Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 3

Се родил оној што требало да го подготви патот

Се родил оној што требало да го подготви патот

ЛУКА 1:57-79

  • СЕ РОДИЛ ЈОВАН КРСТИТЕЛ И МУ БИЛО ДАДЕНО ИМЕ

  • ЗАХАРИЈА ЈА ПРЕТСКАЖАЛ УЛОГАТА НА ЈОВАН

Елисавета требало наскоро да се породи. Откако Марија била кај неа три месеци, се поздравила со неа и тргнала на долг пат кон север за да се врати дома во Назарет. По шест месеци, и таа требало да роди син.

Набрзо откако Марија си заминала, Елисавета се породила. Сигурно сите биле пресреќни што пораѓањето поминало добро и што мајката и детето биле здрави и живи! Соседите и роднините многу се радувале кога го виделе бебето на Елисавета.

Според Божјиот закон, секое машко дете во Израел требало да биде обрежано на осмиот ден од неговото раѓање, а тогаш му давале и име (3. Мојсеева 12:2, 3). Некои сметале дека бебето требало да се вика како својот татко, Захарија. Но, Елисавета рекла: „Не, туку ќе се вика Јован“ (Лука 1:60). Таа не заборавила дека ангелот Гавриел рекол на детето да му го дадат името Јован.

Но, соседите и роднините почнале да се бунат: „Никој од твоите роднини не се вика така“ (Лука 1:61). Потоа, со гестови го прашале Захарија како сака да се вика син му. Захарија побарал да му донесат плочка и на неа напишал: „Јован му е името“ (Лука 1:63).

Во тој момент, Захарија преку чудо почнал повторно да зборува. Тој го изгубил говорот кога не му поверувал на ангелот кој му објавил дека Елисавета ќе забремени. Кога соседите виделе дека Захарија прозборел, не можеле да си поверуваат на очите и ушите! Сите се прашувале: „Што ќе стане од тоа дете?“ (Лука 1:66). Тие сфатиле дека Бог го одредил името на Јован.

Потоа Захарија се исполнил со свет дух и рекол: „Нека е благословен Јехова, Богот на Израел, зашто му се смилува на својот народ и го избави! И ни подигна рог на спасението во домот на Давид, својот слуга“ (Лука 1:68, 69). Изразот „рог на спасението“ се однесувал на Господарот Исус, кој наскоро требало да се роди. Во врска со благословите кои Бог ќе ги овозможел преку Исус, Захарија рекол: „Кога ќе бидеме избавени од раката на непријателот, ќе ни дозволи бестрашно да му служиме во лојалност и праведност пред него во сите наши денови“ (Лука 1:74, 75).

За својот син, Захарија прорекол: „А ти, дете, ќе бидеш наречено пророк на Севишниот, зашто ќе одиш пред Јехова за да му ги подготвиш патиштата, за да го поучиш неговиот народ за спасението, кое доаѓа преку проштавање на нивните гревови, поради длабокото сочувство на нашиот Бог. Поради тоа сочувство ќе ни дојде разденување од висините, за да им донесе светлина на оние што седат во темнина и во сенката на смртта, за да ги доведе нашите нозе на патот на мирот“ (Лука 1:76-79). Колку убава вест!

Додека сето тоа се случувало во куќата на Захарија, Марија се вратила дома, во Назарет. Бидејќи сѐ уште не била мажена, што се случило откако станало очигледно дека е бремена?