНИ ЧЕТИРИ ЕВАНГЕЛИЈА?

Можеби се прашуваш зошто Бог поттикнал четворица луѓе да пишуваат за животот и учењата на Исус.

Има повеќе користи од тоа што постојат четири посебни извештаи за она што Исус го зборувал и правел. Да го споредиме тоа со еден пример. Замисли си дека околу еден познат учител стојат четворица мажи. Оној што стои пред него работи како даночник. Десно од учителот стои еден лекар. Тој што стои лево од него е рибар, и му е близок пријател. Четвртиот е еден љубопитен млад човек што стои зад него. Сите тие се чесни луѓе, но ги интересираат различни работи. Кога сите би пишувале извештај за она што го зборувал и правел учителот, веројатно секој од нив би се задржал на различни детали и настани. Ако ги прочитаме сите четири извештаи, имајќи на ум дека секој од нив е напишан од поинаква гледна точка, на крајот ќе добиеме целосна слика за она што го рекол и направил учителот. На истиот начин, четирите евангелија ни помагаат да имаме една комплетна претстава за животот на големиот Учител, Исус.

Да речеме дека даночникот од примерот што го наведовме пишува за луѓе со еврејско потекло, па затоа избира да ги запише оние учења и  настани што пред сѐ ќе им користат на Евреите. На лекарот му е важно да запише дека учителот излекувал болни и сакати, па затоа испушта некои од работите што ги запишал даночникот, или, пак, ги запишува со поинаков редослед. Оној што му е близок пријател на учителот повеќе ги опишува неговите чувства и особини. Младиот човек, пак, во кратки црти ги изнесува оние работи што му оставиле најголем впечаток. Сепак, сите четири извештаи се точни. Овој пример добро покажува како тоа што постојат четири извештаи за животот на Исус ни помага да го збогатиме нашето разбирање за неговите дела, учења и особини.

Не е погрешно да кажеме ‚евангелието според Матеј‘ или ‚евангелието според Јован‘, затоа што секое евангелие зборува за „добрата вест за Исус Христос“ (Марко 1:1). Сепак, во поширока смисла на зборот, постои само едно евангелие, односно една добра вест за Исус — пренесена преку четири извештаи.

Многу истражувачи на Божјата Реч ги споредувале и ги поврзувале настаните и фактите што ги запишале Матеј, Марко, Лука и Јован. Околу 170 год. од н.е., сирискиот писател Татијан вложил голем труд да го направи тоа. Тој сфатил дека сите четири книги се точни и пишувани под водство на Бог, и затоа го составил делото познато како Дијатесарон, во кое направил спој на сите четири извештаи за животот и службата на Исус.

Книгата Исус — патот, вистината и животот го прави истото, но на еден попрецизен и посеопфатен начин. Тоа е возможно затоа што денес подобро го разбираме исполнувањето на пророштвата и споредбите што ги кажал Исус. Таквото разбирање ни помага појасно да го сфатиме значењето на она што Исус го кажал и направил, како и редоследот по кој се случувале настаните. Освен тоа, благодарение на археолошките откритија, денес имаме појасна слика за одредени детали и начинот на кој размислувале писателите. Се разбира, не можеме да бидеме догматични за редоследот по кој се одвивал секој од настаните. Сепак, во оваа книга случувањата се прикажани на еден разумен и логичен начин.

ПАТОТ, ВИСТИНАТА И ЖИВОТОТ

Додека уживаш во читањето на оваа книга, обиди се да препознаеш која е главната порака за тебе и за твоите најблиски. Имај ги на ум зборовите што Исус Христос му ги кажал на апостолот Тома: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото, освен преку мене“ (Јован 14:6).

Оваа книга ќе ти помогне да сфатиш во која смисла Исус е „патот“. Само преку него можеме да му се обратиме на Јехова Бог во молитва. Освен тоа, Исус е единствениот пат до Бог, односно единствениот начин на кој можеме да се помириме со него (Јован 16:23; Римјаните 5:8). Според тоа, луѓето можат да имаат добар однос со Бог само преку Исус.

Исус е „вистината“. Тој зборувал и живеел според вистината. Неговиот лик на совршен начин ни открива што е вистина. Исус исполнил многу пророштва, кои ‚преку него станале „да“‘ (2. Коринќаните 1:20; Јован 1:14). Тие ни помагаат да увидиме колку важна улога има Исус во исполнувањето на Божјата намера (Откровение 19:10).

Исус Христос е и „животот“. Со тоа што платил откупнина, жртвувајќи ги својот совршен живот и својата крв, ни дал можност да добиеме ‚вистински живот‘, односно ‚вечен живот‘ (1. Тимотеј 6:12, 19; Ефешаните 1:7; 1. Јованово 1:7). Исус ќе биде ‚живот‘ и за милиони други кои умреле, но кои ќе воскреснат и ќе можат да живеат вечно во рајот на Земјата (Јован 5:28, 29).

Сите ние треба да дознаеме каква улога има Исус во исполнувањето на Божјата намера и вистински да ја цениме. Преку страниците на оваа книга ќе можеш подобро се запознаеш со Исус, оној кој е ‚патот, вистината и животот‘.

Нешто повеќе

ДОБРА ВЕСТ ОД БОГ!

Каква е Божјата намера со Земјата?

Библијата објаснува зошто Бог ја создал Земјата, кога ќе престанат страдањата и каква иднина ги чека Земјата и оние што ќе живеат на неа.