Префрли се на текстот

Префрли се на споредното мени

Префрли се на содржината

Јеховини сведоци

македонски

Исус — патот, вистината и животот

 ПОГЛАВЈЕ 7

Кај Исус дошле астролози

Кај Исус дошле астролози

МАТЕЈ 2:1-12

  • ЕДНА „ЅВЕЗДА“ ГИ ОДВЕЛА АСТРОЛОЗИТЕ ВО ЕРУСАЛИМ, А ПОТОА КАЈ ИСУС

Неколку мажи од Исток тргнале да го видат Исус. Тие биле астролози, односно луѓе што го набљудувале движењето на ѕвездите и тврделе дека можат да објаснат зошто на луѓето им се случуваат некои работи во животот (Исаија 47:13). Од својата земја на исток, тие виделе една „ѕвезда“ која ја следеле веќе стотици километри. Но, таа не ги одвела во Витлеем, туку во Ерусалим.

Кога стигнале во Ерусалим, астролозите прашале: „Каде е еврејскиот цар кој се роди? Зашто, ја видовме неговата ѕвезда кога бевме на исток и дојдовме да му се поклониме“ (Матеј 2:1, 2).

Кога дознал за тоа, цар Ирод, кој бил во Ерусалим, многу се вознемирил. Затоа ги викнал свештениците и некои други еврејски верски водачи и ги прашал каде требало да се роди Христос. На темел на она што го знаеле од светите списи, тие одговориле дека тој требало да се роди во Витлеем (Матеј 2:5; Михеј 5:2). Потоа царот тајно ги повикал астролозите и им рекол: „Одете и добро распрашајте се за детето. Кога ќе го најдете, јавете ми, за да одам и јас и да му се поклонам“ (Матеј 2:8). Но Ирод, всушност, сакал да го најде детето за да го убие.

Откако астролозите си отишле откај Ирод, се случило нешто многу необично. „Ѕвездата“ што ја виделе уште додека биле на Исток почнала да се движи пред нив. Очигледно, тоа не било обична ѕвезда. Таа се појавила на небото токму за да ги води. Астролозите ја следеле сѐ додека не застанала точно над куќата во која се наоѓале Јосиф и Марија со своето синче.

Кога влегле во куќата, астролозите ги виделе Марија и малиот Исус. Тие му се поклониле на Исус и му дале дарови — злато, темјан и смирна. Потоа сакале да се вратат кај Ирод, но Бог во сон ги предупредил да не го прават тоа. Затоа се вратиле во својата земја по друг пат.

Што мислиш, кој се погрижил на небото да се појави „ѕвездата“ што ги водела астролозите? Интересно е што таа не ги одвела право кај Исус во Витлеем, туку најпрво во Ерусалим кај царот Ирод, кој сакал да го убие Исус. Ирод тоа и ќе го направел ако Бог не се вмешал и не ги предупредил астролозите да не му кажат каде се наоѓа Исус. Јасно е дека Божјиот непријател, Сатана, се послужил со неа како средство за да ја оствари својата цел да го убие Исус.